Дерковски: Избирачкиот список никогаш не може да биде идеално чист

Макфакс

21/01/2020

12:16

398

Големина на фонт

а а а

Претседателот на Државната изборна комисија, Оливер Дерковски, се надева дека на престојните избори нема да има злоупотреба на лични карти за гласање.

Тој вели дека обврска на ДИК е да овозможат сите граѓани да имаат право на глас, а за избирачкиот список смета дека никогаш не може да биде идеално чист. За вицепремиерот Бујар Османи, пак, прашањето со злоупотреба на личните карти е одамна надминато.

„Откако сме во ДИК, немаме случај за употреба или злоупотреба на лични карти, како и лични документи. Се надевам дека нема да има ниту во следниов изборен процес. Ултимативна обврска ни е да организираме избори, каде секој граѓанин ќе го оствари правото на глас, без некој друг да го направи тоа на негово место. Сметам дека во тој правец ќе продолжиме. Избирачкиот список редовно се ажурира и прочистува. Никогаш нема да биде идеално чист, бидејќи секојдневно има луѓе кои добиваат право на глас и кои се бришат. Она што можам да го гарантирам е дека на избирачкиот список има само граѓани на нашата држава, со право на глас“, вели Дерковски.

Османи пак, вели дека државата е зрела, односно, инклузивната влада дополнително ги зацврстува темелите на организирање регуларни избори.

„Можеби сме единствена земја во светот која има ваква инклузивна влада пред избори. Ова е знак на зрелост. Сто дена пред избори, да отстапите министерства на опозицијата е знак на зрелост, гаранција дека никој не може да ги злоупотреби институциите, па да издаде лични карти и слично. Ова веќе неколку изборни циклуси не е прашње со кое се занимаваме“, вели вицепремиерот Османи.



Спонзорирани линкови

Маркетинг