Игор Љубовчевски-Љубац: Ме гори да доловам што шепотат немо тие очи на портретот

Точка

02/03/2020

13:09

3.922

Големина на фонт

а а а

Секоја нијанса е буква, секоја боја е збор, оттаму колоритот може да збори според сликарот Игор Љубовчевски-Љубац. Човечкото тело е подобно за непосредна миговна комуникација со гледачот, јазикот на телото е универзален јазик еден вид исконско Есперанто кога станува збор за неговата главна инспирација.

Во неговите слики жената се обидува да ја претстави од објект на физичка желба до персонификација или алегорија на: пожртвуваност, храброст, поткрепа, фрагилност нечесто поистоветувајки ја со божица. Поводот за разговорот е неодамнешната изложба во Малме, која предизвикала голем интерес кај тамошната публика, пред која не за првпат се претставува со свои дела.


Женското тело само по себе е уметност. Како успеваш да ја пресликаш оваа уметност на платно? 

- Од самите почетоци на историјата жената и нејзиното тело како персонификација на убавината биле присутни во уметноста. Уметниците се инспирирале од нејзината убавина, кај повеќето од нив станувајќи главна инспирација за нивното создавање. Во моите слики жената се обидувам да ја претставам од објект на физичка желба до персонификација или алегорија на: пожртвуваност, храброст, поткрепа, фрагилност нечесто поистоветувајки ја со божица. 


Има еден шовинистистички штос кој вели: „Мажот е персонификација на умот, а жената јазол од емоции“, како ги доловуваш емоциите, карактерот? 

- Преку можноста на фигуративноста и јазикот на телото кој ми останаа блиски уште од студентските денови најлесно можам да артикулирам она што сакам да го изразам: различни состојби на умот, карактерност и др. Во сето тоа не го исклучувам и колоритот, бидејќи секоја нијанса е буква, секоја боја е збор оттаму колоритот може да збори. 

Бараат ли понекогаш да бидеш пластичен хирург, во смисла бараат потенок врат, погуста коса, поголеми очи? Како успеваш да направиш насмеани да излезат од ателје задоволни од сликата, а истовремено да си личат на себе? 

-Се случува по некој пат да добијам и таква нарачка да изработам портрет со ”мали” попатно навидум небитни желби од она што го наброивте во прашањето и др. Секој лик дозволува мали варијации и одстапки во изведбата тука е компромисот, на крајот сме сите победници. Предизвикот да личи да е автентичен моделот е одамна надминат мене ме гори и предизвикува кај портретот да доловам што има позади погледот што шепотат немо тие очи. 


Што кога си со камерата на рамо (бидејќи си и снимател), а имаш инспирација да сликаш? Мене ми е лесно, пишувам во телефон, ама ти со боите, платното што не можеш секаде да се „распостелеш“? 

- И двете дисциплини доаѓаат од светот на визуелното во одреден дел ја копираат стварноста во доменот на компонирањето на фотографскиот кадар или уметничката слика, важат исти скоро идентични правила. Оттаму двете работи некако ми се надоврзуваат: кадарот некогаш ме инспирира за уметничка слика, уметничката слика ме инспирира за кадар, посебно кога снимам надвор од населено место. Некако заробени во бучната центрифуга на градот, тешко го наслушуваме ехото на музите. 


Што сакаш да сликаш најмногу, во кои слики си ти, ти? 

- Преку фигурацијата најлесно го артикулирам она што сакам единечен акт или варијација од повеќе. Човечкото тело е подобно за непосредна миговна комуникација со гледачот, јазикот на телото е универзален јазик еден вид исконско Есперанто. Јазикот на текото сеуште не е докрај напишан ниту неговата улога целосно одкриена. 

Не можеме да не ги споменеме и карикатурите? 

- Моите картикатури се од портретски карактер, едноставно некој делови од ликот ги нагласувам, претерувам во хумористичен духовит стил. Пред се внимавам мојата карикатура да не биде навреда се уште некој луѓе така ја доживуваат воопшто карикатурата, но сепак да содржи некоја гротесност, тривијалност од нивните животи. 


Кaко помина во Шведска на последната изложба? 

- Да, кон крајот на предходната година реализирав изложба во Шведска (Малме) која беше финансирана и подпомогната од Министерството за култура и Домот на Културата ”Кочо Рацин”. Првиот ден од изложбата ”Обединувања” на која беа представени 40-тина дела на моја огромна радост помина одлично, поради континуираната посетеност во текот на целиот ден и продолжена до доцните вечерни часови. Дружбата беше обогатена од љубопитни посетители со потекло од најразлични делови на светот. Познато е дека градот Малме важи за најмултикултурен центар на Скандинавија со 186 националности. Публиката беше воодушевена наведоа организаторите од уметничкиот центар- ”Фрисхусет”, каде се одржа изложбата. Дојдоа и уметници од Шведска меѓу кој и реномираниот сликар Бертил Петерсон. Несебично сподели дека многу му се допаѓа современиот израз на елементите од македонското културно наследство на изложените дела. Изложбата беше отворена до крајот на декември минатата година и секој ден беше исполнет со топол разговор и дружба со посетителите. 


Твои дела ќе можат да погледнат и љубителите на театарската уметност, за што станува збор? 

- Сега моментално сум ангажиран околу театарска претстава во жанрот комедија со необичен наслов ”Цркни” од режисерот Ѓорѓи Ризески која треба премиерно да се изведе во средината на март. Ја финализирам идејата за плакатот и ликовно сценските решенија, на сцената ќе може да се видат мои уметнички дела.


(А.В)



Спонзорирани линкови

Маркетинг