Елена Чуркоска: Сè што ќе замислам сакам да се реализира сега, веднаш, одма...

Точка

30/04/2018

15:30

14.912

Големина на фонт

а а а

Единствената жена во кајакарската федерација и една од ретките жени на раководна функција во спортските федерации во Македонија овој пат пред фото-камерата на Точка. И тоа во сосема поинакво издание од она на кое навикнале да ја гледаат колегите, пријателите, блиските роднини и јавноста...

Вљубена е во секој спорт што е поврзан со вода и отворен простор. Во таков амбиент и пораснала во родната Струга, уште од малечка поигрувајќи со кајакот и веслото на Охридското Езеро, страст која подоцна таа ја претвори во професионален спорт, кајакарство на мирни води, кој и донесе многу успеси, награди и препознатливост. И нејзината природа е темперамент се незапирливи. Енергична и позитивна, Елена Чуркоска (28) е од оние личности кои имаат шарм да ви го разубават денот и по половина час комуникација. Таа точно знае што сака да постигне и сигурно се движи кон тоа. За оваа фотосесија одлучивме да ја искористиме околината каде таа поминува најмногу часови и во која таа се чувствува најудобно – Матка.

- Последното значајно нешто на кое работевте е 50-тото издание на ИКАС, кое се одржа минатиот месец во ораганизација на Македонската кајакарска федерација, каде го имате ангажманот на генерален секкретар. Верувам да се организира ваква трка, каде имаше учесници од неколку земји од Европа е голем и сериозен предизвик. Кои беа Вашите задачи и дали сте задоволна од атмосферата на настанот?

Да се биде дел од еден ваков голем традиционален спортски настан од меѓународен карактер е навистина предизвик. Во организацијата на настанот учествувам од 2014 година и за овие неколку години забележав дека ИКАС прерасна во препознатлив спортски бренд, еден вид украс на Град Скопје. Така се следна година ИКАС ќе станува сè поголема и помасовна спортска манифестација. Годинава го прославивме 50-тиот златен јубилеј во прекрасна атмосфера, со многу љубители на спортот и природата. Се радувам што голем број граѓани одлучија Велигден да го прослават со нас на Матка.


- Вашата функција носи голелема одговорност. Освен тоа сте една од ретките жени меѓу многуте мажи во федерацијата. Почитувана сте, вреднувана? Зошто избравте да ја извршувате оваа функција на главен секретар? Која е Вашата цел, сон?

Генерален Секретар значи е голема одговорност и сериозна задача. Секоја одговорна работа носи предизвици, а мојот е потикнување на амбицијата на луѓето кои работат со мене. Со преголема желба и ентузијазам ја прифатив оваа функција. Во кајакарската федерација сум единствена жена и една од ретките жени на раководна функција во спортските федерации во Македонија. Сега некако и се актуелизира темата жена во спортот, што особено ме радува. Можеби звучи феминистички меѓутоа недостасуваат жени на раководни функции во спортските федерации. Всушност за тоа и се заложуваат светските матични федерации. Со зглемувањето на застапеноста на жената во спортот ќе се зголеми и интересот на женската популација за практикување на истиот, а ова е особено значајно за оние спортови што ги декларираат како машки, како во случајов кајакарството. Мојата замисла е кајакарството да го вратиме во оној сјај каков што негувал порано и да се постигнуваат одлични резултати, зашто кога нив ги има имаме сè... Сакам да се реализирам преку спортот, кајакарството зашто тоа ме исполнува, ме прави најсреќна...

- Кајакот како спортски реквизит е Ваш природен избор. Сепак, пораснавте во Струга, покрај/на езеро. Кои се нештата заради кои Вие потполно се вљубивте уште тогаш во овој спорт?

Со кајакот сум уште од најмали години. Мислам и дека имам една фотографија каде седам во кајак на само 1 година возраст (се смее). Љубовта кон кајакарскиот спорт е наследена. Потекнувам од семејство каде се негува здравиот начин на живот и се практикува физичка активност. Дедо ми бил кајакар, потоа татко ми кој беше особено успешен во овој спорт ие познат репрезентативец во поранешната кајакарска репрезентација на Југославија. Тој е сè уште спортски активен и во топ форма и ми е пример за ред и истрајност. Кајакот е прекрасен спорт и се случува во природа што дополнително придонесе да ми стане прва љубов.


- Многу години кајакарење, многу натпревари... можете ли да споделите со нас некои моменти од Вашата кајакарска кариера: убави и од оние кои биле потрауматични, а сепак поучни?

Најубавите моменти се оние каде натпреварите се крунисани со победа. Не се опишува со зборови. Кој почувствувал знае. Тука се и другарувањата и пријателствата кои траат до ден денес, патувањата секој месец на следна дестинација, подготовки за натпревари... Потешкиот дел е истрајноста, дисциплината кои се неминовни за овој индивидуален и физички особено напорен спорт. Додека бев натпреварувач најмногу ми сметаат “спортските политики” кои допреа до мене и имаа извесно влијание на завршувањето на мојата натпреварувачка кариера. Имам едно негативно искуство кога се почувствував особено разочарана. Кога станав дел од Кајакарската Федерација сакав да го променам “светот”, системот и не сакам ниту едно друго дете да се откаже од спортот заради причините заради кои се откажав јас. А, налетав на многу слични приказни, за жал.


- Како кајакот на мирни води, како Ваша специјалност, кореспондира со Вашиот темперамент и енергичност?

