Ида Протугер: Човек знае кога е негова одлука, кога ќе ја стави раката на градите и чувствува дека е ок внатре

Точка

24/05/2019

12:34

5.229

Големина на фонт

а а а

Психотерапевтот Милтон Фридман вели : “Не можеш да влијаеш на картите кои ти се поделени, но имаш слобода да избереш како ќе играш со нив”. А од вам добро познатата новинарка, Ида Протугер која сега е тренер за личен развој, ќе дознаете како да бидете автори, а не актери во сопствениот живот.

Ида во 2015-та година есента се пресели во Виена и сфатила дека тешко може да продолжи како активен новинар во Македонија затоа што поради географската оддалеченост, контактите со изворите на информации природно и биле отежнати. Новинар во Австрија практично било невозможно, прво затоа што во тоа време не го знаела јазикот и второ, нејзината “пазарна вредност” познавањето на политичките и економски прилики во Македонија, што таму не е многу конкурентно. Дипломата по психологија и ја признале како магистер по природни науки, но сепак мислела дека и е потребно специјализирано образование. Се заинтересирала да се дообразува, да ја искористи психологијата како основа и да запише обука за Лајф коуч (тренер за личен развој) која во Австрија трае две и пол години и програмата е пропишана од државата. Сегае среќна со новиот, односно променетиот професионален идентитет, особено што тој пат прво ја збогатил со учење на нов јазик, германскиот и што и отворил еден нов процес на себеспознавање и себеприфаќање.

Велите човек треба да биде автор, а не актер во сопствениот живот. Но, не секогаш е потполно независен и безобѕирен за да може да тргне на патот кон целта без сугестии, онака самоуверено, без да му е гајле „што ќе речат другите“, постојат морални норми?

- Секако, човекот е социјално битие во суштина и многу му е важен системот во кој делува и другите луѓе. Но, не треба човековите лични потреби да се мешаат со карактеристики како безобзирност, себичност и сл. Овдека поентата е дека човекот секогаш има слобода на избор и одлука, токму земајќи ги предивд околностите и луѓето, кои се веројатно најважен дел во таквиот негов контекст. Важно е човек да почувствува дека одлуката е негова, а не не родител, партнер, пријател, туку негова, а тој лично ги зел предвид околностите и луѓето кои му значат. Акцентот е на човекот како активен креатор, а не пасивен спроведувач на очекувања. Човекот има избор дали да биде пасивен учесник во својот живот каде “моралните норми”, луѓето околу него, менаџментот каде работи и сл. ќе му го управуваат животот, односно тој ќе го моделира однесувањето кон тие “барања” кои ги снима од околината. А има избор и да донесе сопствени одлуки во истите околности, имајќи ги предвид барањата на околината, но и сопствените потреби за реализација. Важно е притоа, да знае кои се неговите потреби, а тоа не е лесно и не е секогаш случај. И во едниот и другиот случај, се работи за избор. Но човек знае кога е тоа негова одлука, кога ќе ја стави раката на градите и чувствува дека е ок внатре со таа одлука. Така ќе биде о.к. и со грешките, ќе бидат негови и лекциите од нив, ресурси кои ги стекнал. Да ги земеме моралните норми предвид како што ги споменувате и ќе илустрирам со пример. Една жена во Авганистан според тамошните морални норми, но и закони нема право на образование. Според моралните норми на западните земји, образованието се смета за посакувана додадена вредност. Таа жена има одредени потреби за себереализација, но делува во определен контекст (родена е во определена земја) кој е значајна варијабла во равенката наречена животни планови. Таа има избор, да одлучи свесно дали ќе се откаже од својата желба за образование затоа што условите таму тоа го налагаат или ќе се обиде да ги следи своите цели така што ќе излезе од таа средина и ќе се обиде да дојде до контекст (средина) каде ќе може да се образува. И во двата случаи има право на избор, но разликата е со кој избор таа се чувствува добро, односно дека е поблиску до себереализација. Психотерапевтот Милтон Фридман тоа убаво го објаснува во еден цитат: “Не можеш да влијаеш на картите кои ти се поделени, но имаш слобода да избереш како ќе играш со нив”. Многу луѓе не ја разбираат слободата на избор и одлука како да играат со картите, во тоа е поентата. Ќе ви дадам уште еден илустративен пример. Некој млада девојка е во врска со партнер подолго време, но чувствува дека не е среќна со него, а нема храброст да прекине поради тоа што мисли дека околината (родители, пријатели, партнерот) очекува таа да се омажи и да има деца. Се случува партнерот да ја побара за жена. Сега што е повеќе етички, да каже ДА за да ги исполни очекувањата на околината или да донесе свесна одлука имајќи ги предвид сите аспекти, во кои најважно, нејзината лична среќа и потреба за себереализација (како сопруга, мајка и сл.)? Затоа што изборот на партнер е важен за она што го нарекуваме лична среќа, токму поради нашата социјална природа. Таа има избор дали ќе биде актер (да ги исполни туѓите очекувања жртвувајќи ги сопствените потреби) или автор каде ќе одлучи што е најблизу до она што за нејзе е лична среќа.

Со само тоа што е социјално битие, средината бара, тргнувајќи не подалеку од неговото непоредно опружување, семејството, отстапки?

