Мегапроект вреден 16 милијарди долари сè поблиску до реализација: Турција и Ирак планираат изградба на „сув канал“ кон Европа

Супермен

27/11/2026

19:41

836

Големина на фонт

а а а

Турција и Ирак ги решиле сите отворени прашања поврзани со финансирањето на проектот „Развоен пат“, чијашто вредност изнесува 16 милијарди долари, а договорот би можел да биде потпишан до крајот на годината, изјавил турскиот министер за транспорт, Абдулкадир Уралоглу.

Уралоглу во средата во Багдад разговарал со своите ирачки колеги и високи претставници на властите. Како што навел, потпишувањето на договорот сега е само прашање на време.

„Ирачката влада сака во јануари да го постави камен-темелникот, во присуство на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган“, додал министерот.

Нафта за изградба

Проектот бил претставен во мај 2023 година како „сув канал“ кој преку железничка и патна инфраструктура би го поврзал ирачкото пристаниште Гранд Фав во Басра со Турција и Европа. Оттогаш се соочувал со бројни пречки. Регионалните претставници изјавија дека првичните партнери, меѓу кои Обединетите Арапски Емирати и Катар, не успеале да обезбедат финансиски средства, па Багдад и Анкара барале други решенија.

Според зборовите на Уралоглу, двете страни се договориле за моделот „нафта за изградба“, кој го осмислила Анкара.

„Ирак би ѝ продавал на Турција од 130.000 до 150.000 барели нафта дневно, а средствата би се користеле за финансирање на проектот“, објаснил Уралоглу.


Тој истакнал дека приоритет има железницата, по чија траса ќе биде поставена оптичка мрежа, со што ќе се овозможи и пренос на податоци од Басра до Турција.

Според предложениот метод, ирачките власти би ја одредувале цената на барел нафта во согласност со состојбата на пазарот. Парите од продажбата на нафтата би се депонирале во турската државна банка, додека заеднички турско-ирачки конзорциум би управувал со парите и би ги исплаќал изведувачите во согласност со напредокот на градежните работи. Во проектот би требало да учествуваат и ирачки и турски компании.

Неименуван турски функционер изјавил за „МЕЕ“ дека ваквиот модел на плаќање би обезбедил транспарентност и би ги заштитил изведувачите од неизвесностите поврзани со ирачките јавни финансии. Според него, на тој начин евентуалната промена на власта во Багдад потешко би можела да го запре проектот, а не би биле потребни ниту скапи странски кредити.

„Можеби финансискиот договор ќе го потпишеме уште следниот месец, а проектот ќе го завршиме за четири години“, нагласил Уралоглу.

Промени на власта и отпорот од Курдите

Сепак, министерот признал дека промените на раководните позиции во Ирак го отежнале решавањето на отворените прашања. Смените на премиерот и министерот задолжени за проектот од 2023 година го довеле проектот на раб на откажување, додека критичарите наведуваат дека во последните три години немало никаков напредок.

За време на посетата на ирачкиот премиер Али ал-Заиди на Анкара во јули, дел од ирачките функционери се двоумеле дали да го потпишат меморандумот за „Развојниот пат“. Ирачкиот министер за транспорт, Вахаб ал-Хасани, не се појавил на церемонијата на потпишување, па ал-Заиди морал да интервенира за меморандумот, со кој се поставувале темелите за финансирање на инфраструктурата со приходи од нафта, да биде потпишан за време на вечерата.


Неколку добро упатени извори изјавиле за „МЕЕ“ дека инцидентот делумно бил предизвикан од противењето на ирачките Курди на предложената траса. Според актуелниот план, железничката пруга во најголем дел би го заобиколила ирачки Курдистан и би стигнала до турската граница кај Овакој.

Војната меѓу САД и Иран и блокадата на Ормускиот Теснец го загрозиле извозот на ирачката нафта по овој пат, имајќи предвид дека низ теснецот поминуваат 80 отсто од вкупното ирачко производство на нафта. Тоа го натерало Багдад повторно да го разгледа проектот.

„Кризата во Ормускиот Теснец беше предупредување за ал-Заиди дека мора да се фокусира на проекти за поврзување и поразновидни извозни рути“, изјавил Мехмет Алаџа, регионален експерт кој го следи овој проект.

Според него, новиот модел на финансирање веројатно ќе ги реши претходните проблеми, како што се противењето во рамките на ирачката влада и недостигот од финансиски средства.


За време на посетата на Уралоглу, владата на Ал-Заиди, врз основа на пресудата на ирачкиот Уставен суд, побарала од Регионалната влада на Курдистан да им ја предаде на централните власти контролата врз граничните премини и нафтените полиња во спорните подрачја. Меѓутоа ова барање предизвикало нови тензии.

Алаџа смета дека решение би можело да се најде во врска со трасата, која минува низ Духок и завршува кај Фајш Кабур, под курдска управа. Уралоглу навел дека Анкара е отворена за помали измени на трасата и дополнителни поврзувања на главната железничка линија со станиците во ирачки Курдистан, но дека конечната одлука е во рацете на Багдад. Висок турски функционер оценил дека тензиите на долг рок нема да влијаат врз проектот.

Кувајт би можел да се приклучи

Прашањата за изводливоста на проектот ги покрена и граничниот спор меѓу Кувајт и Ирак, кој се однесува на копнената и поморската граница. Уралоглу изјавил дека ниту Анкара ниту Багдад во тоа не гледаат непосредна пречка, бидејќи изградбата на пристаништето Фав се одвива без проблеми.

Тој додал дека на проектот би можел да му се приклучи и Кувајт, кој, според дипломатски извори во Анкара, би можел преку оваа рута да транспортира нафта до Турција.


Според официјалните процени, проектот „Развоен пат“ би можел да ѝ донесе на турската економија 61,5 милијарди долари во период од десет години и во просек по 71.000 работни места годишно.


Спонзорирани линкови

Маркетинг
назад до tocka.com.mk