Како се родила и низ што поминала „На Велигден сум се заљубил“ на Џокси

Точка

27/04/2019

12:22

4.047

Големина на фонт

а а а

Уште малку, па 30 години откако се роди композицијата која е своевидна „Велигденска химна“ , без која не поминува не само ниту еден Велигден, туку и старо и младо ја потпевнуваат и преку цела година.

Но, како се роди? На почетокот па, и не била така прифатена, не од публиката се разбира. Подетално за вас читателите на Точка ќе објасни создавачот Џина Папас Џокси. 

Како и пред колку време се роди “На Велигден“, има ли приказна песната?

- На прагот сме од 30 години постоење на песната, но пред да биде создадена има неколку мотиви по кои е оформена. Нормално е, пред да се создаде некое авторско дело, треба да бидете изложени на набој на чувства, кои, кога и да е, еден ден ќе излезат на виделина. Така и со “Велигденот“. Моментите од детството на мојата баба Уранија, стројниците на дедо ми Димитрија, дворот од црквата на св Атансиј во с. Ранци, Егејска Македонија, бегањето преку прозор со Уранија во Автокоманда до црквата Архангел само за да се кршиме со вапцаните јајца ... Моментите од мојот секојдневен живот ... Сите тие создадоа слики за оваа песна која е направена во еден здив.  

Кој е композотор, текстописец?

- Музиката и текстот се мои, додека аранжманот на оригиналната верзија е на Тоше Попсимонов, кој со гајдите, тапаните и машкиот хор обликува еден национал продукт кој е лесно препознатлив меѓу народот, и тоа е една од причините песната да, покрај текстот и музиката, биде прифатена од сите генерации.

Очекуваше ли дека ќе биде Велигденска химна на некој начин, ниеден Велигден не поминува без неа?

- Ни на крај памет. Песната ја следеа два страшни моменти за мене. Првиот, кога не беше примена на Макфест, со образложение дека содржи премногу фолкор, и вториот кога не добив број од фонотеката на Македонското радио, пред се, затоа што носам произвот од друга, приватна продукција, а над се, што не сум бил способен да фатам женска па сум молел Бога за тоа. 

Едноставно кренав раце од неа. Си помислив дека не е тоа тоа што би им се допаднало на луѓето.

Веќе ја заборавив, кога, како дел од жирито на Рок фестот 1991 се сретнав со Јане Коџабашија кој ме тргна на страна и ми рече дека е време да ја пуштиме На Велигден. Следниот ден се најдовме во продукцијата на македонското радио и се договоривме како би го реаризирале албумот. Бидејќи немав доволно песни,на Б стр. ги ставивме песните од МАКАКУС, а на А стр. песните што ги работев со Тоше Попсимонов. Првото, премиерно емитување песната ја има во музичката емисија на Михаил Бошковски МАК ТОП 10, како предлог, а по избор на слушателите доби најмногу гласови. Од тогаш па до ден денеска веќе знаете што се случило. 

Свесни ли бевте дека направивте хит?

- Со оглед на тоа низ што помина песната, тешко дека некој би помислил дека имам хит.

Која е твојата Велигденска честитка до сите православни христијани?

-"Љубовта победува сѐ!"

Следете го златното правило: "Сѐ што сакате луѓето да ви прават, направете го и вие тоа за нив." Матеј 7:12

Запрашајте се што сакате луѓето да направат за вас, а потоа преземете ја иницијативата и направете го тоа за нив. Само направете го она што сакате да го направите. Често доброто дело нема да ви се врати од оној на кој сте го направиле, но ќе се врати од некој друг агол на овој неверојатен универзум во кој живееме. 

ПС. Јас јавно им се заблагодарувам на сите новинари од радијата и телевизиите, весниците и порталите, но и на социјалните мрежи, кои секој Велигден ја освежуваат меморијата на многу млади со оваа песна, но и на оние возрасни кои се препознаваат во неа.

(А.В)



Спонзорирани линкови

Маркетинг