Како изгледа едно (поспано) утро на водител на утринска емисија, со Искра Мишиќ: „Наутро сум жив намќор, или на македонски НЕМТУР“

Точка

23/03/2022

21:58

243.848

Големина на фонт

а а а

Искра Мишиќ е долгогодишен водител на разни забавни емисии, а во последниве години ја гледаме на Утринската програма на Алфа телевизија - „Добро утро секое утро“.

Веројатно голем дел од вас ќе се согласите дека станувањето рано наутро би го замениле за било што, само да поспиете уште малку.

А, дали некогаш сте се запрашале како успеваат водителите на утринските емисии секогаш уште од 5 часот да бидат будни, одморени, насмеани, расонети и расположени за нас пред малите екрани?

Сепак, не е сè онака како што нам нѝ изгледа. Барем за тоа сведочи и Искра Мишиќ, која на хумористичен начин за Точка открива што сè се крие зад нејзиното 'расположено, насмеано и одморено утро пред малите екрани'.

Нејзиниот ден започнува во 04:20 минути, па вели: „Самиот факт дека тогаш ми почнува денот, доволно говори. Им завидуваш на сите живи суштества кои сè уште спијат, дури и на невработените. Се прашувам што сум згрешила во претходниот живот“.


Колку време водиш утринска програма и како ти оди станувањето рано?

На утринска сум отприлика 2 години. Никогаш порано не сум водела утринска и секогаш сум им се воодушевувала на тие кои успеваат толку рано да се веќе дотерани и спремни и орни за работа. Јас не сум утрински тип. Наутро сум жив намќор, или на македонски НЕМТУР. Сакам денот да го започнам во апсолутна тишина и што е најважно да го започнам кога јас сакам, односно кога ќе бидам подготвена за нов ден.

И покрај сиот напор, не успеав да се навикнам на рано станување. Но, работата не би ја променила, само тајмингот. Утрото е прекрасно, само доаѓа во незгоден термин.


Имаш ли правило во колку часот да си легнеш, кога наредниот ден си на емисија? 

Токму тоа е една од најголемите заблуди. Не можеш да заспиеш кога сакаш, напротив тогаш сите сетила ти се најизострени и што и да правиш, сонот не доаѓа.

Кој ти е најтешкиот дел од станувањето и како успеваш да го 'победиш'?

Хаха, секој дел од станувањето е тежок, отворањето очи, па повторно затворањето, па повторно отворањето... Која сум јас? Каде сум? Кој ден е денеска? Колку е часот? Зошто по ѓаволите ѕвонат алармите?


Има ли предност станувањето толку рано? Што би издвоила како позитивно?

Верувам искрено дека таква предност постои некаде во друг универзум.

„Ако си станат, не значи дека си буден. За да се разбудиш, мора да престанеш да спиеш“. Како се будиш ти?

А кој вели дека се будам? Тоа е мудрост која некој паметен ја рекол, тоа не значи дека мене ми успеало.

Кој е твојот совет за сите што имаат работни обврски уште во рани зори, а имаат проблем со станување?

Или да променат работа или временска зона.


Автор: Цеце Николова
Фото: Приватна архива



Спонзорирани линкови

Маркетинг