„Водовод“ не најде бактерии во градската мрежа во Скопје по паниката што се прошири на социјалните мрежи

Макфакс

22/09/2020

19:36

847

Големина на фонт

а а а

Водата од градскиот водовод во скопски Бутел нема бактерии и исправна е за пиење, а веста што се прошири на социјалните мрежи дека во примерок од водоводот се најдени три вида бактерии е лажна, велат од ЈП „Водовод и канализација“. Лабораторијата на „Водовод“, на своја иницијатива, направила своја анализа по објавата на социјалните мрежи од минатата недела во која стои анализа од лабораторијата „Авицена“ со откриените бактерии.

Екипа од „Водовод“, пред три дена, го исконтактирала човекот кој ја нарачал анализата во „Авицена“ која се споделуваше на социјалните мрежи. Во негово присуство, екипата земала примерок од чешмата од која наводно и тој однел примерок на анализа.

„ Примерокот беше земен од наш техничар во присуство на сопственикот, а во согласност со стандардите за земање примероци. Направена е бактериолошка анализа на примерокот при што е користена Quanty tray sealer plus за брза идентификација и користена е стандардна мембранска техника со засејување на селективни подлоги. При тоа, после поминатото време во контролирани услови, на подлогите не е развиена ниедна колонија што укажува дека водата е бактериолошки исправна. Во лабораториите на Секторот за санитарна контрола направена е и основна физичко – хемиска анализа при што е констатирана нормална состојба на параметрите како и во претходните мерења во таа област. На основа на добиените резултати може да се констатира дека испитуваниот примерок е хемиски и бактериолошки исправен во согласност со критериумите дадени во Правилникот за безбедност на вода“, велат од Секторот за односи со јавност во ЈП „Водовод и канализација“.

Во исто време, од „Водовод“ велат дека направиле и теренски мерења при што е констатирано присуство на резидуален хлор во концентрација од 0,3мг/л што укажувало на нормална состојба во системот. Од таму апелираат до граѓаните да не шират лажни вести кои предизвикуваат немир и паника и посочуваат дека е невозможно градскиот водовод да има три вида бактерии кај само еден корисник.

Одговори за случајот со откриените бактерии во водата во наредните денови најавија и од лабораторијата „Авицена“, во која, според објавите, е направена анализата.

Објавениот резултат со откриените бактерии ги испаничи скопјани кои пијат вода од изворот Рашче и од бунарите Нерези – Лепенец за кои од „Водовод“ велат дека се под строга контрола. Проверките и безбедносните мерки се зголемени посебно од почетокот на пандемијата од кога, како што велат од „Водовод“, се постапува како во кризна состојба.

Од претпријатието велат дека се неосновани и тврдењата дека се подготвува приватизација на „Водовод“.



Спонзорирани линкови

Маркетинг