Успешна приказна на Македонец во „Градот на гревот“

Точка

27/01/2020

10:16

14.977

Големина на фонт

а а а

Горан Лалов прв на листа на примени бруцоши Правен факултет-Новинарство, денес работи во една од носечките банки во Америка, а не во Македонија како новинар каде се уште новинар може секој да е. Нo, кога ќе ги запознаеше овие познати личности со кои имал можност да размени два-три збора како актерите Стерлинг Браун, Треванте Родс, поп иконата Џенет Џексон, Лејла Али, ќерката на Мохамед Али, олимпиецот Нејтан Чен. Иако не е лесно вели тој но секој ден е во потрага по среќа. А ја наоѓа и во поголеми, но многу почесто во малите нешта. Како и да е Лалов е една успешна приказна на Македонец кој имал храброст да ризикува и да му се насмее среќата надвор од родната земја.

Која беше причината да заминеш во Лас Вегас и што работеше на почеток?

- Во Лас Вегас, односно Невада, дојдов првенствено заради студиите. Како и да е, со работа започнав по три месеци со цел да ги подмирам високите трошоци за живот. Откако бргу стана јасно дека немам дарба за хотелиерска или ресторантска работа, барав опција што би имала флексибилно работно време, а во исто време би била и подобро платена. Преку студиски контакти започнав со работа во маркетинг агенција што има повеќегодишни договори со некои од големите американски компании. Во тој период често патував на релација Лас Вегас - Лос Анџелес, реализирав неколку службени патувања надвор од државата, бев дел од десетина поголеми кампањи и тој период го паметам како најубав во животот. По запишувањето на едногодишниот мастерс по менаџмент, започнав со работа во една од носечките банки во Америка, каде се уште сум.

Што се случи со новинарството, сепак беше првенец на генерација и прв рангиран на примени бруцоши?

- Јас завршив додипломски студии по новинарство во Скопје, а изборот да ја студирам таа насока на Правниот факултет го сметам за огромна грешка што подоцна многу скапо ја платив и беше речиси невозможно да се поправи. Јас за оваа насока се одлучив затоа што беше сродна со речиси сите општествени науки и сметав дека во иднина ќе ми обезбеди повеќе опции при евентуално запишување постдипломски студии, што секако не беше случај. Како првенец на генерација, највисоко рангиран бруцош по приемните испити и додипломец со висок процес, погрешниот избор ми го направи патот многу потежок, поскап и значително ми ги пролонгираше плановите во животот. Во моментов, со огромна поддршка на специјалисти во мојата работна средина, сум фокусиран на брзорастечкиот пазар на недвижности и приватното банкарство. Во меѓувреме се здобив и со лиценца за банкарски услуги и на шпански јазик, така што со возбуда гледам на секој следен чекор. Во оваа фаза од животот сфатив дека редовното работно време многу повеќе ми одговара. Живееме во време во кое материјалната егзистенција стана неприкосновен императив и прашањето дали работата вистински ме исполнува одамна не си го поставувам. Од тој аспект, и покрај тоа што мојата професијата во САД е исклучително тешка и одговорна, јас сум исполнет човек во професионална смисла.

Какви се условите, можностите за напредување, поставеноста на работите?

- САД се една од водечките економии во светот и оттаму е разбирливо што има повеќе можностите за вработување. Но од друга страна, конкуренцијата на пазарот на трудот е многу голема, а критериумите за работа и очекувањата од работните позиции се исклучително високи. Американското е потрошувачко општество во буквална смисла, а изворниот капитализам диктира темпо чие следење е исклучително напорно. Тоа подразбира и постојан пораст на цените, а понекогаш и потреба од извршување на две или три работи за да може да се обезбедат доволни средства за живот или посакуваниот комфор. Извршувањето повеќе задачи истовремено без губење фокус на ниту една од нив (популарниот мултитаскинг), ефикасноста без грешки, куртоазијата, надминувањето на очекувањата на работа, тимската работа, краткото време на чекање и високите антиципирани резултати од анкетите на клиентите се дел од работните принципи во сите работни организации. Инкорпорирањето и балансирањето на сите компоненти од американската работна култура во извршувањето на професијата знае да биде навистина стресно, особено кога на тоа ќе се додаде и постојаниот метеж во сообраќајот, големиот волумен на работа и постојаниот висок ритам на секојдневното живеење. Она што е сигурно е дека со многу, многу работа, талент и малку среќа секој може да стигне далеку во својата работа.