- Не би се изразила дека се отстапки, туку повторно, избор на свесен сопствен одговор на дадената ситуација. Каде блиските луѓе од опкружувањето имаат голема улога. Повторно ќе дадам пример од вистинска животна приказна. Девојка бара помош од психолог/тренер за личен развој затоа што се чувствува несреќна и неприфатена од сопственото семејство. Нејзината изградила некаква идеализирана слика за својата ќерка или сака преку нејзе да оствари сопствени нереализирани амбиции. Бидејќи ќерката не ги исполнува, мајката ја нарекува “најголемо разочарување”. Разбирате колку е важно прифаќањето од родителот, а во случајот имате негирање на “вистинската” ќерка и инсистирање таа да исполнува некаква форма на иделизиран модел што не е таа самата. Тоа е многу болна ситуација, но такви ситуации се случуваат, животот е комплексен. На таа девојка и треба поддршка и помош да биде во контакт со себе и своите потреби наместо да вложува енергија во нешто што не е, за да ги задоволи барањата на мајката за да биде прифатена. Каде се тука отстапките што еве би ги барало семејството како што прашувате? Да отстапиш од себе си?

Како човекот полесно да ја пронајде среќата во себе, затоа постојано се повторува, не надвор, во себе треба да ја пронајдете среќата, да се спознае, да се сака повеќе?

- Прифаќањето и сакањето на себе, на вистинското несовршено јас, е услов да можете да уживате и во среќата “надвор”. Општеството наметнува “модели” на среќа. Витко тело, полни усни, како “услов” за убавина, кариера, брак и деца како “услов” за успех во општеството. Но, дали навистина некој ќе биде среќен ако ги “исполни” тие барања на наметнатите модели? Еве, сега во ботокс може да се направат усните полни. Дали тоа може да ни внесе среќа во душата? Притоа немам ништо поротив таквото “разубавување” само укажувам на мотивот. Јас мислам дека што човек подобро се познава себе си и ги следи своите потреби, повторно, земјаќи го предвид контекстот во кој делува, тој ќе биде поблиску до сопствениот “идеал” во себереализација. Но, за тоа е потребна зрелост и искуство. Ќе се послужам со цитат на поетот Руми: “Внатре во себе ги носиме чудата кои ги бараме надвор од нас”.

Може ли да се каже дека една олеснителна околност за лична среќа е ЖЕЛБАТА да не стане ЦЕЛ?(за да нема разочарување)

- Напротив, кога желбата има цел како крајна точка зборуваме за мотивација. Тоа е дефиницијата и мотивацијата е всушност главниот мотор во организмот. Ние како општество погрешно размислуваме дека секогаш нашите одлуки треба да водат кон успех, прифатеност затоа што разочарувањето е нешто страшно. Затоа во мојата колумна на која се реферирате, ја спомнав книгата на Кундера за неповторливоста на моментот во животот и товарот на грешките и разочарувањата. Само грешките и лекциите од нив водат во прогрес. Фројд рекол: “Од грешка во грешка човекот ја открива целата вистина”. Слично со разочарувањето. Да, тоа е болно, но искуството од него е непроценливо. Сега веќе во развиените земји во корпоративниот свет, на интервју за работа се цени ако во кариерата сте направиле некои грешки, бараат да им раскажете за нив. Не само за успесите, затоа што човекот не е совршено суштество, робот. Тој преку грешките и разочарувањата учи и тој што греши значи дека навистина работел и има повеќе искуство. Ако човек има желба, тоа е пасивна состојба. Ако има желба и цел поврзана со неа, тогаш акцентот е ставен на него како активно битие со стремеж.

Колку е лесно да се менуваат луѓето откако ќе се спознаат и запознаат себе си, имајќи предвид дека до 3- тата година се оформени карактери, може нешто да се поднашминка но скелетот е тој?

- Точно дека најголемото оформување на личноста е во детството, но науката докажала и многу психолошки правци ги користат тие сознанија, дека научените модели на однесување се менуваат. Односно тие модели (патерни) во детството кои имале некоја функција која тогаш била од корист на детето, а подоцна станале бреме во однесувањето на личноста можат да се сменат. Конечно, промената е наминовен дел од нашиот животен пат. Секој разговор, ново искуство, грешка, успех, комуникација нас не менува. Ние денес не сме тоа што сме биле вчера. Животот е динамична категорија. Потешкотиите во светот на возрасните најчесто настануваат кога ние имаме одреден проблем, конфликна ситуација и сакаме сама од себе да се промени. На пример, трпиме мобинг од шефот на работа и очекуваме тој да се смени. Живееме во лош брак и чекаме тој да да не биде веќе лош. Моментот од пасивно чекање да се смени контекстот, во активен пристап кон реализација на нашите цели, кај секој човек доаѓа кога самиот ќе почувствува потреба за промена. Кај себе, не кај околината. Инаку промената секако не оди по инструкции. Не можете некому да кажете “ти живееш во лош брак, разведи се”. Не оди тоа така. Човек сам за себе знае најдобро што му е потребно и кога му е потребна промена. Прашањето е само дали има храброст да тргне по својот пат. Да ја искористи својата слобода на избор и одлука.

Автор: А.В.

Фото: Чедо Поповски



Спонзорирани линкови

Маркетинг