Проектот за османлискиот објект е предвиден во програмата за 2027 година. Завршено е расчистувањето на дворот, а следните работи ќе се договараат со надлежните институции.
Проектот за заштита на џамијата „Коџа Мехмед-бег“ во кумановско Табановце ќе биде дел од програмата на Министерството за култура и туризам за 2027 година, објави „Куманово њуз“ на 9 ноември, повикувајќи се на Министерството.
На 5 ноември објектот го посетија министерот за култура и туризам Седат Сулејмани, кумановскиот муфтија Абедин Имери и директорот на Националниот конзерваторски центар Александар Јорданоски, објави „Алфа“. Џамијата е од османлискиот период и во 2008 година е прогласена за значајно културно наследство.

Посетата на делегацијата на џамијата во Табановце на 5 ноември · Алфа Вести
Кумановското муфтиство ја завршило првата фаза од работите, со расчистување на просторот и обележување на границите на дворот. Следните фази ќе се спроведуваат во координација со надлежните институции.
По посетата, Сулејмани разговарал со градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски, и за пристапниот пат до објектот. Според Министерството, договорот за купување на земјиштето за патот е веќе потпишан.
Кавер: џамијата во Табановце. Фото: „Куманово њуз“.








