Катерина Златановска Попова: Никогаш не заборавајте зошто сте се вљубиле во него

Точка

14/02/2020

11:18

8.596

Големина на фонт

а а а

Пред 19 години на Виенскиот бал во Скопје, Тони ја запроси Катерина и ѝ ја направи вечерта која и онака е бајковита, незаборавна и не само неа, туку на сите присутни во Александар Палас таа вечер. Денеска е убав ден, а и во пресрет на Виеснкиот бал да поразговараме подетално околу запросувањето, дали очекувала или не, како реагирала во присуство на околу 500 луѓе публика и кој е нивниот рецепт за успешен брак и после 19 години.

Кате си имала ли поголемо изненадување во животот?

- Огромна благодарност до порталот Точка.мк за можноста да ги оживеам повторно незаборавните моменти од една посебна вечер, и честа да ја раскажам мојата љубовна приказна токму на денот кога се слави љубовта и виното.

Апсолутно најголемото изненадување кое сум го доживеала во животот, од кое мислам дека со часови ми застана здивот и комплетно ме остави со подотворена уста без да можам да изустам ниту еден збор беше моментот кога Тони, на Виенскиот бал во Скопје 2001 година, на сред подиум, додека оркестарот свиреше магична евергрин музика со извонредниот Џони Апелгрен, престана да танцува, клекна и побара од мене да му станам сопруга.

Запознаени ли беа персоналот и организаторите?

- И сѐ беше однапред подготвено и организирано во координација со организаторите на балот и секако нивна дозвола, персоналот на Александар Палас, нашата пријателка Миланка: и прстенот магично се создаде на подиумот заедно со прекрасен букет црвени рози, камери и фотографи за да го забележат и овековечат моментот, оркестарот и Џони кои маестрално ја дополнија магијата. Само јас стоев во неверување, тотално збунета од неверојатната координација со која се одигра сцената како од филмовите на Дизни. За разлика од Пепелашка, на полноќ, јас не побегнав туку кажав ДА, хахаха, надополнето со аплауз и честитки од присутните гости како и од најблиските во деновите што следуваа.

Во животот никогаш не сум ни сонувала дека токму тогаш ниту на тој начин и на тоа место ќе ми се случи големиот момент за секоја девојка. Повеќето мечтаеме и непоправливо фантазираме како ли ќе изгледа тој момент...за мене до денес е ненадминат, најроманитичен, неповторлив и најуникатен и со посебна почит му го признавам тоа и на Тони. Токму затоа Виенскиот бал во Скопје за нас е посебно емотивен и магичен.

Чија беше креацијата што ја носеше?

- Таа 2001 година, многу прикладно и секако со предумисла, Тони ми го подари балскиот фустан кој за мене го изработи креаторката Розе Трајческа, истиот кој одлучив да го носам и за нашата свадба како официјална венчаница во 2003-тата, само надополнет со болеро во креација на Александар Ношпал. Чувствував дека некако совршено се заокружува приказната да го носам истиот фустан на двата настани кои се толку посебни и незаборавни за мене. Од денешна перспектива, дури сум била и пред времето, хахаха, сега е тоа практика на познатите личности на големите настани и приеми, да носиш ист фустан во повеќе прилики.

Секоја година ја прославувате годишнината на Виенскиот бал?

- Имаме ние многу годишници, хахаха...Ние жените сме посебно надарени да им го компликуваме животот на мажите кога се во прашање паметењето на дати и годишници: годишница од запознавање, годишница од отпочнување на врската, годишница од моментот кога те побарал за жена, годишница од брак...Сочувствувам со мажите, хахаха, сепак, се работи само за причина повеќе да се наздрави во име на убавите моменти, незаборавните спомени и секако, во име на љубовта.

Вечерта на Виенскиот бал во Скопје секоја година за нас е ноќ за навраќање на најсилните емоции и спомени, ноќ кога уживаме во прославување на нашата љубов на посебен магичен начин, а токму оваа година ќе ја прославиме 20-тата годишница од моментот кога кажав ДА. Ете, повторно јубилеј и вистински повод за наздравување и за исчекување на Виенскиот бал закажан за 14-ти март! Повторно настапува Џон Илија Апелгрен со оркестар во живо и ние сигурно повторно ќе танцуваме на подиумот како да сме сами!

Што е сидрото во вашата врска?

- Интересно е како љубовта добива различни форми и облици со текот на годините. На почеток е интензивна и опојна, па бурна, трпелива, помножена со 2, партнерска, пријателска. Оваа сега, е љубов до вечноста. Ние оваа година ќе ја прославиме 17-тата годишница од брак, но се познаваме уште од далечната 1993 година кога бевме само добри пријатели. Во 1999 година, непредвидени и неочекувани настани нѐ доведоа до моментот кога одлучивме да станеме повеќе од само пријатели. Пријателството сепак до ден денес е најсилното сидро на нашата врска, иако низ годините имавме и мирни и бурни денови, предизвици кои требаше да ги надминеме и несогласувања кои требаше да ги „испегламе“ меѓусебната почит е зачинот кој ја дополнува и храни љубовта која ја негуваме еден кон друг.

Вашиот рецепт за успешен брак?

- Изгледа дека нема универзална формула. Ќе беше многу полесно за сите и ќе имаше повеќе среќни и успешни бракови ако постоеше... Мојата "мудрост" од лично искуство, и начин како јас "пливам" во изминатите 17 години е: постојана, искрена комуникација, партнерство идентично како да сте станале бизнис партнери, делите се' еднакво, по пола, и обврски, и успеси и среќа, и тага. Партнерот е најдобриот, најверен, најлојален и најблизок пријател! Меѓусебната почит, вклучително и на различните потреби. И најважната, тајната која ја открив во фантастичната книга на Колин Хувер "Сите твои совршености" никогаш не заборавајте зошто сте се вљубиле во неа /него. Застанете и помислете, и постојано потсетувајте си се... Тоа ќе ја храни љубовта бидејќи ќе ве потсети на се' што сакате кај вашиот партнер /ка бидејќи со време многу полесно станува да се набројат работите кои ни пречат отколу оние поради кои сме се вљубиле! Отворете листа на работи кои ги цените и сакате кај сопругот / сопругата и не престанувајте да ја дополнувате!


(А.В)



Спонзорирани линкови

Маркетинг