Либерално-демократската партија поднесе тужба против Министерството за образование и наука поради неизвршување на законската обврска за усогласување на субвенционираниот студентски оброк за 2026 година, барајќи правдата да се истера преку суд.
„Има време за прес-конференции, дневни политички препукувања и самопофалби, но нема време да се испочитува законската обврска кон студентите! Поради тоа, Либерално-демократската партија (ЛДП) поднесе тужба во Управниот суд против Министерството за образование и наука поради недонесување управен акт за усогласување на субвенционираниот студентски оброк за 2026 година. Фактите делуваат поразително“, велат од ЛДП.
„Во 2023 година инфлацијата изнесувала 9,4%, во 2024 година 3,5%, а во 2025 година 4,1%. Но, и покрај законската обврска за усогласување, студентите и понатаму добиваат само 140 денари. Со пресметаното усогласување, студентскиот оброк во 2026 година требало да изнесува за околу 17% повеќе.
Разликата можеби на некој функционер седнат во некоја фотелја во институциите кои не ги ни знаеме дека постојат му изгледа незначителна, но за студент кој секој ден се соочува со остри поскапувања, секој денар значи повеќе.
ЛДП нема да дозволи законот да се применува селективно – строго за граѓаните, а по желба на институциите кога станува збор за нивните обврски“, наведуваат од ЛДП.
„Бидејќи вие не го спроведувате законот, ние ќе ја истераме правдата. Почнуваме со тужба до Управниот суд за поведување на управен спор за непочитување на законот, по што ќе следи Иницијатива за оценка на законитоста на исплатата на студентскиот оброк. Тука се наводите за тужбата кои што ќе бидат доставени, затоа што студентите ќе го добијат она што им следи согласно член два од законот. Ако има пари за Фетаи и разно-разни глупости, ќе имате пари и за студентите. А законот мора да се спроведе!“, изјави претседателката на ЛДП и пратеничка во Собранието, Моника Зајкова.
„Од ЛДП нагласуваат дека со тужбата бараат Министерството да биде задолжено да донесе управен акт со кој ќе ја утврди законски усогласената висина на студентскиот оброк.
Студентите не се должни да ја плаќаат цената на институционалната неодговорност!“, се додава во соопштението на ЛДП.












