Димитар Амски - сопственик на брендот „Cloud 9“ кој го угости Владе Дивац на Миконос: „Македонија има еден вид блискост која не се купува со успех или луксуз“

Точка

17/02/2026

17:42

2.698

Големина на фонт

а а а

Од Мaкедонија до срцето на медитеранскиот гламур – Димитар Амски е млад претприемач кој стои зад ексклузивниот бренд Cloud 9 на Миконос, островот што важи за глобална престолнина на луксузот и забавите. Со концепт на VVIP услуга што оди чекор подалеку од класичниот „луксуз“, тој работи со интернационална клиентела, организира искуства по мерка на најпребирливите гости и гради бренд кој станува препознатлив и надвор од Грција.

Во интервјуто за „Точка“, Амски зборува за притисокот кога работиш со познати личности, за тоа што навистина значи ексклузивност на Миконос, како изгледа еден негов ден на островот кој никогаш не спие, но и за новиот проект – Cloud 9 App. Искрено споделува што му недостига од Македонија, каде се гледа во иднина и каква порака има за младите претприемачи кои сонуваат за светска сцена.

❓ Димитар, сè почесто се зборува за тебе и за Cloud 9 во регионот. Кој е човекот зад оваа приказна?

✨ Јас сум Македонец што изгради луксузен concierge бренд во една од најконкурентните дестинации во светот – Миконос. Cloud 9 не е само „резервација“ или „организација“. Тоа е прецизност, доверба и врски што се градат со години. Креираме high-end искуства за VVIP гости од САД, Европа, Блискиот Исток, и секако, од Македонија и Балканот.


❓ Си бил домаќин и на кошаркарската легенда Владе Дивац. Како ви успеа тоа?

✨ Да, имавме чест да го угостиме Владе Дивац за време на неговата посета на Миконос. Тој беше во друштво со исклучително дискретни VVIP Македонци што живеат во САД, луѓе кои таму водат огромни бизниси. Тука не станува збор за публицитет. Станува збор за приватност, логистика без грешка, и секој детаљ да биде „на место“ – од вилата и трансферите, до масите за вечера и целата динамика на денот.


❓ Терминот „VVIP услуга“ често се користи, но ретко кој знае што навистина значи – како изгледа тоа во пракса?

✨ Тоа значи дека работиме на ниво каде нема простор за импровизација. Станува збор за приватни вили, yacht charter-и со сериозни буџети, резервации во места каде официјално „нема ништо слободно“, и најважно – целосна дискреција. Ние често работиме со основачи на компании, директори, спортисти и луѓе од Балканот што изградија империи во странство, а сакаат да уживаат во Миконос без хаос.


❓ Денес многумина ветуваат „луксуз“. Што ве издвојува вас?

✨ Врските и кредибилитетот. Во Миконос, врските се валута. Со години градиш доверба, партнерства и репутација. Ние имаме директен пристап до клучни места како Nammos, Scorpios, Zuma, Coya и други топ локации. Кога ние бараме маса или позиција, тоа не е „молба“. Тоа е соработка со луѓе што знаат дека Cloud 9 носи сериозни гости и дека се држиме до стандард.


❓ Кога станува збор за клиентелата, дали повеќе доминира интернационалната елита или Балканот сè уште е силно присутен на вашата листа?

✨ Интернационалната е доминантна, особено од САД и Западна Европа. Но расте и балканската клиентела. Имаме многу успешни луѓе од Скопје, Белград, Загреб, како и дијаспората во Америка. Им одговара што ги разбираме и двата света: балканската директност и глобалните луксузни стандарди.


❓ Се најавува лансирање на Cloud 9 App – што точно ќе понуди апликацијата?

✨ Cloud 9 App ќе ја дигитализира елитната услуга, но на наш начин. Нема да биде јавна апликација каде секој може да кликне и да „букира“. Ќе биде курирана платформа за проверени клиенти. Преку апликацијата ќе можат да бараат yachts, вили, приватни возачи, sunbeds, резервации во ресторани, и сè ќе биде поврзано со нашата concierge екипа. Технологија плус реални врски во Миконос и останатите hotspots значи: брзо, чисто, и без грешки.


❓ Како се справувате со притисок и одговорноста кога работите со познати луѓе?

✨ Притисокот е дел од работата. Клучот е во подготовката и предвидување. Ние размислуваме три чекори однапред. Трансферите се потврдуваат двојно, постојат backup опции, резервациите се „осигурани“, а приватноста е заштитена. Гостите никогаш не ја гледаат тензијата. Тие гледаат само мир и перфекција.


❓ Што е најчесто погрешно разбрано кога станува збор за „луксузот“ на Миконос?

