Ивона Сталевска: Секој втор граѓанин во Македонија се соочил со барем еден правен проблем

Точка

13/07/2018

11:41

3.827

Големина на фонт

а а а

Во 2016 година Фондациите Отворено општество (ФОО) започнаа значајна заложба за институционализација на основните правни услуги на национално ниво за тие да бидат достапни дури и за најмаргинализираните групи.

Такви активности почна да спроведува и Фондацијата Отворено општество – Македонија (ФООМ) преку програмата за правно зајакнување, преку која се обезбедува правна едукација за граѓаните, со особен акцент на маргинализираните заедници. Целите и придобивките од оваа програма ни ги објасни Ивона Сталевска, координаторка на програма во ФООМ.

Што точно претставува правно зајакнување, зошто е важна компонента на едно демократско општество?

- Во 2016 година, Фондациите Отворено општество (ФОО) започнаа значајна нова заложба за институционализација на основните правни услуги на национално ниво за тие да бидат достапни дури и за најмаргинализираните групи, и тоа во држави со ниски, средни и високи приходи. Преку Целите за одржлив развој, државите-членки на Обединетите нации категорично изјавија дека намалувањето на сиромаштијата, одржливиот развој и пристапот до правда се фундаментално поврзани меѓусебе, па како одговор на овој глобален мандат, покрај нашата земја, вакви заложби веќе се спроведуваат уште во 11 земји ширум светот: Молдавија, Монголија, Непал, Пакистан, Сиера Леоне, Јужна Африка, Украина, САД, Индонезија, Кенија и Албанија. Правно зајакнување е она што се случува кога обичните луѓе, дури и најмаргинализираните, се способни сами да го користат правото за да најдат конкретни решенија за нивните секојдневни правни проблеми и да бараат отчетност од властите. Токму тоа лежи во основата на сите заложби на ФОО, преку решавање на асиметриите на моќ, кревање на гласот на луѓето и обезбедување конкретни начини за тие да ги менуваат нивните општества. Приодот на ФОО се стреми кон искористување на универзалната цел на самото право: правото се креира така за да се применува за сите и ја задржува својата легитимност само доколку подеднакво ги ограничува и ги заштитува и моќните и ранливите. Оваа иницијатива има за цел институционализација на респонзивни, отчетни, кредибилни и финансиски сигурни системи што нудат правни услуги базирани во заедницата на национално ниво и/или на ниво на конкретни групи население.

Фондацијата Отворено општество – Македонија (ФООМ) неодамна почна со кампања за правно зајакнување во чии рамки ја отворивте и веб-страница pravnozajakni.mk на која може да се најдат корисни совети и информации на оваа тема. Колку сте задоволни од досегашниот фидбек и која е вашата цел кон која се стремите со овие активности?

- Нашата цел е граѓаните да бидат правно зајакнати, односно да им помогнеме како тие самите да можат да ги идентификуваат правните проблеми со кои се соочуваат секојдневно и да ги информираме каде да се обратат за нивно решавање. Оттука, ја увидовме потребата од отворање на www.pravnozajakni.mk каде сите заинтересирани можат да добијат многу повеќе совети и информации за најчестите правни проблеми со кои се соочуваат граѓаните и маргинализираните групи согласно добиените резултати од истражувањата, спроведените истражувања во целост, како и за концептот за правно зајакнување. Веб-страницата ќе се ажурира секојдневно, со цел да стане извор на информации за граѓаните, за здруженијата кои работат на правно зајакнување, како и можност донесувачите на одлуки, на национално и локално ниво, да се запознаат со правното зајакнување и да се влијае на истите да се обврзат да го вклучат пристапот до правда во своите политики и надлежности, како и да се добие нивната поддршка за правните услуги во заедниците. Кампањата за промоција на веб-страницата започна непосредно, но според досега пристигнатите коментари и прашања веруваме дека интересот кај граѓаните ќе се зголемува од ден на ден бидејќи на www.pravnozajakni.mk на многу брз и едноставен начин, можат да пристапат до адресарот на здруженија кои работат на правно зајакнување преку кој може да им се обратат за совет, информација и понатамошно насочување кон некоја релевантна институција.


Дел од правното зајакнување кој најмногу им е познат на граѓаните е обликот на бесплатната правна помош. Кои се останатите облици за пристап до правда?

