„Nevera е МРТВА“, објави „Motor1“, алудирајќи на завршувањето на производството на електричниот хиперавтомобил. „Rimac Automobili“ ги изработува последните 10 примероци од „Nevera R“, кои треба да им бидат испорачани на купувачите до крајот на годината.
„Motor1“ наведува дека вкупно ќе бидат произведени 71 примероци од „Nevera“: 51 стандарден примерок и 20 примероци од верзијата „Nevera R“.
Мате Римац во видео објавено на Инстаграм изјави дека „Nevera“ е најпродаваниот електричен хиперавтомобил во светот.
„Мислам дека тоа сепак е прилично добар резултат. Тоа е најпродаваниот електричен хиперавтомобил во светот. Без него денес немаше да постои „Tourbillon“, ниту оваа фабрика. Значи, ја исполни својата цел. Мислам дека тоа е прилично интересен автомобил кој ќе има свое место во историјата. Им благодарам на сите сопственици кои беа дел од ова неверојатно патување“, рече Римац.
Римац во 2018 година го претстави концептот „C Two“, од кој настана „Nevera“, а првичниот план бил да се произведат 150 примероци.
Четирите електромотори во „Nevera“ развиваат 1914 коњски сили, а автомобилот забрзува до 97 км/ч. за 1,85 секунди. Сериската верзија беше претставена во 2021 година.
„Nevera“ може да постигне максимална брзина од околу 415 км/ч. и да помине четвртина милја за 9,1 секунда. „Nevera R“ развива 2107 коњски сили, забрзува до 97 км/ч. за 1,74 секунди, до 200 км/ч. за 4,38 секунди, а до 300 км/ч. за 8,66 секунди.

„Motor1“ пишува и дека „Rimac Group“ работи и надвор од пазарот на хиперавтомобили. Меѓу нејзините оддели е „Rimac Technology“, кој развива и испорачува напредни компоненти за електрични возила.
„Rimac Group“ има голем удел во компанијата „Bugatti Rimac“, заеднички потфат основан во 2021 година. Порталот наведува дека од ова партнерство произлезе „Bugatti Tourbillon“, хибриден хиперавтомобил со три електромотори и атмосферски 8,3-литарски V16-мотор, кои заедно развиваат 1800 коњски сили.
„Motor1“ го споменува и „Verne“, автономното роботакси на Римац и услугата за превоз на повик. „Verne“ го споредува со „Cybercab“ - автономно двоседно возило на „Tesla“ без волан. „Cybercab“ од септември оваа година превезува патници во ограничен дел од Остин.













