Филмската приказна на Лаулауга Таусага: На минатите две СП беше последна, а сега стана светски првак

Вчеравечер во Будимпешта видовме едно од најголемите изненадувања во атлетиката во последните 10-тина години, кога малку познатата фрлачка на диск, Лаулауга Таусага сензационално стана светски првак. 25-годишната Американка вчера во петтата серија од финалето фрли диск на далечина од 69,49 метри и сензационално стана светски првак, пред актуелната олимписка шампионка и сопственичка на најдобриот резултат сезонава, сонародничката Валери Олман, бранителката на титулата од Кина, Фенг Бин, и легендата на оваа дисциплина Сандра Перковиќ.