[Точка интервју] „Излегов разочарана, мислев дека желбата да пеам никогаш нема да ми се оствари“: Вистинската приказна на Полина Тасева

Точка

15/10/2025

14:52

834

Големина на фонт

а а а

Кога ќе ја слушнете на сцена, тешко е да поверувате дека зад тој сигурен глас стојат години борба и разочарувања. Полина Тасева, денес дел од Македонската опера и балет, вели дека нејзиниот пат до успехот бил долг и трнлив – но и дека токму тие предизвици ја направиле личноста што е денес.

Почетоците и значењето на името

„Моето име е Полина, и навистина го сакам затоа што е ретко и има своја историја“, раскажува таа. „Кај нас потекнува од градот Полин, денешен Дојран, место со богата историја и традиција. Тоа име ми дава чувство на припадност и сила“.


Детство исполнето со креативност

Уште како дете, Полина покажувала интерес за уметност.

„Ме интересираше сè што е поврзано со креација – цртање, фризури, костими“. вели. „Во слободно време правев фризури и на другарките, тоа ми беше задоволство“.


На шест години започнала со класичен балет, а набрзо и со часови по пијано. „Балетот и музиката ме научија на дисциплина, на тоа што значи посветеност и настап пред публика. Тоа ми помогна подоцна да се соочам со трема и одговорност“.

Првиот голем пад

Иако денес е професионален оперски пејач, нејзиниот пат не започнал лесно.

„На аудицијата за средно музичко, ми рекоа дека имам маана со изговорот на буквата ‘ш’. Никој не сакаше да ме земе како ученик“, се сеќава Полина.


„Излегов тажна и разочарана, и додека одев по Камениот мост, мислев дека мојата желба да пеам никогаш нема да се оствари“.

Сепак, токму тоа разочарување станало нејзин пресврт. „Со време сфатив дека ова е професија што бара многу работа и трпение. Ништо не доаѓа брзо, ниту лесно“.

Талент кој се гради

Во текот на средното образование, таа долго време не можела да го најде својот вистински вокал. „До третата година мислев дека сум мецосопран, а потоа со нова професорка открив дека сум сопран. Тогаш сè тргна во вистински правец“, објаснува Полина.


Патот ја носи на Факултетот за музичка уметност во Скопје, каде што ја продлабочува својата техника и љубов кон операта. „Операта е посебен свет – бара фокус, контрола и целосна посветеност“.

Успеси и признанија

Низ студиите, Полина настапувала на бројни концерти и учествувала на натпревари. „На натпреварот во Москва ‘Руска Романсијада’ добив признание за впечатлив глас и титулата ‘Мис на романсијадата’. Тоа ми беше потврда дека сè што сум вложила има смисла“.


Следеле нови настапи, мјузикли, концерти и меѓународни проекти. Последниот голем успех го остварила во Киргистан, каде што освоила трето место на натпревар за популарна музика меѓу 25 земји.

„Секој настап е нова лекција. Успесите се важни, но и падовите ме обликуваа. Тие ме научија да не брзам и да верувам во процесот“.

Денес – на сцената на Македонската опера и балет


Полина денес е вработена во Македонската опера и балет. Работи професија која, како што вели, ѝ е и љубов и повик.

„Најдлабокото чувство на среќа го добивам токму од пеењето. Тоа е мојот извор на енергија“, вели Тасева.

За себе вели дека е човек кој не се откажува. „Сè се постигнува со труд, волја и упорност. Ништо не се добива гратис. Кога вложуваш чесно и со намера, универзумот ти возвраќа“.


Зрелост и поука

По сите искуства, Полина со мирен тон додава:

„Родителите и животот ме научија на дисциплина, вредности, почит и, најмногу, на прошка. Денес знам дека ништо не е случајно. Ако не можеме да направиме нешто денес, нека биде од утре – важно е да почнеме“.

Полина Тасева – оперска пејачка и дел од ансамблот на Македонската опера и балет. Нејзината приказна е потсетник дека упорноста и верата во себе се клучот за секој вистински успех.

Автор: Ц.Н.