Виктор Апостоловски настапи во клуб каде настапувал Стинг

Точка

12/04/2019

10:56

2.846

Големина на фонт

а а а

Словенија, Италија, Белгија, па Холандија е денешната прошетка низ која ве води Виктор Апостоловски. Неодамна имаше можност да настапи во познатиот клуб Бурбон Стрит во Амстердам, каде настапувале ѕвезди како Стинг, Ерика Баду, Шака Кан и не само таму.

Имаше посебен повод за посета на Словенија, Холандија, Белгија и Италија во една тура? 

-Отсекогаш сум сакал да патувам, меѓутоа од кога се случи „Идолот“ и таа инстант слава, се случија милион други работи. Нагло се зголеми бројот на настапите, почнав да предавам во приватни школи, да правам музика за себе, па потоа за други изведувачи, па потоа за театри и филмчиња и т.н. И како еволуираа моите способности, така имав се повеќе обврски. И пред некое време некој ме праша како си поминав кога бев во Полска т.е. Варшава и Краков и јас му раскажав се. Ме праша кога беше тоа и во тој момент сфатив дека всушност поминале 5 години од моето последно патување, а тоа да не е летен одмор. Значи толку многу си ја сакам работата што ниту сум приметил кога поминале последниве 5 години .Е тоа беше моментот што ме натера да излезам од државава. Додатен фактор беа неколкуте настапи за кои добив покана уште лани, ама никако не наоѓав време да ги остварам. Па, така решив со еден удар да прошетам повеќе места, но во мој стил! Без посебен план. Само знаев дека прва земја на посета ќе ми биде Словенија. на 13ти Март го имав својот прв лет со авион, релација Скопје – Тревизо, од таму со кола до Сежана - Словенија.

Што е типично за Словенците, а не за нас и обратно, од тоа што забележа? 

-Во Словенија одма се приметуваат еден тон разлики од нашата земја. Пример автомобилите уште кога ќе видат дека се спремаш накај пешачкиот премин, веднаш застануваат! И колата не ја силат за да поминат одма штом стапнеш пола сантиметар покрај колата! Не! Чекаат да ја поминеш и другата лента! Сежана е градче од 4 до 5 илјади жители, нешто како Ресен или Д. Хисар. Но, за разлика од кај нас, средено е исто како голем град. Има се што ти треба, од школство до работа до се што сакаш. Зашто е мало место народот е фин, културен, сите се знаат и почитуваат.

Таму следеше непланирана свирка?

-Кога пристигнав таму, за неколку дена знаеја точно кој сум јас и откако преслушале се што има од мене на YouTube, изразија желба да направиме една журка. Морам да признаам дека тоа ми беше една од најинтересните свирки во животот. Прво, почнуваш да пееш Англиски и местото почнува да се преполнува, а поради мојот одличен акцент, каде и да одам мислат дека сум Американец . Потоа ги сечиш со песна од Тоше Проески и цел тој преполн простор се претвора во општ хаос! Прекрасна атмосфера!

Како се најде во Трст, па Венеција?

-Пред свирката, бидејќи бев блиску до Трст, на некои 14тина километри, решив да отидам на неколку дена, да видам од каде постарите генерации шверцале фармерки .

Па, додека бев таму си реков, кога сум веќе во Италија, никогаш не сум бил во Венеција. Па, се качив на автобус и отидов неколку дена во Венеција. Трст е преубав, ама Венеција ме остави без зборови. Особено бидејќи сум дипломиран соло пејач на ФМУ во Скопје, цел тој правец на класично пеење е излезен од тие краишта. Кога ги чув пејачите на гондолите кои возат парови меѓу островчињата, не можев, а да не се смешам . Па така Виктор после добри 5 години по дипломскиот концерт, непланирано пропеа и класична музика . И сето тоа беше пред да се случи свирката меѓутоа дефинитивно ќе се вратам пак! Овој пат поради договорената свирка во Сежана морав да се вратам во Трст, па во Сежана. За Италија исто можам да кажам дека е одлично средена, храната е превкусна, кај и да влезиш нема да згрешиш, затоа ја препорачувам на сите!

Избега од Битола, ама не и од Битолчани?

-Потоа следна станица беше Љубљана! За разлика од Сежана, во Љубљана многу повеќе се осеќа оној балкански менталитет. Да, убаво е средена има многу европски особини и работи, арно ама има премногу балканци за сето тоа да функционира европски. На пример ја сретнав пола Битола таму , значи Љубљана е Битола број два.

Како и да е, прекрасно градче, прекрасни луѓе, тие 5 дена таму си поминав преубаво.

Двете лица на Брисел, накратко?

-Па, негде околу 2ри - 3ти Април, имав опција да летам за Ајнховен или за Брисел, па си реков ко имам можност да го видам Брисел, зошто да не. Па така отидов за Брисел, сосема непланирано. И многу ми е криво шо не отидов порано, на 4-ти морав да одам за Амстердам пошто имав настап, ама од тоа што успеав да го видам сум навистина воодушевен! Огромни широки простори, огромни згради, прекрасни градби, прекрасни паркови... Се е преубаво! Бидејќи неодамна почнав да снимам блогови, наскоро ќе има и видеа за тоа. Исто така благото во Брисел... Без зборови!


Уметност!

Брисел е веќе ептен европски град. Сите зборуваат перфектно и англиски и француски и што уште не. И бидејќи сум ноќна птица и сакам да ги истражувам и градовите навечер, бев запрепастен кога видов колку многу бездомници има во Брисел.

Исто така интересен факт е дека додека бев таму минимум едно 30 пати бараа да се сликаат со мене, а немаат појма кој сум, ама веројатно им личам на некој нивна или француска јавна личност.

Што од тоа што сме слушнале за Амстердам е точно? 

-Следна станица беше Амстердам. Земјата на слободата, земјата на лалињата, на точаците...Па се што сте чуле до сега за Амстердам е точно! И таму има канали слично како во Венеција, само без мирисот . И таму сите зборуваат по неколку јазици, се фини и културни. На 4-ти и 6-ти април имав настап во познатиот клуб Бурбон Стрит во Амстердам, каде настапувале ѕвезди како Стинг, Ерика Баду, Шака Кан.

(А.В)



Спонзорирани линкови

Маркетинг