Од ЈСП Скопје за Точка: „Некои патници не носат маска бидејќи немало потреба некој друг да мисли за нивното здравје, им било жешко, Ковид-19 не постои...“

Точка

12/06/2020

13:30

2.919

Големина на фонт

а а а

Откако се појави пандемијата на коронавирусот, и во нашата земја драстично се променија работите. Полициски час, карантин, мерки за спречување на ширење на вирусот... Сето тоа многу влијае за нормално функционирање. Впрочем, сега веќе живееме со 'ново нормално'.

Во таа насока, поразговаравме со портпаролката на ЈСП Скопје, Деспина Трајковска-Димова, во однос на препораките до кои и тие како претпријатие мора да се придржуваат, на кој начин се води сметка дали патниците се придржуваат до истите, со какви проблеми се соочуваат... Целото интервју прочитајте го во продолжение. 

Кои се мерките до кои и вие, како ЈСП Скопје мора да се придржувате поради епидемијата на коронавирусот?

Согласно Уредбата со законска сила за примена на Законот за превоз во патниот сообраќај за време на вонредна состојба предвидено е во возилата на јавниот превоз бројот на патниците да изнесува најмногу до 50 проценти од капацитетот на возилата при што задолжително е возачите да бидат опремени со заштитна опрема (маска) и возилата да се дезинфицираат.


Согласно Уредбата, сите возачи и лица од линиската контрола (контролорите) добиваат заштитна опрема.

Секое возило на ЈСП Скопје вклучено во јавниот превоз, независно дали сообраќа цел ден на одредена линија или се вклучува еднократно, е подложно на дополнителна дезинфекција, како една од превентивните мерки од коронавирусот.

Возилата се дезинфицирааат со распрскување на соодветни средства на база на алкохол и Дезинтал 10%, а се врши и рачна дезинфекција на одделни делови од возилото како ракодржачи и слично.

Секое возило се третира со дополнителната дезинфекција еднаш, пред вклучување на линија или потоа, зависно од динамиката и распоредот на сообраќање во јавниот превоз.

На кој начин се води сметка за потребната оддалеченост помеѓу патниците?

Во постапка сме за обележување на седиштата со налепници со кои јасно ќе биде истакнато на кои седишта не смее да се седи како би се избегнал човечки фактор кој би го регулирал бројот на патници, а би се испочитувал проколот/уредбата за бројот на патници во возилата, со тоа и протоколот за растојание, одржување на социјална дистанца.

Дотогаш, бројот на патници во возилата го контролираат службени лица кои истовремено контролираат дали патниците носат соодветна заштитна опрема (маска).

Ангажираните лица не дозволуваат влез на патници без маска.

Како го решавате проблемот со патниците кои не ги почитуваат мерките за спречување на ширење на Ковид-19?

Лицата задолжени за регулирање на бројот на патници во возилото и контрола дали патниците носат маска, сведочат дека има корисници на јавниот превоз кои свесно не сакаат да ја почитуваат Уредбата, протоколите.

Велат, не носат маска бидејќи немало потреба некој друг да мисли за нивното здравје, биле здрави, им било жешко, Ковид-19 не постои...


Сепак, по објаснувањето на ангажираните лица, како и реакциите од останатите патници, дел од посочената категорија граѓани става маска, а некои не попуштаат, но, контролорите не ги пуштаат во возилото.

За среќа, досега немало инцидент помеѓу несовесните патници и ангажираните лица.

Кој е најголемиот проблем со кој се соочувате откако се појави коронавирусот?

Најголеми, впрочем, најчести проблеми, односно реакции за време на епидемијата со Ковид-19 со кои се соочуваме се реакции од типот зошто јавниот превоз сообраќа двосменски (кога режимот беше таков до пред 3 недели) зошто сега се вози по саботен возен ред, зошто не сообраќаат трите автобуски линии до Средно Водно, зошто не работи Жичарницата...?

Што се однесува до режимот на функционирање на јавниот превоз, во случајов, ЈСП Скопје не одлучува самостојно, ниту, пак, тоа е одлука на Град Скопје како наш основач.

Одлуката во актуелнава ситуација како ќе функционира јавниот превоз е согласно одлуката/препораката на институциите кои се директно надлежни за справување со Ковид 19.

Од друга страна, и бројот на валидации (превезени патници) укажуваат дека за целиот овој период бројот на граѓани што користат јавен превоз е намален за повеќе од половина од вообичаеното.

Притоа, актуелниот режим на функционирање ги задоволува потребите на терен.

Имаше три ситуации на преоптовареност на неколку линии, по што, на истите се пуштија дополнителен број на возила.

Истовремено, речиси цело време дури јавниот превоз функционира со режим изменет од вообичаеното, државата е во вонредна состојба и согласно препораките сите поединци, субјекти и слично треба да се прилагодат на околностите во сите сфери на живењеето.


Трите автобуски линии до Средно Водно, како и Жичарницата превентивно не работат поради ризикот од зголемен број на посетители на Водно, поточно ризикот од групирања на граѓаните кои се забранети во актуелнава ситуација.

На кој начин се заштитени вработените во ЈСП Скопје од коронавирусот?

На сите вработени во ЈСП Скопје им е обезбедна заштитна опрема и дезинфекциони средства (во количини соодветни на работните задачи).

Истовремено, согласно соодветната уредба на Влада на РСМ, ослободени од работа се хронично болните лица, родителите на дете до 10-годишна возраст или активно четврто одделение, бремените жени, самохраните родители, родителите на деца со попреченост кои користат дневен центар, лицата кои одат на работа со придружба-потполно слепи лица, лица кои се движат со инвалидска количка и лица со умерена и тешка интелектуална попреченост.

Во одреден период, се работеше со скратено работно време и ротации.


Ц.Н.



Спонзорирани линкови

Маркетинг