По 41:23 против Луксембург, ракометарите на Кирил Лазаров во недела од 16:00 часот гостуваат кај Грција. Домаќинот го почна циклусот со пораз од 33:24 во Шведска.
Македонската ракометна репрезентација во недела го игра првиот гостински натпревар од квалификациите за ЕП 2028. Избраниците на Кирил Лазаров ќе се сретнат со Грција во салата „Тасос Камбурис“ во Халкида во 16:00 часот по скопско време.
Петковски очекува поинаков натпревар
Александар Петковски постигна пет гола во победата од 41:23 над Луксембург во Скопје. Во пресрет на гостувањето, тој рече дека репрезентацијата ги исполнила задачите на селекторот во првото коло и дека во Грција очекува поинаков натпревар.

Филип Кузмановски на натпреварот против Луксембург во Скопје. Фото: МКД.мк
Грција го отвори циклусот со пораз во Векше
Грците во четвртокот загубија со 33:24 од Шведска во Векше, па во Халкида ќе ги бараат првите бодови. Шведска, Македонија, Грција и Луксембург се во осмата квалификациска група.








