Уапсен еден од десетте најбарани бегалци на ФБИ, 11 загинати во акцијата во Синалоа

Точка

21/11/2026

23:48

285

Големина на фонт

а а а

Четворица мексикански војници и седуммина осомничени припадници на картелот загинале во акцијата за апсење на Фаусто Исидро Меса Флорес, познат како „Ел Чапо Исидро“, соопшти мексиканското Министерство за одбрана.

Мексиканските сили го уапсиле Фаусто Исидро Меса Флорес во градот Гуасаве, во сојузната држава Синалоа. Акцијата почнала во петокот, на 20 ноември. Во саботата мексиканското Министерство за одбрана го потврди бројот на загинати во вооружените судири.

Меѓу загинатите се четворица војници испратени како засилување во Гуасаве. Според Министерството, другите седуммина биле осомничени припадници на картелот, пренесе мексиканскиот весник „Ла Хорнада“.

Архивска потерница на ФБИ за Фаусто Исидро Меса Флорес

Архивската потерница за Меса Флорес. Фото: ФБИ

Пукањето во Гуасаве продолжило во текот на ноќта. Како што пренесе Асошиејтед прес, повикувајќи се на мексикански федерален функционер, војската и Националната гарда успеале да го извлечат уапсениот од градот дури околу четири часот наутро по локално време. Потоа со авион бил префрлен во Мексико Сити.

Меса Флорес, познат како „Ел Чапо Исидро“, бил на списокот на десетте најбарани бегалци на ФБИ. Американските власти го барале поради обвиненија поврзани со трговија со дрога и нуделе до пет милиони долари за информации што би довеле до негово апсење.