Герасимовски им додели „Феникс“ на Тупурковски, Грчев, Бојаџиев и други истакнати личности: Да го чуваме наследството и да градиме за идните генерации

Макфакс

04/11/2026

11:00

327

Големина на фонт

а а а

Општина Центар го одбележа јубилејот - 50 години од формирањето на локалната самоуправа со доделување на признанијата „Феникс“ за животни постигнувања на истакнати личности, а градоначалникот Горан Герасимовски се заблагодари на сите кои придонесуваат за развојот на општината и најави продолжување на работењето за подобрување на условите за живот на граѓаните.

Со доделување на признанијата „Феникс“ за животни постигнувања на истакнати личности, Општина Центар го одбележа јубилејот, 50 години од формирањето на локалната самоуправа.

На свечениот прием, градоначалникот Горан Герасимовски им се заблагодари на сите кои низ годините придонесувале за развојот на Центар, на вработените во Општината, училиштата и градинките, соработниците, а особено на граѓаните за довербата, поддршката, критиките и предлозите кои се поттик за уште подобра работа.

„Да го чуваме она што ни го оставиле генерациите пред нас и да создадеме нешто вредно за генерациите по нас. Секоја генерација оставила свој белег во приказната за Центар и на сите нив им должиме благодарност и почит“, истакна Герасимовски.

Овогодишни добитници на признанието „Феникс“ се Васил Тупурковски, професор, правник и политичар; Зоран Михајлов, доајен на спортското новинарство; архитектот и урбанист Мирослав Грчев; актерите Магдалена Ризова Черних и Ѓокица Лукаревски; композиторот и пијанист Дуке Бојаџиев; д-р Марија Весова, анестезиолог, и Тодор Тасевски – Тото, кој со децении го негува боемскиот дух на Скопје.

Осврнувајќи се на изминатите пет години од мандатот, Герасимовски истакна дека во фокусот на локалната самоуправа биле потребите на граѓаните и конкретните промени во нивното секојдневие.

„Да се биде градоначалник на Општина Центар е огромна чест, но и уште поголема одговорност. Од првиот ден се водев од една едноставна мисла: секоја наша одлука треба да има смисла за луѓето што живеат тука. Понекогаш најважно е едно дете да добие подобри услови за учење, едно семејство место во градинка, еден повозрасен сограѓанин да почувствува дека не е заборавен. Во изминатите пет години, заедно со тимот, Советот и вработените, работевме токму на тоа: подобри услови за живот и зачувана блискост меѓу луѓето, маалските дружења и традициите што нè поврзуваат“, истакна Герасимовски, честитајќи го јубилејот на сите жители на општината.