Најверојатно ја смирува и насочува мојата енергија. Единственото место каде се чувствувам потполно своја и сигурна е езерото - водата, кајакот, веслото и светот е мој (се смее).

- Кои зборови, реченици би ги употребиле за да се опишете себе си со сите маани и доблести?

Темпераментна, ведра, насмеана 99%, позитивна, енергична и оптимистички настроена. Го сакам детето во себе и сакам да биде со мене до крај на животот. Емотивна сум, некогаш тврдоглава и нетрпеллива, некогаш зборувам многу (признавам, што значи половина ми се простува). Сакам сè што ќе замислам да се реализира сега, веднаш, одма... (се смее).

- Имате ли некој талент/дарба/вештина за која малкумина знаат?

Сакам да си пишувам, да си цртам и го правам тоа во слободното време за да ја вежбам креативноста. Почитувам уметност, ме воодушевува и инспирира.


- Дали сега кога како организатор го гледате кајакарењето од сосема друга страна... Ви недостасува ли па чувствувате напати порив повторно да влезете во вода, што би се рекло?

Во позиција сум да гледам на спортот од друга перспектива, поразлична од онаа кога бев спортист. И на моменти премногу ми недостасуваат кајакот и веслото, особено кога гледам натпревари. Честопати сакам да си седнам во чамец и да си извеслам. Нема подобар ментален филтер од физичка активност.

- Во неофицијалниот разговор ми споменавте дека ги сакате сите спортови што се на/со вода и сите оние што се на отворен простор... Во кој се се имате испробано и какви се искуствата?

Секое искуство е позитивно. Сакам вода и природа. Еден од првите спортови во кои бев активна е пливањето, кое сè уште уживам да го практикувам. Сакам пешачење, трчање, скијање, веслање, рафтинг, планинарење... Ја сакам природата. Забавно ми е и уживам. Ме исполнува.


- Наспроти спортистот, во себе ја негувате и женската нежна субтилна енергија... Како ја чувате токму таа женственост? Како ја надоградувате? Кои нешта духовно Ве исполнуваат, прават среќна?

Обожувам да си посветувам време само на себе и имам такви денови кога си правам педикир, маникир, третмани на лице, коса. Но, она што навистина ме исполнува и ме прави среќна е моето семејство и моето куче Лино. Деновите поминати во Струга со моите роднини, со внук ми Максим и нашиот миленик Лино ми ја враќаат енергијата. Тоа ме прави најсреќна. Многу љубов на едно место. Тоа е тоа!

- Како би го опишале Вашиот моден стил? Што сакате да имате на себе преку ден, а што во вечерните и други свечени пригоди? Што е најхраброто нешто што сте го ставиле на себе како модно парче?

Не сум зависник од модата, иако ја следам. Мојот стил е: урбан, со софистицирана елеганција. Преку ден сакам урбан кежуал комбинации, а за посвечени и вечерни пригоди избирам класична софистицирана елеганција, со субтилни детаљи кои прилегаат на мојата енергија. Без фина енергија ниту едно парче облека не прилега соодветно. Не експериментирам со изгледот и стилот, ја следам модата и ја вклопувам во сопствениот стил.

- Дали покрај себе/до себе имате момче/партнер со кој го делите секојдневието и животните искуства?

Не. Имам многу пријатели и пријателки со кои во моментов го делам секојдневието и убаво ми е.


- Каков е Вашиот вкус за момчиња? ? Дали сте наклонети кон оние со сличен темперамент како Вашиот или пак сосема спротивни, посмирени?

Немам дефиниција за тоа. Едноставно се случува привлечност, енергија, емоција... без формула и дефиниција.

- Веќе одреден период Скопје е Ваш дом. Излегувате, шетате, каде се забавувате? Тука е и Матка, поправиме точно за ова) каде одите често... Сакате ли патувања? Каде досега сте биле?

Скопје е мојот втор дом и го доживувам како у бав и жив град. Додека бев студентка повеќе сакав вечерни излегувања. Во последно време повеќе ми прија денската шема, позитивно друштво, насмеани лица, кафе, салатичка... Матка е супер кога нема гужва и често сум таму. Обожувам да патувам и секогаш тоа ми недостасува. Со оглед на тоа дека се занимавав со спорт, патувањата се неизбежен дел. Досега бев на многу места, но ќе ги ги издвојам Стразбург, Колмар, Прага, Крит, Баку...


- Што следно подготвувате? Какви се Вашите планови за професионалната ангажираност во иднина? Каде би сакале да бидете?

Сега се подготвуваме за Европското првенство за јуниори и сениори до 23 години во дисциплината спуст, кое ќе се случи во август годинава. Како домаќини нè чека многу работа. Како што споменав погоре сакам да се реализирам преку спортот, затоа што е моја голема љубов. Уживам во оваа работа!

Бонус прашања:

- Шпанија или Тибет?

Тибет

- Верувам во...

Љубов

- Комедија или психолошки трилер?

Зависи од расположение, само да не е хорор хахах

- Мадона или Бијонсе?

Бијонсе

- Повеќе би се израдувала на букет цвеќе или искрен комплимент...

И на двете!


Подготви: Гордана Настевска-Манасијеска ;

Фото: Марко Маркоски ;

Стајлинг: Тамара Стерјова Савовски, Fashion Atelier “Four TS” ;

Шминка и фризура: Фросина ФРАН Ангеловска ;

Посебна благодарност до Слободан Дане Капевски .



Спонзорирани линкови

Маркетинг