Димитриеска-Кочоска: Буџетските корисници немаат изложеност кон Алта банка, средствата се во Трезорот, финансиската стабилност е сигурна

Макфакс

11/11/2026

17:10

264

Големина на фонт

а а а

Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска ја гарантира финансиската стабилност на државата, оти буџетските корисници немаат изложеност кон Алта банка, а средствата се чуваат преку Трезорот. Нагласува дека ризикот е минимален и надзорот над банката е во рацете на Народната банка.

Нема ризик за финансиската стабилност на државата поради состојбите во Алта банка АД Битола, порача министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска на денешната надзорна расправа во Собранието.

Таа посочи дека буџетските корисници согласно закон не можат да отвораат сметки во комерцијалните банки, туку своите средства ги чуваат и реализираат исклучиво преку Трезорот.

Во однос на јавните претпријатија и акционерските друштва на централно ниво, од досега добиените информации само едно претпријатие има сметка во Алта банка за што не постои никаков ризик.

„Сакам јасно да порачам дека нема ризик за финансиската стабилност на државата. Буџетските корисници немаат сметки во комерцијалните банки, туку средствата ги чуваат и реализираат преку Трезорот. Кај јавните претпријатија и акционерските друштва, според досега добиените информации, изложеноста е минимална“, истакна Димитриеска-Кочоска.

Во однос на институционалните надлежности, министерката нагласи дека супервизијата и надзорот над банкарското работење се исклучива надлежност на Народната банка, додека Министерството за финансии има надлежност во подготовката на законската регулатива.

Во однос на прашањето за можноста Министерството за финансии да влијае врз исходот од постапката, истакна дека таква можност не постоела, имајќи предвид дека станува збор за законски утврдена постапка во надлежност на независната Народна банка.

Министерката потенцираше и дека во процесот на стекнување на сопственоста врз банката Министерството за финансии немало никаква улога, бидејќи стекнувањето на сопственичкиот удел било реализирано преку купопродажба на акции и јавен оглас.