Што ѝ правиме на планетата? Од 70-те години до денес се исчезнати две третини од животинскиот свет

Точка

11/09/2020

18:37

3.292

Големина на фонт

а а а

Светската популација на цицачи, птици, водоземци, влекачи и риби во просек е намалена за две третини за помалку од половина век, открива извештајот за состојбата на планетата за 2020 година.

Поради ваквиот податок, Светскиот фонд за природа (WWF) повикува на итни мерки. Како што истакнуваат, тоа во голем дел произлегува од уништувањето на природата, што доведува и до појава на болести како пандемијата на коронавирусот. Од фондот повикуваат на прекин на уништувањето на природните живеалишта на животните и реформа во прехранбениот систем. 

Извештајот за состојбата на планетата претставува сеопфатна студија за состојбата на природата преку индексот на живиот свет (Living Planet Index, LPI), кој ја следи состојбата на популацијата на дивите видови.

„Иако овие двигатели вклучуваат пренамена на земјиштето и трговија со диви животни, главната причина за драматичното опаѓање на популацијата е загубата и деградацијата на живеалиштата, вклучувајќи го и уништувањето на шумите, а сето тоа се должи на начинот на производство на храна“, се тврди во извештајот.

Извештајот покажува дека забрзаното уништување на природата, како резултат на човечките активности, има катастрофални влијанија не само врз популациите на дивиот свет туку и врз здравјето на луѓето и сите други аспекти од животот на човекот, истакнува извршниот директор на „WWF International“, Марко Ламбертини.

Најзагрозена е биолошката разновидност на слатководните екосистеми. Од 1970 година, популацијата на слатководни видови е опадната за 84 проценти, повеќе од оние кои живеат во шумите или океаните. Светските реки се преполни со постоечка и планирана инфраструктура, потрошувачката на вода се зголемува од година во година, риболовните слатководни подрачја се преполовуваат, а животите на милиони луѓе стануваат сè понесигурни, сметаат од „WWF“.


Oвој извештај за состојбата на планетата за 2020 година е објавен неколку дена пред 75-то заседание на Генералното собрание на Обединети Нации, кога се очекува светските лидери да го разгледаат постигнатиот напредок во остварувањето на целите на одржливиот развој, Парискиот договор и Конвенцијата за биодиверзитет.

Настанот ќе ги обедини светските лидери, корпорациите и граѓанското општество за да развијат рамка за делување по 2020 година и со тоа да означат пресвртница во поставувањето на темелите за итно потребниот нов договор за природата и луѓето.



Спонзорирани линкови

Маркетинг