„Многу е тешко. Пациентите се исплашени, сами и без некој кој може да ги утеши и прегрне – како во војна“

Точка

26/03/2020

13:14

1.742

Големина на фонт

а а а

Клара Корнехо е медицинска сестра во ургентниот центар во Мадрид, а сега за медиумите раскажала дека “сите се нашле во исклучително тешка ситуација за која што не биле подготвени и која што станува се посериозна и потешка“.

Шпанија продолжува да ги руши неславните рекорди во текот на епидемијата на коронавирусот, а според последните податоци ја престигна и Кина по бројот на смртни случаи – 3.434. Во еден ден починале 738 луѓе.

Здравствениот систем на оваа медитеранска земја за кој пред кризата се зборуваше во суперлатив и е сметан за еден од подобрите во Европа, ни како таков не е доволен за да ја победи оваа криза.

„Се најдовме во ситуација за која што никој не беше подготвен и која што станува многу потешка и посериозна“ – вели Клара Корнехо, медицинска сестра од Мадрид.


Нејзината работа на одделението на интензивната нега во Ургентниот центар и во нормални околности подразбира поголемо ниво на подготвеност, брзина, стрес и одговорност.

„Исклучително е тешко да работите со заштитна опрема. Дишеш отежнато, низ маска не се гледа добро, жешко ти е и се потиш по оделото, имаш главоболка... Потоа те оптеретува и тоа што знаеш дека во такви услови твојата работа со пациенти е на многу пониско ниво од вообичаено“ – искрено изјавила Клара.

Работата со заразените кои што се сами и изолирани бара посебна психичка подготвеност.

„Тешко е да гледаш колку пациентите се исплашени и сами. Размислуваш за нивната болка, но и болката на нивните семејства кои што не можат да ги видат, да ги прегрнат, да ги утешат. Сè потсетува на медицината во воени околности, но овојпат тоа не се случува во неразвиени туку во развиени земји“.


И сопругот на Клара е здравствен работник, па освен исцрпеноста од работа, понатаму тие се грижат да не го заразат своето семејство.

„Постојано размислувам дали ќе го внесам вирусот дома“ – вели Клара.

Свесна дека нејзината земја одамна ја изгуби битката со вирусот, Клара се надева дека другите држави ќе научат нешто од нивниот пример.

„Дај боже другите земји да го земат предвит тоа што се случува во Шпанија и да успеат вирусот да го запрат пред да ескалира. Неопходно е целосно затворање на границите, потоа изолација и обезбедување доволно заштитен материјал. Мора добро да го организираат тоа и да ги подготват медицинските работници за тоа што доаѓа“ – заклучила Клара.




Спонзорирани линкови

Маркетинг