Клековски: Климатските промени повеќе не се само еколошки предизвик, туку закана за здравјето

Макфакс

09/11/2026

14:40

224

Големина на фонт

а а а

Министерот за здравство Сашо Клековски на COP31 во Анталија ги истакна заканите од климатските промени врз јавното здравје и важноста на интеграција на здравствените политики во климатските стратегии. На два панела на високо ниво, тој ги претстави искуствата и приоритетите на Македонија во справување со климатските и здравствени кризи.

Министерот за здравство Сашо Клековски на конференцијата COP31

Министерот за здравство Сашо Клековски учествуваше на Денот на здравјето на конференцијата на Обединетите нации за климатски промени COP31 во Анталија, Турција. Таму се обрати на два настана на високо ниво.

На Министерската тркалезна маса, која ја копретседаваа министерот за здравство на Турција, Кемал Мемишоглу и претседателот на COP31, Мурат Курум, со учество на генералниот директор на Светската здравствена организација, д-р Тедрос Аданом Гебрејесус, клучни обраќања имаа министерот за здравство на Бразил, Александре Падиља и Австралија.

Приоритети на министерот Клековски

На тркалезната маса министерот Клековски истакна три приоритети: вклучување на здравјето во климатските политики; инвестиции во здравствени системи отпорни на климатските промени; полесен пристап до финансирање и посилна меѓународна соработка.

-Климатските промени повеќе не се само еколошки предизвик, туку растечка закана за јавното здравје. Оваа година во Македонија тоа го почувствувавме директно: западнонилската треска предизвика повеќе случаи отколку во претходните петнаесет години заедно. Стратегиите сами по себе не ги штитат луѓето. Ги штити нивното спроведување, изјави министерот.

Хуманитарна помош и здравје

На панелот на високо ниво „Хуманитарна помош и здравје: интеграција во управувањето со кризи“ министерот Клековски ги претстави искуствата на Македонија.

Панелот го организираа Министерството за здравство на Република Турција и Регионалната канцеларија на СЗО за Европа. Министерот зборуваше за зајакнување на подготвеноста на здравствениот систем преку националниот акциски план за здравствена безбедност 2024–2030 и Акцискиот план за заштита од топлотни бранови 2025–2030.

-Националната подготвеност сама по себе не е доволна кога кризите ги надминуваат капацитетите на една држава. Меѓународната помош мора да биде навремена, заснована на реалните потреби и координирана со националните институции, за да ги надополнува, а не да ги заменува домашните капацитети, порача министерот Клековски. Тој ја поздрави анталиската иницијатива за здравствена отпорност.

Учество на панелот „Големи лекции од малите нации“

Подоцна во текот на денот министерот Клековски ќе учествува и на панелот „Големи лекции од малите нации: здравствено лидерство во клима што се менува“, во организација на Светската здравствена организација. Панелот го модерира, Катрин Јакобсдотир, поранешна премиерка на Исланд и претседателка на паневропската комисија за клима и здравје. Таму министерот ќе го претстави искуството на Македонија со спроведувањето на Акцискиот план за заштита од топлотни бранови.