Со кои јавни личности од светскиот џет-сет имаше можност да се запознаеш, со оглед на тоа дека голем дел од нив живеат таму?

- Вегас е привремено или постојано место на живеење на многу познати личности, додека Лос Анџелес, како што е познато, е центар на филмската и музичка индустрија. Сепак, реалниот живот и животот на познатите личности се два различни света. Во мојата претходна работа често до канцеларијата стигнуваа официјални покани за разни настани, што не секогаш биле интересни за менаџментот. Пред две-три години имав можност да присуствувам на едни од многубројните забави на маргините на Греми наградите и Оскарите, како и на Санденс филмските награди, што го сметам за драгоцено животно искуство. Од познати личности со кои сум имал можност да разменам два-три збора би ги споменал актерите Стерлинг Браун, Треванте Родс, поп иконата Џенет Џексон, Лејла Али, ќерката на Мохамед Али, олимпиецот Нејтан Чен... Сите тие биле познаници или пријатели на мои соработници. Како и да е, живеејќи овде, диоптријата за сето она што можеби сум го перцепирал поинаку од другата страна на Земјата, во голема мера се менува. Во многу од продуктите на Холивуд не уживам ниту како комсумент, а многу практики од мојата скромна опсервација се во спротивност со моите вредности.

Да си во Лас Вегас, а да не влезеш во казино како да не си бил?

- Така е, не случајно другото име на Вегас е “град на гревот”. Градот е многу компактен и најпознатите казина и хотели се лоцирани во неформалниот центар на градот, популарниот Стрип. Иако огромни, во секое време казината се полни со пасионирани играчи, најголем дел туристи. На крајот на краиштата, што би бил Вегас кога би ги немало казината?

Која е магијата на овој град што те држи таму?

- Магијата на овој град е што не е како ниту еден друг. Познат и како главен град на забавата, на само неколку илјади метри квадратни се случуваат најголемите светски концерти, шоуа, забави, се наоѓаат атрактивни ресторани, ноќни клубови, шопинг центри... пејачи како Џенифер Лопез, Лејди Гага, Рики Мартин, Селин Дион имаат редовни концерти. Честопати имам чувство дека воопшто немам потреба да патувам на други места заради разонода. Постојано се случува нешто ново, на пример оваа година се очекува да бидат пуштени во употреба два објекта од иднината, новата арена и сферната концертна сала.

Заработувачката наспроти трошоците?

- Точно е дека платите во Америка се неколкукратно повисоки споредбено со Македонија, но исто така се и трошоците за живот. Во управувањето со финансиите се обидувам да бидам рационален, а за мене единствено важно е тие да не ми недостасуваат. Вегас повеќе не е град каде по правило трошоците за живот се далеку помали од соседна Калифорнија и меѓу пониските во Америка. Цените за изнајмување стан се во постојан пораст, а потрошувачката кошница е над националниот просек. Јавниот превоз е скоро непостоечки, така што без сопствен автомобил е невозможно да се функционира. Од друга страна, цените во рестораните, влезниците за концертите и другите атракции на Стрипот се исто така натпросечни. Не е мал бројот на бездомна младина, а безбедноста и криминалот се друго прашање.

Имаш ли време за приватен живот и каде ги поминуваш тие часови?

- Несакајќи да звучам клиширано, сепак ми недостасува слободно време. Затоа се трудам секој слободен момент да го искористам максимално. Во слободните денови понекогаш ја сакам вревата, така што знам да останам на Стрипот до доцна во ноќта. Другпат, сакам да се релаксирам во природа или дома. Откога живеам во Лас Вегас, некако ми недостасува зимата, па често одам на планина. Во лето температурите се неподносливи, па поретко излегувам. Ретко имам време да спортувам, но преку рекреативно пливање или тенис се обидувам барем минимално да ја одржам физичката форма. Благодарен сум на Бог за секој ден и искуство. Иако не е лесно, јас секој ден сум во потрага по среќа. Ја наоѓам и во поголеми, но многу почесто во малите нешта.


(А.В.)



Спонзорирани линкови

Маркетинг