Соња Алексоска Неделковска: Евровизиски искуства

Точка

10/05/2019

12:07

5.765

Големина на фонт

а а а

Во Белград занемев пред Евгени Плушенко, во Малме бев во куќата на Златан Ибрахимовиќ. Десет евровизиски настани и многу искуства зад сцената на овој гламурозен настан памети новинарката Соња Алексоска Неделковска.

Како евровизиски известувач на некогашен Дневник, присуствувала на изборот во Стокхолм, Шведска (2000), Талин, Естонија (2002), Истанбул, Турција (2004), Киев, Украина (2005), Атина, Грција (2006), Хелсинки, Финска (2007), Белград,Србија (2008), Москва, Русија (2009), Баку, Азербејџан (2012), Малме, Шведска (2013). 

[Баку]

Која беше првата Евровизија која ја следевте како новинар? 

- Секоја Евровизија ја доживеав на посебен начин и професионално и приватно. Првата во Стокхолм ја паметам по неизвесноста и стравот, како ќе успеам да го одработам овој настан најпрофесионално, за да ја оправдам довербата на тогашниот тим на Дневник. Постојано бев присутна во прес центарот, на пробите на изведувачите, за да не испуштам некој детал од настанот. Но, подоцна сфатив дека амбицијата, упорноста, желбата да успеам да го доближам овој настан до читателите на весникот, беа мојот мотив и следните години. После секоја одработена Евровизија, кога ќе се вратев во Скопје, одев на инфузија.  

Не претерувам, најбрутално сум искрена. Така го плаќав данокот на мојата професионалност.

Што ве воодушеви?

- Гламурот, големината на салата, сценографијата, техниката за пренос на настанот, се само дел од нештата кои за првпат ги видов таму. На пробите посебно ме одушевувавше начинот на кои стотици луѓе истрчуваат на сцената и за три минути додека на телевизија се емитува евровизиската разгледница, ги менуваат реквизитите нечујно со „брзина на светлината“. Во настанот се инволвирани професионалци од земјата домаќин на изборот, но и од повеќе европски земји. Додека си сведок на сето тоа на памет ти доаѓа само една мисла „можеме ли ние некогаш да бидеме дел од ова лудило?“ Да бидеме домаќини на изборот. Во некој дел од салата обично е сместен прес центарот. Секој новинар има свој компјутер. Никогаш не се случило да има недостаток од компјутери. А присутни се околу 2.500 новинари. За потребите на новинарите се грижат волонтери, претежно млади и убави девојки. Ова е сликата на секоја Евровизија. Во зависност од тоа, колку е богат или дарежлив домаќинот, имате на располагање само вода или кафе, сокови, овошје. Во Азербејџан беа најдарежливи. Секој ден пред прес центарот волонтерите правеа скара и служеа месо.  

Која Евровизија би ја издвоиле како незаборавна?

- Би ја издвоила Евровизијата во Истанбул, на која нé преставуваше Тоше Проески. Турците се цареви. Уште првиот ден ја почуствувавме топлината, гостопримливоста. Тоа беше Евровизија со душа. Скандинавците се пријатни луѓе, но не се возбудуваат многу за овој настан. Русија и со организирањето на овој избор докажа дека е најмоќна. Таков раскош на сцена сеуште никој не покажал. Грижата за новинарите беше на највисоко ниво. Дури по неколку дена со мојата колешка, фоторепортерката Маја Златевска откривме дека имаме и свое обезбедување кое за нас се грижи 24 часа.  


[Баку]

Незаборавни случки?

- Кога би почнала да ги пишувам моите случки на овие избори кои ги следев со Весна Миленковска, новинарка на некогашен Вест, не би издржало ни најсилното перо.  

На тие спомени секогаш се навраќаме и најчесто многу се смееме.  

Во прес центарот во Белград, поради мојата тотална дезориентација, почнав да се вртам во круг и наместо да се симнам на приземје, сфатив дека се качувам на вториот спрат. Беше некаде околу два часот по полноќ. По прес конференцијата на вторите финалисти, сите новинари го напуштија објектот. Во еден момент сфатив дека нема никој на спратот. Полека почнаа да се гасат светлата. Одеднаш забележав еден исклучително висок и крупен човек. Застана пред мене и со поглед ме праша: „Од каде ти овде? По неколку секунди не знам од каде до него застана и Евгени Плушенко. Светска спортска легенда во уметничко лизгање, кој настапи на сцена со рускиот изведувач Дима Билан. Плушенко е мојот идол. Ги следев сите негови настапи. Занемев и го гледав право во очи како хипнотизирана. Човекот кој беше до него ми мавна со раката да одам. Но, Плушенко го спречи. Дури тогаш успеав да му речам: „Ве молам може ли да направиме интервју?“ Прифати. Буквално врескав од среќа кога излегов надвор.

Во Москва бев една од среќниците кои успеаа да го убеди менаџерот на светски познатата манекенка Наталија Водјанова, да ме внесе во нејзината соблекувална за да ја интервјуирам. Боже колку е убава!

[Москва]

Во Малме се запознав со најдобриот другар на фудбалерот Златан Ибрахимовиќ. Со негова помош, направив репортажа за дел од животот на фудбалерот во Малме и за сите добра кои им ги подарил на сиромашните луѓе кои живеат во делот на градот каде што и тој некогаш живеел. Потоа отидовме во неговата прекрасна куќа покрај морето. Имаше најави дека Ибрахимовиќ ќе дојде тој ден да присуствува на второто полуфинале. Влеговме во дворот и веднаш истрчав да ѕвонам на неговата врата. Го чекав, и покрај убедувањата на неговиот другар дека е време да си одам. Беше приморан да му се јави на Ибрахимовиќ за да потврди дали ќе дојде или не. Одговорот беше дека поради обврските ќе присуствува само на финалето. Но, и тоа ветување не го исполни.


[Малме]

Евровизија е настан за целото ваше семејство?

- Од дете ја следам Евровизија. Сонував еден ден да бидам присутна на овој настан во било кое својство. Бог ми ја исполни молбата и желбата. Потоа сонував и мојот сопруг Огнен да го вкуси гламурот на овој настан како автор, и тоа ми се исполни. Но, од пред две години, најголема желба на мојот син Филип, кој студира музика на ЕСРА, му е еден ден да ја претставува Македонија на Евровизија како композитор.

Можеби еден ден и тоа ќе се случи! Господ е голем! 

Кои се вашите прогнози за овогодишните претставници?

- Моите мисли сега се во Израел. Од срце ќе навивам за Тамара. Верувам во неа. Верувам во песната. Можеби сум пристрасна. Затоа што многу ги сакам и Тамара и Билбилов! Тие се едни од моите музички деца. Заедно растевме, јас како новинар, тие како пејачи и музичари!  

(А.В)
Фотографии: Маја Златевска



Спонзорирани линкови

Маркетинг