Зетот на Трамп го исцртува новиот поредок во Европа: Што значи тоа и кој ќе го гарантира мирот?

Точка

11/11/2026

22:39

974

Големина на фонт

а а а

Џаред Кушнер сака разговорите за завршување на војната во Украина да ги прошири и на договор за безбедноста на цела Европа. Европските влади се подготвени за разговори, но инсистираат на одреден редослед: најпрво прекин на огнот, а потоа преговори со Москва за идните односи.

Зад ова несогласување се крие прашањето до кој степен Русија смее да влијае врз безбедносните одлуки на своите соседи.

Зетот на Трамп и преговарач го претстави својот предлог во пресрет на трилатералните разговори меѓу САД, Украина и Русија во Абу Даби, закажани за 10 и 11 ноември. Неговата идеја е да воспостави потраен систем на преговори и договори што би го намалил ризикот од нови конфликти.


Предлогот опфаќа пет главни точки: постојани безбедносни консултации, сигурна комуникација во кризни ситуации, поголема транспарентност на воените активности, заемни мерки за намалување на ризикот од ескалација и долгорочна рамка за европската безбедност.

„Нашата цел е да развиеме практични договори што ќе ги земат предвид безбедносните грижи на сите страни, ќе го намалат ризикот од идни конфликти и ќе создадат постабилна и попредвидлива безбедносна средина“, напишал Кушнер.


Кушнер притоа тврди дека НАТО ќе ја задржи централната улога во колективната одбрана на Европа. Државите самостојно би одлучувале за својата безбедност и сојузништва, без можност некоја друга земја да им наметне вето.

Консултациите би ги вклучувале Украина, НАТО, Европската Унија и европските партнери, додека Вашингтон би ја вклучил Русија преку мировните преговори.

Според колумнистот на „Вашинтон пост“ Дејвид Игнатиус, Кушнер го разгледува Советот НАТО – Русија како можен модел за ваквата соработка.

Што би добила Русија за возврат?

За европските претставници, проблемот започнува во моментот кога општите принципи треба да се претворат во конкретен договор. „Вашингтон пост“ пишува дека американската иницијатива за отворање поширока дискусија за европската безбедност одговара на долгогодишното барање на Кремљ.

Глен Хауард, претседател на фондацијата Саратога, во изјава за Радио Слободна Европа предупредил на барањето на советникот на Кремљ, Јуриј Ушаков, за враќање на НАТО на позициите пред проширувањето во 1997 година.


*Владимир Медински, советникот и помошник на Владимир Путин, на трилатералните разговори меѓу САД, Русија и Украина во ОАЕ

Поради тоа, Хауард го поставува прашањето какви отстапки би понудила Москва и предупредува дека дури и самото отворање преговори за позиционирањето на НАТО би можело да создаде преседан.

Одговорот на шефицата на европската дипломатија, Каја Калас, беше директен: „Ние веќе имаме европска безбедносна архитектура“. Нејзината забелешка е дека Русија ги прекршува договорите врз кои се темели тој систем.

Киев инсистира на редоследот на преговорите

Украинскиот претседател Володимир Зеленски исто така предупредува на опасноста од разговори за нова европско-руска безбедносна рамка пред завршувањето на војната.

Според ставот на Киев, најпрво треба да се утврди како да се запре руската агресија и какви безбедносни гаранции ќе ја штитат Украина. Дури потоа би можело да се постигне поширок договор со Москва.

Поранешниот американски амбасадор во Украина, Џон Хербст, за Радио Слободна Европа ја опишал суштинската тешкотија: на Киев му се потребни сериозни безбедносни гаранции за да опстане како независна држава, додека Москва, според неговата проценка, не сака да ги прифати.


Затоа, вредноста на предлогот на Кушнер ќе зависи од содржината на тие безбедносни гаранции и од подготвеноста на Русија да ја запре војната.

Петте принципи ги оставаат отворени токму најтешките прашања: кој би го гарантирал спроведувањето на договорот и како би се реагирало доколку некоја од страните го прекрши.