„Битола има прекрасни локации за кои би било штета да не станат дел од фестивалската приказна што сакаме да ја споделиме со светот. Затоа, догодина сакаме тоа малку повеќе да го потенцираме“, изјави Симеон Мони Дамевски, директорот на ИФФК Браќа Манаки. Во продолжение прочитајте го целото интервју.
Што би издвоиле како најголем предизвик во подготовките за фестивалот оваа година, за вас прва како директор на фестивалот?
Годинава имавме исклучително кусо време за подготвување на фестивалот, и работевме со намален буџет и редуциран тим. По пат ни се случија и неколку други непредвидливи нешта, па така покрај двегодишниот хорор филм наречен Ковид-19 кој ни ја отежнуваше работата, проживеавме и неколку други филмски жанрови. Имавме драма, по малку трагедија, трилер, акција, а понекогаш и комедии. Но, и покрај се продолживме да сонуваме и тој сон успеавме да го споделиме во реалноста. Така, славејќи го филмот и неговите творци, испратиме порака до публиката, и до филмаџиите и уметниците насекаде во светот, дека овој фестивал ќе продолжи да ја слави уметноста на кинематограферите, без разлика на сите проблеми и предизвици. И кога тие пречки и проблеми стануваат големи, тоа за нас е само предизвик да бидеме уште поупорни и подобри.
Кои се вашите аспирации за фестивалот како нов директор на ИФФК Браќа Манаки?
За мене, а и според статутот на Друштвото на филмските работници, фестивалот има неколку важни цели:
- Првата е да ја промовира филмската уметност во нашата земја и пред нашата публика, зашто верувам дека таа сеуште не ја ужива почитта што ја заслужува. За оние кои не ги следат успесите на македонските филмови на меѓународната сцена, ќе кажам само дека учеството на неколку наши филмови во натпреварувачките програми во Берлин, Кан, Карлови Вари, Талин и во трката за Оскарите, во изминативе 4-5 години, е рамен на пласман на било кој наш спортски тим, во четвртфиналето на светско првенство за било кој спорт.
- Следната цел ни е, преку успешноста на фестивалот да потврдиме дека меѓународните успеси на нашите филмови не се случајни, и со тоа да го зацврстиме впечатокот дека нашата земја изобилува со таленти и дека во неа се негуваат филсмката уметност и културата воопшто.
- Трето, преку новите филмски програми што ги планираме за наредната година, сакаме на нашите филмски работници да им овозможиме создавање на поголема мрежа на деловни пријателства со колеги од регионот, Европа и светот.
-И, конечно, нешто што започнавме годинава и би сакале да го продолжиме во наредната, е Битола и Битолчани, како наши домаќини, да земат уште поголемо учество во планирањето и реализацијата на фестивалот и на сите негови пропратни активности.
Ете тоа се моите главни задачи и аспирации.
„И покрај се“ е мотото на фестивалот - кое е продолжението на оваа мисла?
Битола има прекрасни локации за кои би било штета да не станат дел од фестивалската приказна што сакаме да ја споделиме со светот. Затоа, догодина сакаме тоа малку повеќе да го потенцираме. Дополнително, поради пандемијата и протоколите годинава не можевме да организираме забави. Но, очекуваме идната година ноќниот живот да биде многу подинамичен, бидејќи тоа е смислата на фестивалите - луѓето да се дружат и да се забавуваат. Така би сакале да привлечеме и туристи, а Битола да стане центар каде што ќе се собираат млади филмаџии и љубители на културата од целиот регион, секое лето или на почетокот од есента, за да се забавуваат и да уживаат во филмот. Ете тоа би било продолжението на таа иницијална мисла.
Фестивалот беше распространет ширум Битола, покрај главната поставка - кажете ни повеќе околу тоа?
Тимот на „Божиновски часовници и накит“, Игор Божиновски и Тоше Ивановски беа од клучно значење за овој аспект на фестивалот. Тие ја организираа целата офф програма која се состоеше од изложби, улични перформанси на разни артисти, обука на тинејџери кои сакаа да научат како се снима филм, и музичари кои раскажуваа филмови и така ги анимираа минувачите и намерниците, или пак ги најавуваа следните настани на фестивалот. Сите тие беа дел од филмската приказна што ја раскажа градот Битола. Со други зборови, годинава не бевме изолирани само во кино салите на Центарот за култура и новото кино “Манаки”, и во просториите каде што се одржуваа работилниците и конференциите за медиуми, туку фестивалот се случуваше и надвор. И како никогаш досега градот Битола живееше филмски. Сите овие настани од маргините, ги повикуваа луѓето да одат во кино. И навистина имавме бројна публика.
Што е она кое би сакале да го истакнете како исклучително важно за фестивалот Браќа Манаки 2021?
ИФФК „Браќа Манаки“ е најстариот и прв фестивал во светот кој е посветен на уметноста на кинематограферите. Нашата цел беше да ја продолжиме таа традиција. Битола и ИФФК „Браќа Манаки“ во минатото биле домаќини на најголемите светски мајстори на филмската камера. Зборуваме за великани кои освојувале по или повеќе Оскари и други големи светски награди. Згора на тоа, од нашиот фестивал се очекува и високо квалитетна натпреварувачка програма.
Исклучителниот фестивалски тим кој што го имавме годинава, и покрај тоа што беше помалуброен од порано, работеше макотрпно за да ги исполни очекувањата во обете категории и успеа во тоа. Благодарејќи им нив, и покрај сите предизвици, годинава имавме успешен фестивал. Селекторите ни ги донесоа најдобрите филмови од најсилните свтески фестивали, а двете најголеми награди им беа врачени на врвниот австриски кинематогарфер Кристијан Бергер и наизвонредната британска композоторка на филмска музика Џослин Пук, кои допатуваа со големо задоволство во Битола за да ги примат.
Раскажете ни за крај кои мигови ќе останат во вашата меморија засекогаш, од ова фестивалско издание а ги немате споделено со пошироката јавност?
Итересно е дека на крајот кај мене останале само убавите спомени. Кафето и муабетот на Широк сокак со господинот Бергер и неговото семејство. Вечерата со жири комисијата во Белата куќа. Извонредните работилници на Џослин Пук и Грег Малканџи. Пријателството што се разви меѓу нив смеата од анегдотите што си ги раскажуваа во текот на вечерата. Прекрасното вино што го пробавме во Дихово. Задоволните лица на нашиот тим и на нашите домаќини и соработници од Битола по завршувањето од фестивалот. Се чини дека токму тоа задоволство му дава смисла на се што сум правел и ги избришало сите маки низ кои сме минувале на патот до тука. За такво нешто повторно вреди да се врви истиот пат.