- Години наназад, Фондација Отворено општество - Македонија се залага за подобрување на пристапот до правда за сиромашните и маргинализираните граѓани. Уште во 2010 година, правната програма на Фондацијата беше насочена кон поддршка на човековите права и имаше за цел да ја поддржи имплементацијата на тукушто усвоените механизми за заштита на човековите права, односно на Законот за спречување и заштита од дискриминација и Законот за бесплатна правна помош. Истовремено, во областа на здравството, Фондацијата поддржува граѓански организации кои работат на унапредување на здравствените права на маргинализираните заедници. Покрај следењето и документирањето на прекршувањата на правата, нашите грантисти ги започнаа и првите неформални облици на правна помош, како што се параправните програми и „адвокатура на маргините“, преку кои, освен правни совети, обезбедуваат и судско застапување на стратешки случаи на прекршување на правата. Работејќи првенствено со модели за правни услуги засновани во заедницата кои комбинираат правници и параправници за решавање на индивидуалните и проблемите на заедницата, заложбите во нашата држава користат комбинација од алатки преку четирите модалитети кои нашата Фондација ги поддржува: обезбедување на бесплатна правна помош (БПП), правна помош (5 овластени здруженија за обезбедување на БПП), параправна помош за Роми, корисници на дроги, сексуални работници/-чки и текстилни работнички и правната клиника. Поконкретно, параправниците се лица кои потекнуваат од заедницата, ги познаваат проблемите на заедницата и што е особено важно, заедницата има доверба во нив. Тие се обучени да обезбедуваат информации и подготовка на различни пишани документи потребни за остварување на одредено право, а кога се јавува потреба од правна помош на повисоко ниво која може да ја обезбеди единствено правник или адвокат, параправниците препраќаат до соодветни институции, правници или граѓански организации. Параправниците им помагаат на граѓаните кои имаат потреба да пополнат одредени формулари и обрасци со кои можат да обезбедат остварување на одредено право од здравствената или социјалната заштита, а кога е потребно и ги придружуваат до одредена институција. Обезбедувањето на параправна помош го координира и супервизира граѓанска организација која се грижи за континуирана едукација и градење на капацитетите на параправниците, ја следи и проценува нивната работа и обезбедува правна поддршка за случаите препратени од параправниците. Правната клиника пак, претставува интерактивен метод за едукација на студентите на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при УКИМ, каде сме посветени на градење вештини и знаења на студентите за обезбедување правна помош на Роми, ЛГБТ лица, сексуални работници/-чки и социјално загрозени лица, како и на закјакнување на капацитетите на институцијата за обезбедување практична настава во соработка со граѓанските организации и градењето синергии преку зајакнување на комуникацијата со граѓанските организации и институциите за одбрана на човековите права. Правното зајакнување опфаќа широк опсег на активности, од правна писменост и помош, до медијација, организирање на заедницата, водење судски постапки и други форми на застапување. Нашите заложби и понатаму ќе се фокусираат на зајакнување на давањето услуги, паралелно со унапредување на системските реформи во интерес на сиромашните граѓани.

Досега имате работено многу проекти и активности на полето на правното зајакнување. Може ли да издвоите со какви правни проблеми најчесто се соочуваат македонските граѓани општо, а со какви маргинализираните групи и колку го препознаваат кршењето на нивните права и се моќни за да се изборат за нивно зачувување во земјава?   

- Добиените наоди од претходно спроведени истражувања за правните потреби на општата популација во РМ, правните потреби на неколку специфични маргинализирани групи со кои работи Фондацијата, како што се Ромите, луѓето кои користат дроги и сексуалните работници/-чки, како и анализата за придобивките наспроти трошоците за обезбедувањето на три постојни модалитети за правна помош и услуги во Македонија, ни укажаа дека граѓаните најчесто не се информирани за своите права и не знаат каде да се обратат за нивно решавање. Илустративно, секој втор граѓанин во нашава земја се соочил со барем еден правен проблем, додека, за споредба, овој процент е многу повисок кај ромската заедница каде што 70 отсто од испитаниците се соочиле со барем еден важен правен проблем. Оттука, нивни најзастапени проблеми се оние поврзани со домувањето, долговите и со државните трансфери. Процентот е уште повисок кај луѓето кои користат дроги и сексуалните работници/-чки. Имено 98,2 отсто од лицата кои инјектираат дроги и 96,3 отсто од сексуалните работници/-чки се соочиле со правен проблем. Кај овие групи граѓани најчести се проблемите поврзани со дискриминација при вработување и работен однос, прекршување на нивните права од страна на полицијата, бројните предизвици со кои се соочуваат при издржување затворски казни, но и проблеми поврзани со неадекватната здравствена заштита. Резултатите од спроведеното истражување за јавната перцепција и запознаеноста на граѓаните со Законот за бесплатна правна помош покажаа дека дури 67 отсто од испитаниците не се запознаени со бесплатната правна помош и не знаат на кој начин може да го остварат ова право. Согласно добиените наоди од истражувањата за правните потреби на граѓаните најчести се правните проблеми поврзани со домување, секој четврт граѓанин се соочил со правен проблем поврзан со домување, односно имот. Не изостануваати и проблемите поврзани со закуп на имот како издвоена категорија, проблемите поврзани со работата и вработувањето застапени со 19,9 отсто како и оние поврзани со пари и долгови.


