Наде Молеровиќ: Поважно е што ние ќе направиме за своите деца или ќе ги научиме тие сами да прават за себе?

Точка

16/01/2020

16:51

3.634

Големина на фонт

а а а

На самиот почеток на годината кога многумина почнуваат нови проекти, нови бизниси, го поставуваме прашањето: Во што е најпаметно да инвестирате? Кога велиме „инвестирате“ секако дека не мислиме само на материјална инвестиција, туку и на духовна. Се чини дека залудни се сите материјални добра кои ќе им ги обезбедите на своите деца ако не сте им посветиле доволно време, внимание, воспитание и ако не сте направиле од нив личности кои ќе можат „сами да пливаат“ во животот.

Но, како да изградите од децата здрави личности, оспособени да се справат сами со предизвиците на животот, разговараме со Наде Молеровиќ - едукатор, мотивациски говорник, професор, директор на основно училиште кој е во секојдневно опкружување со деца. „Бидете им ветар во нивниот грб и сигурно пристаниште на кое можат да се вратат после секоја бура“- вели таа. 

Конфучиј вели: Здрава личност, здраво семејство, здраво општество. Која е вашата формула за детето да порасне во здрава личност и покрај опасностите на денешното време?

- Семејството за детето е неговиот свет во мало.Тука детето учи и гледа од неговите родители, најблиските членови од семејството како се разговара, како се донесуваат одлуки, како се решаваат проблеми,на што се радуваат, што им е важно, што ги лути.....итн.

Детето во зависност од традиција, вредностите, редот, правилата и дисциплината кои се практикуваат во семејството такви карактерни особини ќе развива. Родителството е предизвик, доживотна професија од која благословот, наградата за успешно завршената работа може да биде среќен и реализиран човек. Клучните прашања што секое семејство треба да си го постави се:

Дали е поважно што ние ќе направиме за своите деца,или пак, што ќе ги научиме тие сами да прават за себе? Која е нашата семејна визија? Како го замислуваме детето како возрасна личност? Кои вештини, знаења и умеења ќе ги поседува детето со мојот начин на воспитување? Во домот каде се негува љубовта, каде паартнерите взаемно се почитуваат,каде се поставуваат јасни правилата и се дефинираат граници на дозволено и непримерно однесување се воспитува детето да биде одговорно за своите постапки. Треба да се применуваат позитивни начини и методи , примери и совети, модели на однесување и со поуки. Казните не обезбедуваат никакви други резултати освен негативни.Без стабилна основа на безусловената љубов и без дисциплината проткаена со љубов , казната може да создаде заемни непосакувани односи меѓу детето и родителите.На децата им треба многу љубов, подршка и дисциплина.


Родителите се првите учители,подржувачи, мотиватори кои што треба да ги охрабруваат децата и да ги насочуваат низ безбедни патеки да стасаат до посакуваните цели. Како, кои методи и пристап е најуспешен во воспитувањето се клучните прашања кои секој родител треба да си ги открие.Кои погледи, верувања и однесување ќе ги применувате во семејството, во воспитувањето на сопственото дете ќе бидат огледало на вашето јас, детето ќе биде вашата копија, вашата реклама за тоа каков родител сте биле.Вашите зборови нема да им значат ако тоа што го зборувате и не го применувате во практика.

На децата им е потребна помош при растењето, а, на родителите совети како да воспитаат и израснат среќно дете. Само успешен, добро воспитан родител може и треба да биде пример на своите деца и модел од кој ќе се учи.Со Денешните деца се иднината на новите семејства, на општетсвото, но и на светот.Ним им требаат млади кои ќе си веруваат себе си,кои ќе разберат дека со пари среќата не се купува, дека е поубаво да споделува отколку само да бара,дека е добро да се има своите ставови, да се биде трпелив и толерантен, да се сака и да се почитува....Ете, ова се вредности кои треба едно семејство да ги втемелува во детската личност за да животот биде радост и безбедно патување низ животот,да се биде добар, корисен и среќен човек. А, само среќен и успешен човек може да биде светлина на другите околу себе,заедницата и светот.

Во трка за пари и градење кариера, родителите се помалку имаат време да им се посветат. Вистина или изговор?

