Весна Петрушевска: „Ако ме прашуваш за приватниот живот, секогаш велам дека од утре ќе се бавам со него“

Точка

04/03/2019

21:35

14.254

Големина на фонт

а а а

Весна Петрушевска можеби е и најпознатата актерка во нашата земја. Оваа година ќе го прослави 49-от роденден, но истовремено слави и 25-годишнина од почетокот на нејзината актерска кариера.

Дали воопшто има потреба да се дообјасни нешто за неа? Ако некој не ја знае, тогаш веројатно најмалку 25 години живее некаде надвор од границите на нашата земја, а за сите вас што ја знаете...

Проследете го искрениот разговор со Весна Бејби, каде раскажува за мајчинството, зборува за претставата со децата од нејзината школа, анксиозноста и многу други интересни работи поврзани со нејзиниот живот.


Весна, здраво. Може ли за почеток да им откриеме на нашите читатели малку повеќе за претстојниот стенд ап „Влези не се соблакај“, кој ќе биде по повод 25 годишнината од твојата кариера?

Во суштина никогаш ама баш никогаш не се открива што ќе биде вечерта на стенд апот. Но, секако дека ќе има приказни кои нешто значеле овие 25 години, нешто кое ме поврзувало години наназад. Тие приказни се живи, присутни се, исполнети со паѓања и повторни станувања.

Што правиш кога ќе ги завршиш актерските и мајчинските обврски? Што си кога не си актерка и кога немаш обврски како мајка? ?

Јас постојано велам дека сум мажена за своите деца. Не дека очекувам орден, напротив јас учам да бидам родител секој ден. Учам од своите деца, учат тие од мене. Слушам многу музика, постојано читам, вистински љубител на филмови и серии, зависник на Нетфликс. Ако ме прашуваш за приватниот живот, секогаш велам дека од утре ќе се бавам со него. Бргу ми здосадуваат работите.


„Нашата љубов“ е претстава за која неодамна објави дека имало некои негативни реакции во врска со учеството на деца во истата. Кажи ми малку повеќе за тоа.

„Нашата љубов“ е хит претстава во која играат само деца од мојата актерска школа. Она што слушнав го кажав во мојот пост на фб. Сепак, некои работи не ги премолчувам. Јас сум го посветила животот на театарот и на продолжување на работа со деца и нивно театарско освестување. Некои медиокритети кои немаат мрднато во својот професионален живот се застанати на кулоарските муабети. Прилично фрустрирачки за нив. Но, јас сум била секогаш на фронт и ќе бидам. Стојам зад тоа што сум го направила и верувам во истото. Децата се професионалци и одлични. Ќе редат успеси и успеси. Тие се веќе херои на својата генерација.


Се ближи твојот 49-ти роденден. Која желба ти остана неостварена?

Да одам во Париз и да ја помирисам Сена, да ја почуствувам емоцијата на Бодлер, мизиката на Брел, вокалот на Далида, драматичноста на Азнавур....


Која претстава ја одбележа твојата кариера?

Интимно? „Кој се плаши од Вирџинија Вулф” и „Брачна игра”. Онака мераклиски „Госпоѓа Министерка” секако.

Дали некогаш ти се случило да заборавиш текст насред претстава и доколку да, како се справи со тој непријатен момент?

Имав еден таков период за кој пишував во мојата книга „Трофеј”. Тоа беше оној период после разводот, јас отворено зборувам ден денес за депресијата и за последиците од истата. Прилично трауматизирано искуство.


Што мислиш за анксиозноста, како „модерна болест“, и моменталната ситуација кај нас на оваа тема?

Анксиозноста е навистина сериозен проблем, нема врска со модерното. Таа предизвикува страв врз страв. Стравот е еднаков на страста во извесна смисла. Анксиозноста е состојба на која се работи постојано. Треба да се зборува на оваа тема многу повеќе.


Од што се плашиш најмногу?

Од самата себеси, од сопствениот страв за загуба....од нештата за кои немаш никакво влијание.

На што најмногу сакаш да ги научиш своите деца?

Културолошко освестување, да бидат добри луѓе, чесни кон самите себеси и кон другите. Мисија која е скоро невозможна, но упорна сум.

Кој е твојот најчест совет за самохраните мајки?

Најтешко во оваа земја е да бидеш сингл мам. Треба да обезбедиш сè за децата, немаш никакви привилегии и е ужасно тешка битка. Особено кога нема ама баш никој да ти помогне кога ќе ти дојде огромна сметка за струја, пари за операција на дете, кредити...јас сум сама на себе поттик. Целта е да ги научиш да бидат луѓе!


Што би им кажала на младите девојки кои сè уште се пронаоѓаат себеси?

Да бидат свои и единствени.Во оваа држава не читаат книги. Замисли да читаат една книга неделно?? Младите девојки имаат задача и обврска да го направат овој свет поубав. Да ја носат вистината во себе и да не се плашата да ја кажат истата.

Која актерка ти е инспирација?

Оливија Колеман неверојатен актерски потенцијал, ја следам последниве 20 години. Освен Мерил Стрип секако и Вајола Дејвис.

Ако не беше актерка, што ќе беше?

Веројатно хирург. :) Секогаш ми се чинело тоа како неверојатна мисија. Јас се восхитувам на хирурзи.


Совет кој ти го променил животот?

Биди само своја и храбра. Ова е мојата мантра со години.

За крај, кажи ми која мисла секогаш успева да те расположи?

Веројатно моите деца на крајот од денот. Знаеш како, кога треба да си легнеме и кога ќе ги слушнам од своите соби: „Убаво да спиеш, те сакаме”. Колку и да сум изморена, нервозна, се насмевнувам. Животот нема смисла без Кирил и Мина.

Автор: Цеце Николова



Спонзорирани линкови

Маркетинг