Посакувам Стела да биде првото камче од лавина

Точка

10/03/2020

14:03

9.542

Големина на фонт

а а а

Од првиот домашен филм кој истовремено е наменет и за целото семејство и за децата посебно како публика, очекувам да биде прифатен од гледачите, тие да уживаат во него, филмот да посети многу фестивали и да биде одличен културен дипломат на Македонија во светот.

Во пресрет на премиерата на новиот домашен филм насловен Стела, кој ќе почне да се прикажува во нашите кина од 23ти март, разговараме со Тони Михајловски кој во филмот игра улога која, според впечатоците на оние што успеале да видат делови од филмот, му лежи како ретко која во неговата кариера. 

Во Стела го играте дедото, горштак отуѓен од светот кој живее сам во планината. Како го градевте ликот, како се подготвувавте за него, имавте ли некој репер?

- Ликот се градеше заедно со сценариото, односно созреваше на хартија низ сите верзии што беа исплетени. Заедно со режисерот, секако, ги посадивме првите зрна на улогата. Тие никнаа, па потераа, за на снимање да се добие финалната форма. На самото снимање се случија работи кои не биле ниту разговарани. Тоа е убавината кога работите, како што милуваме да кажеме ние, со жива материја. Репер беше самотијата и бегството по сопствен избор. Тоа може да ви се случи и кога сте опкружени со иљада луѓе и кога сте во центарот на било кој метрополис. Христо тоа решил да го направи крајно екстремно. Побегнал во планина, живее со шарпланинката Стела во колиба која сам ја правел, која изгледа како колибата од вашите детски соништа. Се надева дека ќе ја измами судбината. Но, судбината е непредвидлива. 


Предизвик беше и тоа што Христо е постар од мене 15/20 години. Имавме одличен тим за маска, која за секој ден снимање ни одземаше по два часа да се постави. Снеже, Тијана и Ирена направија таа магија да работи и тоа е нешто без кое што јас немаше да можам да го играм Христо.

Се чини дека во вашата филмска кариера почести беа филмските ангажмани вон земјава отколку кај нас? Па и кога сме ве гледале во македонски филмови, не било тоа во главните улоги. Наспроти тоа, некои сцени од филмови од српската кинематографија во кои играте вие, станаа легендарни (од Парада, на пример). Зошто е тоа така и што мислите, ќе промени ли филмот Стела нешто во таа перцепција? 

- Ние не снимаме доволно филмови па секој актер да има шанса да добие и главна улога во филм. Мислам дека имаме и актери кои се уште не заиграле во филм. Штета, и за актерите и за кинематографијата. За разлика од кај нас, соседна Србија има сосема друг пристап кон филмската индустрија и ТВ продукцијата. Развиена е на ниво кое јас го посакувам во Македонија. Филмот Стела веќе промени една многу тажна состојба во нашата филмска индустрија, ако може тоа така да се нарече. Тоа е првиот македонски детски игран филм. Ете, тоа е веќе огромна промена.  


За вас важи дека сте многу добри во обучување, подготовка, едукација на млади идни актери. Го подготвувавте ли и младиот Петар Маниќ кој ви е партнер во многу сцени во филмот Стела? 

- Петар веќе имаше посетувано школо за актери, и со себе имаше се што му треба за да се носи со предизвикот. Освен искуството. Но, бидејќи Петар е навистина талентирано момче, многу бргу се вклопи и научи што и како треба да се работи на филм. Од друга страна Стојан Вујичиќ, режисерот на филмот, кој точно знаеше од кого што сака, беше подготвен со точни насоки да не доведе во саканата атмосфера потребна за сцената или кадарот, така да јас само играв со Петар и уживав. Се забавувавме, иако имаме доста емотивни и тешки сцени. Тој е мултиталентирано момче, и најдоброто од него допрва доаѓа.  


Важите за човек со исклучителна смисла за хумор. Што ви помага да го одржите во ова, не толку инспиративно време на таа тема? 

- Шегата е сериозна работа, рекол Черчил. Велат дека насмевката лечи. Па јас пробувам и себе, и на другите да им помогнам малку во тоа. Денес не може секој да ја поднесе шегата, но тоа не значи дека не треба да се шегуваме. И секогаш почнувам од себе. 

Како се одвива процесот на градење на еден лик, филмски или театарски? Колку време трае тој процес, кој се' учествува во него и имате ли модели, актери од генерациите пред вас кои ви служат како некаков репер или инспирација, луѓе чиј домет во актерството би сакале да го постигнете? 

- Секој има свој сопствен систем на работа кој е составен од основите на системите за работа напишани во книгите. Главно, работата почнува со анализи и прашања на кои треба да си дадете одговор. Конечниот одговор е како ќе го направите тоа. Тој е најбитниот, и секако, како публиката ќе го прифати тоа. Исто се градат ликовите и во театар и на филм, по исти систем. Но пристапот е сосема поинаков. Во театар имате најмалку 50 проби пред да стигнете до премиера, на филм имате проба на сет, пред камера.

Инаку, кога ќе пораснам сакам да станам Драган Бјелогрлиќ. 


Што најмногу ви се допаѓа од светската кинематографија? Има ли жанр кој ви е најблизок? Творештвото на кои режисери ви е посебно драго? 

- Па од Чарли Чаплин, Бастер Китон, Алфред Хичкок, Орсон Велс, Џон Форд до Квентин Тарантино, скоро и да нема режисер кој не направил филм за воодушевување, во скоро секој жанр. Најблиску ми е ова на домашните, но и најдалечно би рекол. 


Што се очекувањата од вас за Стела во однос на македонската кинематографија, но и пошироко? 

- Да биде прифатен од публиката, таа да ужива во него, да посети доволно фестивали и да биде одличен културен дипломат на Македонија во светот. И секако да биде првото камче од лавина филмови за деца кај нас. 




Спонзорирани линкови

Маркетинг