Пред пет години Ист Гејт Мол ги отвори своите врати со амбиција да донесе ново ниво на шопинг, забава и животен стил во Скопје. Денес, тој е многу повеќе од најголемиот трговски центар во земјата, тој е урбана дестинација што ги обединува светските брендови, современите искуства и секојдневниот живот на илјадници посетители.
Како дел од најголемиот мултифункционален комплекс во државата, со вкупна површина од 500.000 м² Ист Гејт Мол прерасна во урбана оаза што го редефинираше овој дел од градот и постави нови стандарди за модерно живеење. За неговиот развој, влијанието врз градот и визијата за иднината разговараме со Игор Давков, Извршен директор на Ист Гејт Мол.
Пет години по отворањето, Ист Гејт Мол стана една од најпосетените дестинации во земјата. На што сте најгорди кога зборуваме за влијанието што молот го има врз начинот на кој луѓето денес купуваат, се забавуваат и го поминуваат своето слободно време?
Игор Давков: Особено сум горд што во изминатите пет години успеавме да го промениме секојдневието на луѓето во Скопје и да создадеме место кое природно се вклопи во нивните навики — начинот на кој пазаруваат, се дружат и го поминуваат слободното време.
Ист Гејт Мол не е само дестинација за купување. Тој е простор што обединува различни генерации и различни потреби: семејства кои доаѓаат за викенд, млади кои се дружат по училиште, професионалци кои застануваат по работа, како и посетители кои бараат содржина, забава и инспирација на едно место.
За нас, најголемата потврда е довербата на посетителите. Со приближно 10 милиони посети годишно, Ист Гејт Мол стана модерна, забавна и пристапна урбана дестинација која во краток период прерасна во дел од идентитетот на градот.

Ист Гејт Мол успеа да донесе бројни светски брендови и трендови на македонскиот пазар. Колку е важно еден современ град да има дестинација што ги поврзува локалните потрошувачи со глобалните искуства?
Игор Давков: Тоа е исклучително важно, бидејќи денешните потрошувачи не ги посетуваат трговските центри само за да купат производ. Тие бараат целосно искуство — инспирација, избор, квалитет и стандарди какви што ги среќаваат во светските метрополи.
Кога еден град има дестинација која ги поврзува водечките светски брендови со локалната понуда, тоа не значи само поголем избор за потрошувачите. Тоа го подигнува квалитетот на целиот пазар, ја поттикнува конкуренцијата и ги инспирира домашните трговци да ги унапредуваат сопствените стандарди. На тој начин градот станува поатрактивен и за жителите и за посетителите однадвор.
Во изминатиот период Ист Гејт Мол направи значаен исчекор со промени во миксот на закупци, со што дополнително ја зајакна својата позиција како проминентна шопинг дестинација во Скопје. Брендовите како Boggi Milano, DKNY, Paul&Shark и LISCA го засилија сегментот на повисоката мода, додека во следните месеци посетителите ќе можат да уживаат и во најновите концепти на Jack & Jones и Women’secret, како и во првата шопинг-мол парфимерија на Boudoir – The House of Fragrance.
Посебно внимание посветуваме и на проширување на гастрономската и забавната понуда. Во есенските месеци Ист Гејт Мол ќе стане домаќин на четвртиот ресторан Amigos во Скопје, а до крајот на годината очекуваме уште еден скопски ресторан со азиска кујна да стане дел од нашето семејство на закупци. Во текот на четвртиот квартал трговскиот центар подготвува едно големо изненадување со воведување на нов интернационален бренд кој пред се ќе ги израдува нашите најмали потрошувачи, но и некои повозрасни кои имаат пасија кон овој бренд.
На крај, би сакал да го најавам и отворањето на HYPER — првиот семеен центар за забава во Скопје. Станува збор за проект на кој работиме во изминатите 18 месеци и кој ќе донесе мултифункционален простор за забава на површина од 9.000 м². Согласно планираната динамика, центарот треба да биде отворен за јавноста во втората половина на декември оваа година, со прв внатрешен картинг во Скопје и низа други содржини во кои ќе можат да уживаат нашите посетители.