- Родителите треба да ги утврдат најважните работи кои си ги поставиле во животот. Каде е местото на детето? Дали тоа е најважното? Или пак, е на второ, на трето, на четврто место? Кои се вашите приоритети почитувани родители? Што и кој го завзема вашиот живот? Работата? Партнерот? Куќата? Вашето хоби? Телевизорот, компјутерот? Социјалниот живот? Во семејствата каде што има хармонија, исполнетост, среќа , родителите имаат соодветен вредносен систем и силни морални принципи. Тие знаат дека на детето треба да му се даде доволно љубов, а, љубов значи време.Ако има недостаток од внимание и грижа детето ќе се чувствува запоставено.Тоа кај него развива негативни емоции,љубомора,гнев, лутина, па и агресија.Таквите деца најчесто создаваат грижи на наставниците во градинките, училиштата и во средината во која живеат,Децата кои страдаат од недостаток на родителска љубов и внимание стануваат несигурни, плашливи,повлечени , неподготвени да сакаат други деца и да примат помош од нив.од посветеното и квалитетно време зависи какво дете ќе се одгледа. Една од моите омилени детски заповеди и пораки до своите родители е “Јас уште малку време ќе бидам мал , брзо ќе израснам и ќе ни недостасува ова време на моето детство”. Познавам многу луѓе кои поради трката за пари и кариера пропуштиле многу скапоцени мигови на дружба, игра, забава со своето дете. Неможат да се вратат тие мигови. Љубов безусловена во неограничени количини, ниедно дете нема да се “расипе’ ако му се искажува секојдневно љубов, прегратки и најтопли зборови ‘те сакам” “колку е поубав и побогат нашиот живот со тебе во него””колку ли сме само благословени со твоето присуство”...

Воспитувањето е долгорочна и бесплатна работа, одговорна работа, но ефектите можат да донесат резултати вредни како најскапоцени дијамнати.Патот е преплетен со многу непреспиени ноќи,предизвици,но со триумф и лична среќа за успешно завршената родителска мисија кога на крајот ќе создадете корисен, праведен, среќен човек кој може да го промени светот на подобро.Доколку вашата љубов ја вложите и искажете со време во кое сте му создале на детето безброј заеднички мигови кои ќе бидат вградени во неговата меморија за убаво детство, сте ја постигнале целта. Немам време, се само изговори кои родителите ги имаат избегнувајќи ја соспствената присутност во детскиот живот.Добра организација на квалитетно поминато време заедно со семејството и децата се исклучителна одговорност на родителите. Во текот на денот доволно е вашиот фокус да го отргнете од мобилните телефони, тв, и други уреди кои ви ја земаат концентарцијата и еден час да го поминете заедно поставувајќи си прашања за денот кој поминал, за кои нови знаења се стекнале, за мигови во кои детето се чувствувало среќно, тажно, уплашено, загрижено.....Бидете им ветар во нивниот грб и сигурно пристаниште на кое можат да се вратат после секоја бура.


Колку постои свесност дека стекнатото материјално би им било апсолутно непотребно ако “ги изгубат децата од вид”?

- Материјалната сигурност и услови за живот се секако важен сегмент во битисувањето на едно семејство, но , тоа не треба да биде единственото мерило за успешност.Познавам многу луѓе кои сатисфакција наоѓаат во парите,во власта и во угледот.Но, кога ќе го искусат животот и ќе ги откријат вистинските вредности, тие тажно констатираат дека инвестирале во погрешна насока.Има многу богати луѓе кои најдобрите години од животот го поминале во правење пари, а, семејството и децата биле запоставени и осиромашени од вистинското присуство во нивниот живот.Доколку сакате да бидете добар родител на своето дете, не се запоставувајте вие посветувајќи премногу време само за професионалната работа.Организирајте заеднички активности по изборот на вашето дете ама, заеднички да го чувствувате задоволството.Овозможете му во текот на денот максимална љубов, разбирање и подршка.Одржувајте блискост,нека биде сигурно дека може секогаш да смета на вас, верувајте му на неговите зборови и почитувајте го.Деца кои ја немаат подршката од родителите не умеат да се носат со критиките коии ги добиваат надвор од домот, тешко поднесуваат неуспех и не го развиваат до крај својот потенцијал.Ним од пресудна важност им се пофалбата , вниманието и времето кое сте им го посветиле.И покрај многуте обврски на работа, дома , мора да се посветите на родителската улога.Таа е најважна ако сакате да воспитате и одгледате карактерно дете.Вие сте тие кои го градите неговиот карактер, затоа бидете во потполност присутни и воспитувајте го. Децата мора да бидата вашиот приорите. Одвојте барем 15-20 мин во текот на денот кога ќе бидете со своето дете, без тв, телефонски муабети,поминете посветено и фокусирано внимание, кажете му дека го сакате.Нека знае дека може да се потпре на вас,пофалете го неговиот напредок,помогнете му да размислува и само да го решава проблемот, да донесува корисни одлуки и бирајте позитивни зборови.Најдобриот родител е среќниот!