✨ Дека е само журка. Реалниот луксуз е контролирана енергија: приватни sunset cruise-и, утрински wellness, врвна гастрономија, networking вечери со сериозни луѓе. Журката е само еден слој. Не е целата приказна.


❓ Какво е чувството како млад Македонец да работиш на вакво ниво?

✨  Искрено, гордо. Македонија те учи на борбеност и снаодливост. Кога ќе почнеш да работиш со глобални имиња и со балканска бизнис елита во исто време, сфаќаш дека успехот нема националност. Дисциплината, довербата и конзистентноста победуваат секаде.


❓ Миконос важи за остров на луксузот и забавите – како изгледа еден твој типичен ден таму?

✨ Миконос однадвор изгледа како бесконечна забава, но мојот ден таму е комбинација од дисциплина, рутина и динамика која бара постојан фокус.

Денот најчесто го започнувам рано. Станувам, одам на пливање – морето таму има некаков терапевтски ефект, те ресетира. Потоа следува тренинг во теретана, бидејќи во бизнисот со луксуз и високо ниво на услуга мораш да бидеш и физички и ментално во форма.

По тренингот, неизбежен е фредо еспресото – за мене највкусното мало задоволство на островот. Често го пијам во некој од beach club-овите, со лаптопот пред мене. Иако изгледа опуштено, тоа е работна средина.

Во текот на денот организирам пристигнувања, check-in и check-out процеси, креирам детални итинерари за клиенти, координирам возачи, јахти, вили, приватни готвачи. Телефонот речиси не престанува да ѕвони, особено кога се обидуваме да обезбедиме VIP маси за last-minute барања во Scorpios, Alemagou или некој од големите клубови.

Тоа е свет каде што „не може“ не е одговор. Секој ден е оперативна логистика на највисоко ниво.

По зајдисонце, Миконос ја менува енергијата. Тогаш и јас ја менувам улогата – од организатор во домаќин. Често сум во Scorpios или Alemagou, со пријатели, клиенти и соработници. Тоа не е само забава, туку и одржување на релации. Во мојата индустрија, довербата и присуството се капитал.


❓ Кој е следниот голем чекор за тебе и за Cloud 9 – проширување, нови пазари, нов концепт?

✨ Ширење во европските hotspots, партнерства со силни брендови и уште поголем фокус на Balkan VVIP сегментот. Целта е едноставна: кога некој важен ќе слета во Миконос, Ибица или Сент Тропе, Cloud 9 да биде првото име што ќе го повика.


❓ Иако си на остров кој никогаш не спие, што ти недостига најмногу од Македонија?

✨ Во оф-сезона живеам во Шпанија, бидејќи мојата сопруга е Кубанка и ја запознав токму во Миконос – танцуваше во едно од моите омилени dinner show кабареа, Lío. Тоа е уште една од магиите на островот – луѓето се среќаваат на најнеочекувани начини.

Од Македонија најмногу ми недостигаат луѓето. Пријателите. Социјалниот круг. Јас сум исклучително социјално суштество. Имам круг на луѓе со кои можам да седам со часови и да разговарам без агенда. Таа спонтаност и топлина се нешто што тешко се реплицира.

Македонија има еден вид блискост која не се купува со успех или луксуз. Токму тие односи би биле единствената причина поради која би размислувал да се вратам да живеам таму. Не поради кариерата, туку поради луѓето.


❓ Каде се гледаш за пет години – и понатаму во срцето на медитеранскиот гламур или на некоја нова светска адреса?

✨ По пет години се гледам покрај море, но не нужно во Миконос. Миконос е динамика, адреналин и интензитет. Сакам следната фаза од животот да биде помирна.

Би сакал да ја одгледувам ќерка ми во средина која нуди баланс – природа, мир, стабилност. Место каде што секој ден ќе можам да играм beach volleyball, да спортувам и да бидам присутен како татко.

Истовремено, сакам мојот внимателно избран тим да продолжи да ја развива компанијата со истата страст и енергија што јас ја вложувам денес. Вистинскиот успех, според мене, не е само да изградиш нешто, туку да изградиш систем што функционира и кога ти не си во центарот на секој процес.


Миконос ми даде многу – контакти, раст, глобална перспектива. Но следната фаза ќе биде повеќе за наследство отколку за ноќен живот.

❓ Порака до младите претприемачи од Македонија кои сонуваат за интернационална успешна приказна?

✨ Мислете глобално. Градете реални врски. Испорачувајте повеќе од ветеното. И запомнете, дури и во најгламурозните индустрии, успехот се гради со дисциплина, доверба и континуитет.

✍️ Автор: М.Р.