Како се менуваат очекувањата на денешните потрошувачи во време кога имаат неограничен избор, од онлајн продавници до глобални платформи, и што е клучно за Ист Гејт Мол да остане релевантна дестинација која нуди уникатно искуство поради кое посетителите повторно се враќаат?
Игор Давков: Точно, денешните потрошувачи се многу поинформирани и поизбирливи од порано. Тие имаат пристап до речиси неограничен избор од онлајн продавници до глобални платформи, па затоа физичкото искуство мора да понуди нешто повеќе од самиот производ.
За нас, клучно е да создадеме доживување што ги обединува шопингот, гастрономијата, забавата и настаните во пријатна и инспиративна атмосфера. Сите промени што се случуваат во центарот се насочени токму кон оваа цел — посетителите да добијат причина повторно да се вратат, не затоа што мораат, туку затоа што сакаат.
Затоа постојано инвестираме во освежување на понудата, во нови содржини за семејствата и во дигитализација на искуството. Еден од најважните чекори во таа насока е нашата мобилна апликација, која вклучува програма за лојалност — единствена од ваков тип во Скопје.
Со скенирање на сметките од купувањата во Ист Гејт Мол, нашите лојални потрошувачи собираат поени и добиваат бенефиции што понатаму можат да ги искористат кај партнерите во трговскиот центар. Дополнително, од неодамна функционираат и push-нотификациите, преку кои посетителите добиваат навремени информации за актуелните понуди, промоции и настани во трговскиот центар.
Оттука, ги повикуваме сите наши посетители да ја преземат апликацијата и да ги почувствуваат придобивките што таа ги нуди како дел од едно посовремено, поперсонализирано и поврзано шопинг искуство.
Современите трговски центри денес се многу повеќе од места за шопинг. Како ја замислувате улогата на Ист Гејт Мол во иднината на урбаниот живот и на кој начин ќе продолжите да ги носите најновите светски ритеил трендови, иновации и искуства во Македонија, истовремено надминувајќи ги очекувањата на новите генерации посетители?
Игор Давков: Ист Гејт Мол полека, но сигурно прераснува во урбан хаб — место што ќе продолжи да ги обединува шопингот, гастрономијата и забавата под еден покрив. Современите трговски центри веќе не се само простори за купување, туку динамични точки на урбаниот живот, каде што луѓето се среќаваат, работат, се забавуваат и поминуваат квалитетно време.
Иднината на урбаниот живот бара флексибилни простори што можат да се прилагодат на новите навики и потреби на посетителите. Тоа подразбира ко-воркинг содржини, проширена понуда на храна и пијалаци, културни и спортски настани, како и дополнителни простори наменети за деца, млади и семејства.
Во таа насока, постојано ги следиме глобалните ритејл трендови и ги имплементираме на локалниот пазар, но истовремено внимателно ги слушаме и нашите посетители. Особено важно ни е да одговориме на очекувањата на новите генерации, кои бараат автентичност, одржливост и дигитално поврзано искуство.
Веќе гледаме како овие потреби се претвораат во реални навики. Во изминатиот период, на отворените површини во центарот беа отворени неколку кафетерии, кои посетителите сè почесто ги користат како места за средби, деловни состаноци, краток одмор, па дури и за работа. Тоа само ја потврдува нашата визија — Ист Гејт Мол да продолжи да се развива како современ, жив и поврзан урбан простор.

Групацијата Балфин, сопственик на мнозинскиот удел во Скопје Ист Гејт е еден од најголемите инвеститори во регионот. Кои се проектите во кои досега инвестираше Групацијата и дали постојат планови за нови инвестиции во Македонија?
Игор Давков: Групацијата Балфин е препознатлива по своите долгорочни инвестиции во регионот, особено во недвижности, трговски центри, инфраструктура и туризам. Ист Гејт Мол е еден од најзначајните примери на таа посветеност во Македонија и проект кој ја потврдува довербата на Групацијата во потенцијалот на локалниот пазар.
Довербата и инвестицискиот капацитет на Балфин се клучни за понатамошниот развој на молот и за реализација на нови проекти. Македонија останува приоритетен пазар за Групацијата, а постојано се разгледуваат можности за инвестиции што ќе придонесат за развојот на градовите и економијата во целина.
Во таа насока, следуваат нови инвестиции во концептот на ритејл паркови во внатрешноста на Македонија. Веќе се започнати процесите за два од десетина ритејл паркови што треба да се реализираат во следните пет до седум години.
Во моментот нашиот тим работи на креирање соодветен микс на закупци што ќе обезбеди целосна понуда за ваквите локации — трговски центри под отворено небо. Целта е да изградиме препознатлив и стандарден модел што ќе понуди квалитетно шопинг искуство, гастрономија и забава, прилагодени на потребите на локалните заедници.










