Ерменскиот премиер тргнал на сè или ништо: "Одете и борете се до победа или пораз"

Точка

21/10/2020

20:49

4.940

Големина на фонт

а а а

Никол Пашинјан порачува дека дипломатско решение не е можно за прашањето околу Нагорно-Карабах.

Ерменскиот премиер Никол Пашинјан оценил денеска дека не е можно никакво "дипломатско решение" во судирот со Азербејџан околу Нагорно Карабах. 

Тој ги повикал сонародниците доброволно да одат на фронтот.

"Мораме да признаеме дека прашањето за Нагорно-Карабах, во овој момент и уште долго време, не може да има дипломатско решение", порачал Пашинјан во видео порака на Фејсбук.

Тој го повикал народот да оди да се бори до победа или пораз. Според неговите зборови, ситуацијата на фронтот е прилично сериозна.

"Постои победа или пораз, ништо друго. За да победиме, сите мораме да формираме единица доброволци", рекол тој и оценил дека Азербејџан ги користи последните ресурси во борбата.

Министрите за надворешни работи на Ерменија и Азербејџан денеска престојуваат во посета на Русија, каде ќе имаат одвоени дипломатски консултации со Москва за судирите во Нагорно-Карабах, по неуспешните две примирја.

Русија неколку пати упатила повик за прекин на огнот во Нагорно-Карабах регион со мнозинско ерменско население, кој се отцепил од Азербејџан.

Оценувајќи го продолжувањето на судирите како неприфатливо, шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров во понеделникот изјавил дека Русија, Азербејџан и Ерменија работат на воспоставување на механизам на контрола за прекин на огнот.

Претходно за петок во Вашингтон биле најавени одвоени состаноци на шефовите на дипломатиите на Ерменија и Азербејџан со американскиот колега Мајк Помпео.

Русија, САД, и Франција се посредници за судирот во Карабах во рамките на Групата Минск под покровителство на ОЕБС.

Според некои извештаи, во новите судири загинале повеќе од 800 лица, вклучувајќи околу 100 цивили. Меѓутоа, двете страни тврдат дека убиле повеќе од 1.000 непријатели.




Спонзорирани линкови

Маркетинг