Кои е досегашните конкретни резултати од процесот на правно зајакнување?

- Преку различните модалитети за пристап до правда кои водат до правно зајакнување на граѓаните, за одбележување се следните податоци: годишно се обезбедуваат повеќе од 2.000 правни услуги за сексуални работници и луѓето кои користат дроги; за период од 6 години обезбедена е правна и параправна помош за над 1.600 Роми во 8 ромски заедници со што им е помогнато да го остварат правото на здравје или социјалните права, воведување на параправна програма за нова целна група – текстилни работници/-чки преку која се обезбедени над 3.000 услуги за текстилни работници/-чки од вкупно 72 конфекции кои пријавиле прекршување на нивните работнички права. Преку стратешко застапување на случаи на прекршување на здравствените права на претставници на маргинализираните заедници се овозможува и креирање на судска пракса – донесени се две позитивни пресуди (кривична и граѓанска), надомест од 60.000 евра и месечна рата од 3.000 денари како отштета за 16 годишно момче пораснато низ судниците затоа што на 8 годишна возраст му била ампутирана раката поради лекарска грешка; пресуда од Врховен суд за 10.000 евра надомест на штета за повреда на личните права на 20 годишна родилка од Битола која не можела да го погреба починатото бебе затоа што го отстраниле како медицински отпад; донесени се првите две позитивни пресуди, судски одлуки за правно признавање на родот и успешна промена на лични документи на транс луѓето; обезбедено судско застапување за 22 лица кои користат дроги, 13 сексуални работници, 6 судски случаи за правно признавање на род, деца на сексуални работници – жртви на насилство и расна дискриминација и омраза кон транс лица. Освен тоа, за 4 години, обезбедена е бесплатна правна помош за повеќе од 3.600 граѓани.

По завршувањето на кампањата кои се следните активности и планови на ФООМ на полето на правното зајакнување на македонските граѓани?

- Нашата заедничка цел, на ФООМ и граѓанските организации кои работат на полето на правно зајакнување, претставува креиран сеопфатен систем за правно зајакнување поддржан од страна на државата, каде во националните политики за правно зајакнување, освен бесплатната правна помош која засега е единствен препознаен облик за пристап до правда, ќе бидат препознаени, односно вклучени и поддржани и останатите облици на пристап до правда кои водат кон правно зајакнување на граѓаните. Поконретно, се стремиме кон развивање на рамка за правно зајакнување која, на национално и локално ниво, ќе овозможува пристап до правда за потребите на сиромашните и маргинализираните заедници (Роми, сексуални работници/-чки, корисници на дроги, текстилни работници/-чки и др.). Секако, од особена важност за постигнување на целта ќе претставува воспоставено партнерство помеѓу сите засегнати страни во унапредување на финансирањето на правното зајакнување. Оттука, претставниците на релевантните државни институции, локалните власти и граѓанските организации (обезбедувачи на правна и параправна помош) заеднички да работат на процесот на институционализација на правното зајакнување и обезбедување одржливост на различните форми на пристап до правда во заедницата. Предизвик во моментот е и новиот Закон за бесплатна правна помош чија цел е да овозможи што е можно поголем број на маргинализирани граѓани да го остварат своето право на бесплатна правна помош. Веруваме дека во заедничка соработка со Министерството за правда ќе биде донесен закон кој покрај обезбедувањето на услугата бесплатна правна помош, ќе овозможи едукација и правно зајакнување на граѓаните. Пристапот до правда и правното зајакнување се исклучително значајни заложби за унапредување на транспарентноста, отчетноста и граѓанското учество, кои всушност претставуваат суштински цели на Отвореното владино партнерство на глобално ниво. Во тој контекст, работиме на тоа пристапот до правда да стане дел и од Акцискиот план за Отворено владино партнерство на РМ кој е во подготовка. Пристапот до правда е суштински сегмент во рамки на Целите за одржлив развој на Обединетите нации, кои предвидуваат конкретни мерки за борба против сиромаштијата, нееднаквоста и климатските промени на светско ниво. Во таа насока, ФООМ ја поддржува работата на преточувањето на развојната цел 16.3: Промовирање на владеење на правото на национално и меѓународно ниво и обезбедување еднаков пристап до правда за ситe, на национално ниво.



Спонзорирани линкови

Маркетинг