„Netflix“ се соочува со големи проблеми: Стриминг платформата губи претплатници и отпушта вработени

Супермен

18/05/2022

14:12

8.668

Големина на фонт

а а а

„Netflix“ отпуштил околу 150 вработени, еден месец откако за првпат во последните 10 години објави дека се соочува со загуба на претплатници.

Отпуштањата главно ќе влијаат на подружницата во Калифорнија во која работат околу 2 отсто од северноамериканскиот персонал. „Netflix“ како причина за отпуштањата го наведува падот на приходите, пренесува „BBC“.

Не е откриено кои делови од бизнисот ќе бидат засегнати, но „Los Angeles Times“ објави дека станува збор за секторите за вработување, комуникации и содржини.


Стриминг платформата се бори со намалување на бројот на претплатници. Во април, „Netflix“ ја изненади јавноста со објавата дека загубиле 200.000 претплатници во првиот квартал од 2022 година и предупреди дека може да остане без уште 2 милиони во следниот квартал. По ваквата објава, нивните акции се намалија за 35 отсто за еден ден. Сега се тргува со нив по 190 долари, што е 46 отсто помалку отколку пред објавувањето на падот на бројот на претплатници.

Иако „Netflix“ има 220 милиони претплатници на глобално ниво и очигледно останува лидер на пазарот, во последно време се соочува со жестока конкуренција од платформи како што се „Disney Plus“, „HBO“ и „Prime Video“ на „Amazon“.


Во минатомесечниот извештај за заработка, компанијата навела дека на бројот на претплатници влијаела војната во Украина и одлуката за зголемување на цените во САД. Се проценува дека само повлекувањето од рускиот пазар однело 700 илјади претплатници на „Netflix“.

Некои аналитичари сметаат дека по зголемувањето на бројот на претплатници за време на пандемијата, „Netflix“ остана без едноставни начини за развивање на работењето. Компанијата е во потрага по поевтин бизнис модел заснован на реклами, а се шпекулира и дека планира да го спречи споделувањето лозинки помеѓу домаќинствата.


Спонзорирани линкови

Маркетинг
назад до tocka.com.mk