Љиљана Кочоска Мараш - успешна приказна на специјалист во Шведска од Македонија

Точка

03/05/2019

15:01

6.387

Големина на фонт

а а а

Љиљана Кочоска Мараш е една од оние успешни приказни на доктори- специјалисти од Македонија во странство. По потекло е од Прилеп. Основно училиште завршила во Велес, гимназија во Битола, а медицински факултет во Скопје, на универзитетот ”Кирил и Методиј”.

Во Шведска е од 1990 година, на почеток работела како заменик лекар. Cпецијализирала гинекологија и акушерство во Каролинска болница во Стокхолм 1999-2004 година и докторирала на Каролинска Институт во Стокхолм, 2012 година. Од 2014 до 2018 работела во Универзитетската болница Академиска Упсала на клиниката за гинекологија и акушерство, оддел за детекција и хирургија на гинеколошки кацер, каде меѓу другото се оперира со робот.   

Која беше причината за заминувањето?

- Сопругот, кој дипломира со висок просек на Електротехнички факултет во Скопје, беше претседател на ИАЕСТЕ, доби пракса во ИБМ во Стокхолм. Му се придружив на сопругот после дипломирање, војната на југословенските простори почна една година подоцна и влијаше да ги промениме плановите.

Кои услови треба да ги исполнуваат лекарите од Македонија за да работат во Шведска?  

- Лекари кои дипломирале на универзитет надвор од ЕУ, мора да полагаат шведски јазик и испити од областа на медицина за да нострифицираат диплома. Специјалистите треба само да полагаат шведски јазик и да работат минимум 6 месеци, а во некои болници и повеќе, како пробно вработување за да им биде признаена специјалзацијата. Ако пак бараат работа како специјалисти од Македонија треба да се пријават на оглас кој го објавува болницата на која тој кадар и е потребен. На лекари кои дипломирале на универзитети во земјите од ЕУ им се признава дипломата, но мора да положат шведски јазик. После дипломирање потребно е да стажирате 18 до 24 месеци, зависно кој дел од Шведска, просечна плата за лекар кој е на стажирање е 33 000 SEK бруто, данокот e 30 % .После стажирање мора да положите државен испит, кога ќе го положите добивате диплома од Минситерство за здравство дека сте легитимиран лекар и со тоа добивате право да се пријавите на оглас за специјализација. Специјализацијата е минимум 5 години. Во текот на специјализацијата просечна плата е 45 000 СЕК бруто и нагоре, а кога ќе специјализирате почетна плата е 62 000 СЕК и повеќе, зависи од специјализацијата и во кој дел од Шведска е. Во Стокхолм и поголемите градови потребно е да работите како заменик, помлад лекар и до 2 години, за да добиете можност за стажирање, платат е помала од 33 000 СЕК бруто во тој период пред стажирање. Во најдобар случај , ако студирате во Шведска, студииите се 5.5 години, ако директно после тоа добиете можност за стажирање 18 месеци и веднаш после тоа се пријавите и добиете специјализација, тогаш ви се потребни 12 години студии и работа за да стигнете до диплома специјалист. Во пракса е просечно 15 до 16 години, со оглед колку време ви треба за да добиете можност за стажирање. Ако сте пак од друга земја, штотуку дипломиран лекар процесот многу подолго трае, особено траеше долго во 90-тите кога беше голема економска криза во Шведска 1990-1998 и вработувањата беа речиси стопирани, договорот за работа беше на одредено време, неколку месеци , со продолжување.

Дали е дефицитарна професија како кај нас?  

- Специјалисти по патологија, рентген, психијатрија и лекари општа пракса се дефицитарни.

Има ли можност за напредување?  

- Да, напредувањето во универзитетска болница зависи од компетентноста, дали се занимавате со научна работа, предавање на студенти што влијае пропорцоионално и на платата. Во помали болници научната работа не се поставува како услов за вработување и напредување.


На кој начин функционира здравството во поглед на услугите кон пациентите?  

- Пензионерите имаат здравствени бенефиции, невработените исто така. Ако сте осигуреник на Шведска (државјанин или имате постојана работна дозвола) тогаш не плаќате за здравствени услуги, операции и слично, тоа се плаќа од данокот, има посебен фонд. Дури и ако сте бегалец и имате акутна потреба од здравтсвена заштита, болничка услуга и не можете да платите, се покрива од посебниот фонд. Апаратурата е најсовремена. Сите поголеми операции на урологија и гинекологија се вршат со робот. Простата сега се оперира со помош на робот. Посебно ме интересира превентивата, рано откривање на канцер, како превенција на рак на грло на матка, кој во Македонија е многу висок поради слабата превенција. Шведска го преполови бројот на заболени од рак на матката од 1970 па наваму откако воведе организиран скрининг. Такво нешто би можела Македонија лесно да направи. Јас во 2016-та донесов два мобилни колпоскопи за детекција, превенција и држев предавање на конференција на гинеколози во Скопје на која бев поканета.

Има ли недостатоци здравствениот систем во Шведска?  

- Недоволен број на болнички кревети во однос на потребите. Многу долго се чека на акутно поради дефицит на персонал во однос на број на пациенти, но и поради неефективност. Долго се чека за планирана операција, сега веќе и за канцер. Премногу администрација, политичари го водат здравството , што во голема мерка негативно влијае на приоритирање во болниците, недоволно познавање на потребите во здравството, погрешни одлуки во структурирање на процесот и персоналната политика. Дефицит на медицински сестри, особено на операција и на анестезија. Персоналот заминува во приватни болници и амбуланти.  

Важат ли посебни правила за странци кои живеат таму во поглед на здравственото осигурување? 

- Ако имате работна дозвола или сте државјанин плаќате симболична сума за посета на акутно одделение, инаку сите други здравствени услуги, операции, пороѓаи се покриени од порезот што го плаќаме и пациентот не плаќа ништо. Школувањето и универзитетите се покриени од порезот и се бесплатни за учениците и нивните семејства. Ако не сте осигураник плаќате полна цена која е многу висока, посета на акутно одделене може да ве чини од 1500 СЕК нагоре. 

Што може да учи Македонија од шведското здравство? 

- Превентива: многу ниска инциденца на рак на грлото на матката, многу ниска смртност на бебиња, контрола на трудници во текот на бременост. Одлична компјутерска база на податоци за студии, висока етика и морал на лекарите, зборувам за оние со кои јас работам. Модерно опремени, чисти болници, висока технологија , особено дијагностика, можност за интересна научна работа.

(А.В)



Спонзорирани линкови

Маркетинг