Зафирчев за Точка: „На сетовите најмногу се смеевме со Инспектор Томе“

Точка

10/02/2020

21:27

10.400

Големина на фонт

а а а

Иако еуфоријата од „Оскарите“ ни од далеку не е стивната, сепак ќе се обидеме барем накратко да ви го одвлечеме вниманието со популарниот Марио од Пансион „Преспав“, кој го толкува Васил Зафирчев.

За оние што можеби не ги следеле 4-те сезони на серијата „Преспав“ - Пансионот „Преспав“ е метафора на реалните општествени случувања во Република Македонија, во кои се прекршува балканскиот менталитет, од кој ликовите не можат да избегаат, и желбата да се почитуваат и да се воспостават европските стандарди. Ваквата ситуација ги става ликовите во постојан конфликт и недоразбирање од кои произлегуваат комични ситуации во кои ќе можат да се препознаат и самите гледачи.

Марио е еден од ликовите кој постојано ја засмејуваше јавноста со начинот на кој гледа на случувањата. Тој е јогист, будист, вегетаријанец, хомосексуалец и главен готвач во Пансионот „Преспав“.

Во продолжение прочитајте го ексклузивното интервју со Васил Зафирчев, актерот кој го толкуваше ликот на Марио. 

Васил, колку ликот на Марио во „Преспав“ придонесе за твојата популарност, со оглед дека телевизијата не е исто што и театарот?

Телевизијата е моќен медиум. А Преспав е магапопуларен. Тоа ве прави повеќе експонирани во јавноста. Луѓето повеќе ве препознаваат на улица. Повеќето од нив имаат и потреба своите импресии од серијата да ги споделат со вас. Тоа е убаво искуство. Бидејќи дава можност за една директна, непосредна комуникација со оние кои ве гледаат покрај малите екрани.


Колку се “пронаоѓаш“ во Марио, што е она што ви е заедничко?

Се трудам повеќе Марио да го откривам и пронаоѓам во типови на луѓе и ситуации од секојдневието. Тоа му дава верност на ликот во комуникацијата со публиката. Во суштина нè врзуваат малку заеднички работи. Ми се допаѓа што е вегетаријанец и јогист, исто како и јас.


Во едно интервју велиш дека со Тони не сте знаеле оти “ќе завршите заедно“. Имаше ли нешто друго што не знаевте?

На кастингот знаевме само основни информации за ликовите и нивните односи. Деталите околу нивната биографија ги откривавме во процесот на пред-продукција на серијата. Тогаш заедно со режисерите можевме да ги развиваме карактерите на ликовите.


Колку време ти беше потребно за подготвување на една епизода, со оглед дека перфектно го зборуваш хрватскиот јазик, а не е твој мајчин?

Времето за подготовка е кратко. Финалното сценарио за снимање го добиваме најчесто вечер пред снимањето. Тоа бара добра ментална и психо-емотивна кондиција за да можете брзо да учите текст и брзо да ги извршувате актерските задачи. Но за повеќето од сценаријата авторите веќе се толку извештени што ми пишуваат директно на хрватски. Па мене ми останува само одредена корекција околу граматиката и правоговорот.

Можеш ли да издвоиш некоја смешна случка од “позади камерите“?

Ги има многу. И сите се поинаку смешни. Тешко е да се издвои најсмешната. Голем дел од нив можете да ги видите и во урнебесните making off видеа за „Преспав“.

Која сцена ти беше најтешка за глумење, дали можеби имаше нешто што е различно од твоите ставови и мислења, а сепак требаше да го премолчиш?

Секоја сцена во ситкомот има своја тежина. Бидејќи од вас бара да сте секогаш точни и прецизни. Но иако се работи динамично, во процесот на снимање има многу забава и хумор. Таа убава енергија ја обележува секоја епизода на „Преспав“. Ликовите кои ги играм секогаш зборуваат од свое име, карактер и позиција, никогаш во мое име.

Кога ќе излезе 5-тата сезона на „Преспав“?

Се надевам до крајот на годината. :)


Со кого најмногу се смеевте на снимањата?

Со Инспектор Томе.

„Буда ми опрости“, „Јао Јело“, „Мицко“, која реплика од Марио им е омилена на твоите фанови и каков е нивниот feedback?

Приоѓаат на улица. Се фотографираат. Бараат автограм. Пишуваат на социјалните мрежи. Праќаат кратки исечоци од ситкомот или нивни видеа со имитации. Од Марио омилени им се повеќе реплики. Но мене најдраго ми е што меѓусебе го користат „Мицко“, кое е синоним за пријателството меѓу Марио и Јелена.


Театар или телевизија, и зошто?

И театар и телевизија. Затоа што се различно убави и провокативни. И исто толку различни во постапката и ефектот. Театарот заради моќта на мигот. А телевизијата заради истата таа моќ, но во мигот.


Автор: Цеце Николова



Спонзорирани линкови

Маркетинг