Спец. д-р Адела Стефанија: Модерното време го одложува планирањето семејство, а со тоа се зголемуваат ризиците

Точка

19/01/2020

13:39

5.519

Големина на фонт

а а а

Денес кога се слави Исусовото крштевање, разговараме со докторката која на свет донела ијадници животи до сега, која е родена на овој ден и тоа во Охрид, град кој е најмасовно посетен за овој празник. Бременоста е благослов, но од разговорот со неа дознаваме дека современиот начин на живот влијае и на планирањето на семејството, па се почесто се одложува бременоста и им се дава приоритет на кариерата, финансиската сигурност.

Па така се зголемува бројот на трудници кои одлучуваат да станат мајки по 30-тата, а со тоа се почест е стерилиетот, ризикот од аномалии на плодот и потребата од дополнителни испитувања. И во нашата земја како и во светот се повеќе идни мајки се долучуваат за оплодување од донор.


Се зголемува ли бројот на трудници кои одлучили да станат мајки по 30-тата?

- Бројот на жени кои што се одлучуваат да станат мајки по 30- тата година се повеќе се зголемува од година во година. Ако пред 30 години се направи споредба на возрасната граница кога на 28 години бремена жена се викала стара прворотка,а сега е поместена границата на 35 години. Ова зборува во прилог на тоа,дека денеска се повеке се оди кон прво остварување на кариера и финансиска сигурност, па после потомство. Но, сепак фертилната способност почнува да се намалува од 30 па нагоре постепено.Во секој случај не смее да се игнорира фактот дека постојат позитивни и негативни страни кога се раѓа на одредена возраст,спремноста и сигурноста се најголеми во раните 30-ти години.

Кои се ризиците во бременоста после 35-тата?

- После 35 години веќе се зборува за многупознатиот и конраверзен терин “геријатриска бременост”-бременост во поодминати години, кој е прифатен многу повеке, а кај нас мединскиот-“стара прво, вторототка или мултипара”.Но, тука најбитна е групата на трудници од 35-39 години,39-45,45-49 год.со сите компликации и ризици врзани со бременоста. Бројот на компликации се зголемува, плодноста кај жената се намалува,се зголемува ризикот од појава на хипертензија, дијабетес, болести со бубрезите,посебно кај пациентки со поголема телесна тежина.Се зголемува бројот на бремени пациентки со инвитро оплодување и можноста за мултипни бремености(двојки,тројки). Можноста од спонтан абортус пред 12 гестациска недела, предвремено породување, мртвородено бебе, бебе со помала родилна тежина, плацента превиа,преекламсија и останати компликации врзани со бременоста.Редовни прегледи и консултации со гинеколог,мерење на притисок,шекер во крвта,крвна слика и урина,водење на здрав живот без консумирање на алкохол и никотин,избегнување на изложување на загаден воздух,здрава исхрана без внесување на премногу сол,шеќер и нездрава храна.

Можат ли навремено да се откријат аномалиите на плодот и на кои начини?

- Расте бројот на хромозомопатии и генетски мутации,се зголемува можноста за раѓање дете со Даунов синдром,Клинефертелов,Тарнеров и други синдроми.Пренатален скрининг,испитувања кои се врзани со зголемен ризик од појава на вакви хромозомски малформации и конгенитални аномалии, хорион биопсија,амниоцентеза или пренатален тест за навремено откривање,редовни почести прегледи и водење на бременоста како високоризична уште од самиот почеток. Пренатален неинвазивен тест може да се направи од 10 г.н па се до 24 г.н.,овозможува скрининг на феталната ДНА во примерок од крвта ма мајката со точност од 99.%,преку 10 мл мајчина крв со никаков ризик по плодот.За навремено откривање на хромозомски аномалии може меѓу 10 и 12 недела да се направи хорионбиопсија(9-13г.н.) како дијагностичка метода,се зема мал дел од хориоските ресички на фетусот со ризик од спонтан абортус 1 на 500 пациентки. Амниоцентезата претставува инвазивна метода која се прави помеѓу 16 и 20 г.н.(најдобро е 16-18 г.н.)бидејки во овој период од бременоста има најмногу фетални клетки за анализа.Се изведува со земање примерок од окулоплодовата вода(околу 20 мл),се изведува со специјална игла под контрола на ултразвук.Оваа инвазивна процедура носи ризик од спонтан абортус 1-2%.