И вложувањето во децата од аспект во тренинг, посетување курс по јазик и други активности е инвестиција, но колку вреди и тоа ако немаат време да го прашаат како е? Како поминало на училиште?

- Денес покрај секојдневните училишни и вонучилишни активности децата се премногу ангажирани на дополнителни едукативно-спортски-забавни курсеви чија цел треба да биде следење на интересите и талентите на детето.Се што е премногу активности им создава притисок на децата кои немаа доволно време да играат со своите врсници. Корисно е времето да се исполнува со ангажмани надвор од домот за да се отргнат од светот на модерната технологија и виртуелниот живот на социјалните мрежи.Треба на децата да им се нуди избор, каде би сакале тие да го поминат своето време.Не е убаво, фрустрирачки е за детето доколку родителите си ги следат сопствените неостварени желби да бидат фудбалери, музичари, уметници, спортисти итн.Пресудна треба да биде желбата и интересот на детето. Се друго, ќе предизвика незадоволство и немотивираност во постигнување високи резултати.Изборот се прави со договор и разговор со детето, почитувајќи ја неговата одлука. Денес навистина мислам дека има премногу дневни активности кои повеќе кај децата создаваат негативни чувства одколку радост и страст. Дајте им на децата повеќе да трчаат, да престојуваат во планина,да се дружат сосвоите врсници каде што ќе ги развиваат своите емоционално-социјални вештини во непосредните комуникации и разрешување на проблеми.Поставувајте му на детето исклучително содржински прашања кои ќе потикнуваат позитивно критичко мислење: Колку беше денес среќен на училиште?Дали научи нешто ново?Имаше ли ситуации во кои си беше горд на себе? Дали успеа да решиш некоја дилема денес? Разговор, разговор......смо така се градат силни и квалитетни реалции со децата.

Го оправдувате ли патувањето на родителите без деца ”за да се одморат”? Зошто се значајни семејните патувања?

- Навистина многу е чудно колку од денешните генерации родителството да го доживуваат како “тешка” обврска, обврска која не им овозможува да го живеат социјалениот живот во кој децата им се терет.Жално е навистина, ако тоа чувство кај нив создава нелагодност која децата вешто ја препознаваат и себе си се доживуваат како несакано и “вишок”.Да се биде родител е животна улога за која треба да се подготвуваме уште во моментот кога ќе решиме да станеме родители.Таа улога треба да носи задоволство, радост и предизвик.Родителството се учи исто и како се друго што би сакале да научиме во животот.Прашање е само, дали сакаме да учиме?


21 век ни донесува секојдневни различни промени и новитети.За да бидеме во тек со времето мораме секојдневно да учиме нови нешта.Лекарите учат за новите начини на лекување, фармацевтите за новите лекови, наставниците и воспитувачите за новите методи и постапки во воспитувањето, пдучувањето.Но, дали има училиште за родители?Дали родителите треба да се едуцираат?Секако дека да,многубројните промени во општеството влијаат и врз семејствата, животниот стил,карактеристики на семејството како и воспитувањето.Родителските воспитни постапки влијаат во создавањето на квалитетен однос меѓу нив и децата и нивниот понатамоѓен развој.Од родителите се очекува комплетно, одговорно дејствување во исполнувањето на родителската задача;здраво,успешно, среќно и реализирано младо суштество.Одговорниот родител знае дека од него самиот зависи каква контрола ќе има врз сопственото родителство кое континуирано ќе го осовременува и проширува со нови знаења, ќе ужива во секој момент со сопственото дете и нема да го чувствува како терет.

Како треба да се постапува со родителите кои ги забораваат децата во градинките според кажувањето на вработените таму?

- Од претходно кажаното само би се надоврзала, навистина е разочарувачки доколку родителите си ги”забораваат”сопствените деца во градинки? Читаме секојдневно во медиумите како родители си ги заборавиле децата во количка на паркинг? Ги затвориле во кола додека пазарувале...

Прашањето е: Кој ни ги воспитува, кој ги одгледува?

-Децата се најголемиот дар што едно семејство може да го има. Децата се радост и за нивното хармонично развивање потребна им е многу љубов и разбирање.Само свесни, одговорни родители можат да се грижат и негуваат здрави, среќни и убави луѓе.

(А.В)



Спонзорирани линкови

Маркетинг