Заев за блокадата на Франција: Ќе беше фер да ни го кажеа тоа пред Преспанскиот договор

Точка

22/10/2019

10:39

4.453

Големина на фонт

а а а

Премиерот Зоран Заев во интервју на емисијата „360 Степени“ проговори за неодамнешните случувања на Самитот на ЕУ во Брисел каде што Македонија претрпи голема неправда.

Иако на Македонија ѝ беше ветен датум за преговори и Европската унија ги призна и препозна реформите на нашата земја, сепак во Брисел не беше донесена одлука за доделување на датум за преговори за членство во Европската унија.

Заев во емисијата „360 Степени“ уште еднаш нагласи дека Македонија е жртва на внатрешните политики во Европската унија.

„Причината не сме ние и тоа треба да им биде јасно на сите. Тоа го кажа Макрон заедно со Меркел во средата кога имаа заедничка владина седница во Тулуз. Во таа изјава тој рече - ние не сме спремни. Спремни се земјите, за нас потенцираше посебно, кажа неколку негативни примери за Албанија, но за нас беше само во позитивно светло“, изјави Заев и додаде:

„За првпат се случија работи за составувањето на ЕК, гледате како не можеа да се договорат за претседател на ЕК. Првпат се случува во историјата на ЕУ, да падне предлог на Франција за еврокомесар, и тоа помина две фази и падна. Поради тоа, слушнавме од други колеги, премиери, дека Франција уште тогаш најавувала - па ќе видиме понатаму за проширувањето“, додаде македонскиот премиер.

Како што е познато, францускиот претседател Емануел Макрон дури и сними специјално видео преку кое испрати порака до граѓаните на Македонија - да излезат на референдум и да го прифатат Преспанскиот договор, за земјата конечно да тргне кон Европската унија и НАТО.

Заев го потенцираше токму тоа и порача дека би било фер од страна на Франција да ни го кажеше ваквиот став за проширувањето пред да го потпишеме Преспанскиот договор со Грција, со кој беше променето името на нашата држава.

„Пред да го направиме Преспанскиот договор барем да ни кажеа, така? Тука е болката. Значи, тука е нефер и неправдата која ни е нанесена. Ние сме здраворазумни луѓе, нации, држави. Можеме да прифатиме, да ни се објасни. Слушајте, таква и таква дискусија има, тоа може тоа и тоа да предизвика“, изјави Заев.



Спонзорирани линкови

Маркетинг