Во светот често се практикува оплодување од донор, колку е актуелно во Македонија? 

- Бројот на парови кои имаат проблем со неплодноста и неможноста за остварување потомство по природен пат се зголемува од година во година и се' поголем е бројот на парови кои лекуваат неплодност. Сето ова се должи на повеќе причини врзани со машки, женски, мешовит или неозначен фактор, за кој единствена можност за остварување репродукција е ИВФ, откако ќе се исцрпат сите можности за спонтано зачнување. Се' подоцнежното стапување во брак, желбата за остварување бременост во поодминати години, стресот, многуте испитувања, прегледи и интервенции со разни методи без резултат, доведуваат до потребата од зголемување на бројот на ИВФ циклусите поради кои се' поголем број пациентки остануваат бремени, и од сопствени полови клетки и со помош на полови клетки од донори (сперматозоиди, јајце-клетки и ембриони). Во болниците во Македонија нема доволно донори и затоа се увезуваат биолошки материјали од странство (Данска, Украина, Русија и др.), кои се користат кај 10% од пациентите кои лекуваат стерилитет. За тоа постои посебна законска регулатива која функционира последниве 10-тина години преку Комисијата за БПО при Министерство за здравство, која дава дозвола за БПО со донација. Изборот на соодветен донор го прават самите парови или самохраната мајка, директно од донорската листа, со фенотипски карактеристики од мажот (ако се работи за донирана сперма) или од жената (ако се работи за донирани јајце-клетки), и тоа во однос на боја на коса, очи, висина, тежина, крвна група и слично. Многу парови имаат потреба од донирани ембриони, поради што парот избира и донаторка и донор, по што добиениот ембрион се трансферира кај пациентката. Модерното време, трката по кариера, финансиската стабилност, подготвеноста за остварување потомство, свесно или несвесно го одложува планирањето на семејството. Сето ова води кон неизбежно намалување на квалитетот и квантитетот на јајце-клетките кај жената кои драстично опаѓаат после 35-тата година. Последниве 50-тина години во светски рамки, опаѓа и бројот на сперматозоидите кај мажите, па се' повеќе се соочуваме и со машки инфертилитет.

Природно породување или со царски рез?

- Природниот начин на породување е апсолутно пред царскиот рез!!! Бенефитот што го дава природното породување за мајката е огромен: можност за постигнување емотивна врска и блискост меѓу мајката и бебето уште на самото породување, брзо закрепнување, брзо замунување од болница, намалување на процентот на компликации во тек на породувањето и на пост-породилни компликации (инфекции, крварење...). Според СЗО се препорачува царски рез да се изврши само кога е медицински неопходно. За царски рез постојат медицински апсолутни, релативни и проширени индикации. Апсолутни индикации се состојби каде што породувањето на било кој начин не може да се спроведе по природен пат. Тоа се стеснета карлица, вродени или стекнати аномалии на меките делови на родилниот канал, плацента превиа тоталис и др. Релативни индикации се причини кои под извесни околности не може да се елиминираат, но не бараат во секој случај породувањето да се заврши по оперативен пат (маргинална или ниско поставена плацента превиа, со помало или обилно крварење, изразена диспропорција меѓу главата на плодот и карлицата на мајката, тешки облици на гестози во бременост, заканувачка руптура на матката, неправилна положба на плодот или мултифетална гестација). Проширени индикации се: недоволно снабдување на плодот со кислород од постелката, стари прворотки карлична поставеност на плодот, долго лечен стерилитет кај постари прворотки, жени кои немаат деца со извесен степен на диспропорција на карлицата, карлична положба на плод со голема телесна тежина, челен, лицев или теменен став на плодот кај релативно стеснета карлица на мајката и пациентки со претходно постоечки мозочни, срцеви, белодробни и др заболувања, активен херпес гениталис и сл. Бројот на царски резови се' повеќе расте и во светски рамки, на пример во Кипар е највисок 52%, Италија 41%, за разлика од Шведска каде е 17%. За компарација, во Македонија се движи над 30%. Сепак царскиот рез не се прави по желба на мајката или поради страв од природно породување. Потребно е да се објасни детално на пациентката кои се предностите, а кои негативностите од самата операција. Постои можност за безболно природно породување благодарение на разни анестезиолошки обезболувања (епидурал, light-спинал, remi и слично).

