Симоновски за пожарот во Инспекторатот: Во зградата не работи ниту еден хидрант

Точка

09/09/2020

10:54

2.996

Големина на фонт

а а а

Девет противпожарни возила и дваесетина пожарникари денес се бореа со пожарот кој ја зафати зградата на поранешна Комерцијална банка во центарот на Скопје.

Пожарот бил пријавен во 6:50 часот наутро, а иако противпожарните екипи пристигнале пет минути подоцна, операцијата за гасење на огнот била крајно сложена, открива командантот на противпожарната бригада на Град Скопје, Владимир Симоновски.

„Ова е старата зграда на Комерцијална банка и внатре е преградена со повеќе ходници, гипс-каротни и стаклени врати. Во моментот внатре не работи ниту еден хидрант, ниту една хидрантска мрежа. Тоа ни создаде поголеми проблеми бидејќи не можевме да го затвориме пожарот од внатрешната страна, па мораше преку надворешната страна да влеземе со кршење на прозорците. Пожарот го локализиравме околу 8:50 часот“, изјави Симоновски за „360 Степени“.

„Кога влеговме внатре, сè уште имаше електричен напон, ЕВН ја исклучи струјата пред 30 минути, па затоа и го гасневме пожрот во неколку наврати. Во моментот на пожарот сè уште не беа пристигнати луѓето што се вработени во зградата, тоа ни претставуваше проблем бидејќи не знаевме како да влеземе во зградата. Шемата за влез од предната и задната врата ни ја дадоа вработените од новинската агенција МИА кои пристигнаа после нас“, додаде Симоновски.