[ВИДЕО] „Ниту една повеќе!“: Граѓаните бараат правда и одговорност – доста е од насилство врз жените

Точка

20/11/2026

15:14

1.322

Големина на фонт

а а а

Граѓанската иницијатива „Ниту една повеќе“ повторно го крева гласот против насилството врз жените и фемицидите во Македонија. По случаите што ја потресоа јавноста, активистите бараат институциите да престанат со празни ветувања и да преземат конкретни мерки за заштита на жртвите и утврдување одговорност за евентуалните пропусти.

За денеска, 20 ноември, во 13 часот беше најавена блокада на улицата „Илинденска“ пред Владата, додека за среда, 25 ноември, е најавен нов протест во центарот на Скопје.

Протестот на 25 ноември, кога се одбележува Меѓународниот ден за елиминација на насилството врз жените, треба да започне во 17 часот во паркот „Жена борец“.

„Доста беше од ветувања, молчење и чекање“

Организаторите порачуваат дека повеќе не е доволно институциите само да изразуваат сочувство по трагичните случаи.

„Бараме одговорност, бараме правда, бараме права!“ е една од пораките со кои граѓаните се повикуваат да го поддржат протестот.


Според иницијативата, проблемот не е само во самите случаи на насилство, туку и во прашањето дали државните институции реагираат доволно брзо и ефикасно кога жртвите бараат помош.

Активистите инсистираат на вистинска, навремена заштита, наместо постапување кое завршува само со формално спроведување на процедурите.

Трагедијата во Богданци повторно го отвори прашањето за институционалната одговорност

Еден од случаите што предизвикаа силни реакции во јавноста е смртта на 17-годишната Билјана Кириќ од Богданци.

Според претходните медиумски извештаи, девојката пријавувала насилство и закани, а биле преземени и одредени правни мерки. Сепак, трагичниот исход не бил спречен.

На протестниот марш одржан на 8 ноември во Скопје, граѓаните побараа целосно расветлување на околностите и утврдување дали имало пропусти во институционалното постапување.

Главното прашање што го поставуваат активистите е дали постојните мерки навистина ги штитат жените што пријавуваат насилство.

Бараат законски измени и конкретни санкции

Од иницијативата „Ниту една повеќе“ бараат побрзо усвојување на законските измени за спречување и заштита од насилство врз жените и семејно насилство.

Меѓу барањата се и поголема одговорност на надлежните институции, подобра координација меѓу полицијата, социјалните служби и правосудството, како и преземање мерки против функционерите што го оправдуваат или го нормализираат насилството.

Активистите бараат и враќање на поимите „род“ и „родова еднаквост“ во законите, програмите и образованието, сметајќи дека тие се важни за препознавање и спречување на родово базираното насилство.