За „Yugo“ и неговата легендарна завршна обработка, во САД се раскажуваат шеги и вицеви уште од 1985 година кога овој автомобил „стапна“ на американскиот континент.
Чинеше само 3.995 долари, а многу брзо стана култно возило и тоа не поради претераниот квалитет, туку поради низата проблеми и скромните безбедносни функции.
Интересно, возилото со кое речиси сите се шегуваа сега ја доживува својата втора младост, односно се чини дека цените на овој, сега веќе олдтајмер, растат.
Според огласот, овој преживеан „Yugo GVL“ од 1988 година го поминал речиси целиот свој работен век во Калифорнија и е во одлична состојба. Има стандарден 1,1-литарски четирицилиндарски мотор со 55 коњски сили и 77 Nm вртежен момент.
Менувачот е мануелен, со четири брзини, а автомобилот има поминато само 69.000 километри.
Внатрешноста исто така изгледа пристојно, а на надворешноста има само неколку мали оштетувања.
Продавачот на ова „Yugo“ бара 8.000 долари за автомобилот, што, се чини, е знак дека овој модел (барем во САД) полека добива на вредност.
Дали продавачот навистина ќе добие толку? Засега никој не знае, но цената би можела да биде показател дека култниот автомобил доживува втора американска младост.