Прво дете-царски. Второ-пак царски. Заблуда или вистина? 

- Апсолутно не мора да значи дека ако првото дете е родено со царски и второто дека мора да биде со царски рез. Ако не постојат апсолутни индикации и ако има поминато доволно време помеѓу двете бремености од минимум 18 до максимум 24 месеци, нема потреба од царски рез. Ако првиот царски рез е поради фетални компликации, тогаш второто породување може да е по природен пат. Но веќе после втор царски рез, секоја следна бременост мора да се заврши со царски рез. Но, секоја следна бременост носи поголеми ризици во поглед на поголем број компликации, како што е поголемо крварење, можност за подлабока инсерција на постелката, можност за повреда на бешика или црево, поголем број прираслици од претходниот царски рез и ризик од отстранување на матката (хистеректомија). Една студија покажува дека ризикот од хистеректомија се зголемува од 0,65% по прв царски рез до 2,41% после четврти царски рез.


Се разликуваат ли децата родени со царски од децата родени по природен пат?

- Децата родени со царски рез се разликуваат од природно родените деца по некои истражувања во светски рамки, но сето тоа е обвиткано со голем број митови. Првиот мит за зголемена хиперактивност во текот на животот, што е повеќе зависно од начинот на воспитување и начинот на комуникација и правото насочување кон предизвиците од животот. Состојбата на мозокот на деца родени со царски рез се нормализира деветтиот ден од раѓањето, додека пак кај природно родените деца-се нормализира уште првиот ден по породувањето. Емотивната врска кожа на кожа меѓу мајката и новороденото е одложена и самото побавно опоравување на мајката.

На свет сте донеле илјадници животи. Родена сте на денот кога се слави Исусовото крштевање и тоа во Охрид каде најмасовно се прославува барем во нашата земја. Како се прославуваше некогаш , а како денес празникот во овој град?

- Водици или Богојавление-денот на кој што според христијанското предание Свети Јован Крстител го крстил Исус Христос во реката Јордан е најголемиот празник врзан со мене и моето детство.На овој ден се дава најголемото значење на крштевањето како една од повеќето свети тајни на христијанството.На овој ден во Охрид се фрла крстот во раните утрински саати,меѓу 4 и 5 часот во водите на Охридското Езеро. По претходно собирање на луѓето од различни маала и формирање на групи кои што ке скокаат по крстот,со служба во црквата Св.Геракомија која што се наоѓа во Варош,се фрлаше крстот.Крстот беше донесен од претходниот кум кој што го фатил претходната година и после литургијата,се тргнуваше на Сараиште каде што се фрлаше крстот.Тој што ќе го фатеше крстот,односно членот од таа група од маалото е идниот кум.Со крстот прво се враќавме во црквата а после со крст,босилек и сребрен тањир се одеше од куќа до куќа и се собираа пари за здравје,срека и бериќет годината.Се одеше со песна и молитва а луѓето го даруваа кумот и групата.Јас,тука морам да кажам дека ние девојките кои што ги бодревме момчињата кои скокаа по крстот во ладните води на Охридското Езеро,со вино,ракија и песни ги придружувавме од куќа до куќа, ако победеше нашето маало и нашата група. Парите кои што ќе собереа беа вечерта дадени за правење богата трпеза вечерта на Водици. Секоја година имаше се повеке луѓе кои што доаѓаа на овој настан,и се повеќе маала,групи и кумови,па после од Сараиште почна да се фрла крстот на Пристаништето. Другиот ден се бањаат луѓето во водите на Охридското Езеро за здравје и го одбележуваат Денот на Рибарите. Водата иако е премногу ладна, според преданијата и приказните што ни ги раскажувале нашите баби, се верува дека е света и никој не се разболел од ладната вода. Овој ден прерасна во традиционален празник,а најголемата манифестација се одржува во градот на моето детство,мојот град Охрид.Нека ни е за многу години Водици на сите верници!!! Честитки!!! БОГ СЕ ЈАВИ!


(А.В.)



Спонзорирани линкови

Маркетинг