Познатиот бизнисмен и татко на супермоделите Џиџи и Бела Хадид, Мохамед Хадид (78), ја објави свршувачката со својата 35 години помлада партнерка Кени Силва (43).
Среќната вест парот ја споделил на првиот бал на списанието „Вог Арабија“, одржан на 13 ноември во Дубаи, каде што привлекле големо внимание.
За оваа посебна пригода, Кени избрала елегантен фустан во боја на слонова коска, кој потсетувал на венчаница, а нејзиниот изглед дополнително го истакнал раскошниот дијамантски свршенички прстен.
„Љубовта нема рок на траење, исто како и нашите соништа. Секогаш можете да започнете одново, повторно да ја пронајдете љубовта и сепак да ја доживеете својата бајка и среќен крај“, изјавила Кени за „Вог Арабија“.
Таа додала дека нивната свршувачка носи и посебна порака за жените кои поминале низ развод.
„Не станува збор само за прослава на нашата свршувачка. Сакаме и да ги потсетиме жените дека нивната приказна не завршува со разводот“, порачала таа.
Романтично запросување како изненадување
Мохамед ја запросил својата партнерка во познатиот ресторан „The Polo Lounge“ во Лос Анџелес, кој често го посетуваат холивудските ѕвезди.
Запросувањето го организирал како изненадување, а пред излегувањето на Кени само ѝ рекол убаво да се облече.
Според пишувањата на „Вог Арабија“, Кени мислела дека одат да го прослават нејзиниот деловен успех, не претпоставувајќи дека Мохамед планира да ѝ го постави најважното прашање.
Зборувајќи за својата идна сопруга, бизнисменот не криел колку е вљубен.
„Она што го сакам кај Кени е нејзината едноставност, љубовта кон животот и љубовта кон децата. Мислам дека се вљубив во неа речиси во истиот момент кога ја запознав нејзината душа и сфатив колку е убава, не само однадвор, туку и однатре“, изјавил тој.

Ниту Кени не штедела пофални зборови за својот свршеник: „Покрај неговото прекрасно срце, неверојатната страст и великодушноста, најмногу го сакам тоа што секогаш ме насмејува. Тој ги поддржува моите амбиции, ме охрабрува да ги остварам своите соништа и ми дозволува да летам, без притоа некогаш да се обиде да ми ги потсече крилјата“.
Иако сега официјално ја потврдиле свршувачката, парот засега не брза со свадбата, туку сака да ужива во новото животно поглавје.
Љубовна приказна и покрај разликата во годините
Силва е руска манекенка, авторка и сертифицирана советничка за разводи, а позната е и по учеството во реалното шоу „The Real Housewives of Orange County“.
Од претходниот брак со маж кој бил 30 години постар од неа има две деца, ќерката Алексис (18) и синот Џошуа (14).

Со Мохамед романтично ја поврзуваат од 2023 година, а нивната голема разлика во годините веќе неколкупати била тема на медиумските написи. Кени претходно се осврнала на критиките за нивната врска и јасно порачала дека туѓите мислења не ѝ се важни.
„За мене љубовта нема години. Годините се само бројка. Во душата се чувствувам млада. Кому му е грижа?“, изјавила таа за „Дејли мејл“.
Претходните бракови на познатиот бизнисмен
За Хадид ова ќе биде трет брак. Од 1979 до 1992 година бил во брак со Мери Батлер, со која има две ќерки, Мариел и Алана.
Потоа се оженил со поранешната манекенка Јоланда Хадид, со која бил во брак од 1994 до 2000 година. Заедно имаат три деца – светски познатите манекенки Џиџи и Бела, како и синот Анвар. Од кратката врска со Тери Хетфилд Дал ја добил и ќерката Ејдан.

Пред да ја запознае Кени, Мохамед бил свршен со манекенката и телевизиска личност Шива Сафаи, но нивната врска завршила во 2019 година.
И покрај двата неуспешни брака и претходната свршувачка, се чини дека познатиот бизнисмен не ја изгубил вербата во љубовта, па сега со својата нова избраничка планира заедничка иднина.










