Интервју со проф. Михајло Зиноски-Saint-Gobain Architecture Student Contest 2026 е можност за нашите студенти своите идеи да ги споредат со проекти од цел свет

Точка

18/06/2026

11:12

185

Големина на фонт

а а а

Од првото издание во 2004 до ова издание во 2026 година во Белград, Србија, натпреварот Saint-Gobain Architecture Student Contest тардиционално се организира секоја година.

Цела генерација на студенти учествуваат на Architecture Student Contest натпреварот за студенти по архитектура со цел да се придонесе кон размислувањето за тоа како да се обликува иднината на одржливата архитектура.

Натпреварот за прв пат беше организиран во 2004 година под името Saint-Gobain Isover, за да потоа стане меѓународен настан и од 2005 година до денес да се организира.

Целта на натпреварот е студентите да работат на проект поврзан со „вистинско“ барање на клиентот, што претставува одлична можност за студентите по архитектура да стекнат професионално искуство, а воедно и да ја откријат важноста на одржливоста во современото градежништво.

Професоре Зиноски, по подолг период Архитектонскиот факултет од Скопје повторно учествува на овој меѓународен натпревар на Saint-Gobain. Што значи ова за факултетот и за студентите?

Пред сè, ова претставува можност Архитектонскиот факултет повторно активно да биде дел од една престижна меѓународна академска платформа под покровителство на Saint - Gobain. За студентите учеството на меѓународен архитектонски конкурс е исклучително вредно искуство бидејќи своите идеи ги споредуваат со проекти на колеги од целиот свет, а истовремено работатa на реален архитектонски проект претставува вовед во примената на современи проектантски практики. Ваквите натпревари го надополнуваат формалното образование и ги подготвуваат студентите за професионалната практика.

Вие како помлад асистент пред дваесетина години веќе сте учествувале на овој натпревар. Какво беше искуството тогаш и колку денес го чувствувате како предизвик?

Ова за мене има и професионална и емотивна димензија. Пред дваесет години нашите студенти учествуваа на натпреварот Isover Multi-Comfort Student Contest и како дел од комисијата за избор на најдобро решение сведочев на успесите што ги постигнаа нашите студенти. 


Што го прави толку посебен Architecture Student Contest на Saint-Gobain?

Овој конкурс е специфичен затоа што не бара само добра архитектонска идеја, туку целосно интегрирано решение. Студентите истовремено размислуваат за урбанизмот, архитектурата, конструкцијата, енергетската ефикасност, изборот на материјали и одржливоста. Темите секогаш се поврзани со реални локации и реални урбани проблеми.

Зошто денес се важни одржливото градежништво и намалувањето на емисиите?

Преку примена на обновливи извори на енергија влијанието врз животната средина и квалитетот на просторот што го создава, современата архитектура денес се оценува и според енергетските перформанси кои ги пoседува.

Колку овие принципи беа застапени во проектот?

Тие беа едни од главните појдовни точки. Настојувавме решението да биде функционално, енергетски ефикасно и флексибилно, со рационална употреба на материјали, природно осветлување, вентилација и висока удобност за корисниците.


Кои беа најголемите предизвици?

Најголемиот предизвик беше да се воспостави рамнотежа помеѓу реконструкцијата на јахтинг клубот на реката Сава во Белград, новиот објект за сместување на спортистите и создавањето квалитетен јавен простор. Проектот ги обединува локалниот контекст на Белград со современите градежни принципи на одржливо проектирање.

Каква е Вашата улога како ментор?

Мојата улога е да го насочувам процесот, да поттикнувам критичко размислување и да им помогнам на студентите своите идеи да ги развијат во кохерентен архитектонски концепт.

Колку ваквите натпревари придонесуваат за практичните вештини?

Студентите работат на реална задача, со рокови и според меѓународни стандарди. Тоа претставува одлична подготовка за професионалната практика и носи нови знаења во домашната архитектонска средина.


Како ја оценувате домашната архитектонска сцена?

Потребно е поголемо наше присуство на меѓународната сцена и следење на современите трендови како одржливост, дигитализација и циркуларната економија со оглед на нашето богато градежно културно наследство.

Кои се Вашите очекувања?

Најважно е студентите да стекнат искуство за учество на меѓународни архитектонски конкурси. Секако, секој добар резултат ќе биде дополнителен мотив за нив и идните учесници на конкурсот во организација на Saint Gobain. Вмрежувањето и можноста за нова меѓународна соработка е секако од голем професионален бенефит за младите архитекти.