Со години Швајцарија важеше за една од најпосакуваните дестинации за образовани работници од странство. Високите плати, безбедноста и квалитетот на животот привлекуваа илјадници експерти од Европа и од други делови на светот.
Но, швајцарскиот пазар на труд во последните години се променил, а сè поголем број странски работници се соочуваат со тешкотии при наоѓањето ново работно место, пишува швајцарскиот „Биланс“.
„Биланс“ ја пренесува приказната за жена по име Кармен П. - шпанката која пристигнала во Цирих кон крајот на 1990-тите и работела во ревизија за околу 100.000 франци годишно, за нејзината плата по преминувањето во индустријата за медицинска технологија да порасне на речиси 250.000 франци.

Откако останала без работа поради економски причини, ситуацијата се променила. Денес работи хонорарно во областа на набавките и тврди дека тешко наоѓа постојано вработување, меѓу другото и поради недоволното познавање на германскиот јазик.
„Швајцарија некогаш беше многу интересен пазар за странците. Но, ветерот се сврте и на странците им е сè потешко да најдат работа“, изјавила таа.
Статистиката потврдува дел од тој впечаток. Според податоците на Меѓународната организација на трудот (ILO), стапката на невработеност, односно барање работа, кај граѓаните на ЕУ и ЕФТА во Швајцарија во вториот квартал од 2026 година изнесувала 6,6 отсто, додека кај швајцарските државјани била 3,4 отсто. Тоа е највисоката вредност за вториот квартал уште од 2016 година.
Особено се влошила ситуацијата за високообразованите странци кои релативно неодамна пристигнале во земјата. Швајцарските медиуми наведуваат дека во последните години се зголемил бројот на такви лица кои се пријавуваат во регионалните канцеларии за вработување.

Во кантонот Цирих, на пример, кај странците со високо образование стапката на невработеност достигнала четири отсто, додека вкупната стапка во кантонот во јули изнесувала 2,9 отсто. Надлежните служби заклучуваат дека положбата на високообразованите странски работници на швајцарскиот пазар на труд во последните години се влошила.
Швајцарија и понатаму привлекува странски експерти со високите плати и високиот животен стандард. Но, експертите предупредуваат дека многумина пред доаѓањето ја потценуваат високата цена на животот во Швајцарија.
Јана Сенина, која со години работела како регрутерка во „Гугл“ во Цирих, рекла дека нејзините странски кандидати по правило на првата работа во Швајцарија заработуваат 20 до 30 отсто помалку од нивните швајцарски колеги.
Големата номинална разлика во однос на платата во матичната земја затоа брзо се намалува кога ќе се пресметаат трошоците за домување, здравствено осигурување и другите животни трошоци.

Швајцарија и понатаму многу високо котира според квалитетот на животот. Во меѓународното истражување на платформата „InterNations“, таа го зазела осмото место меѓу 31 земја според овој критериум, а особено добро била оценета за чистата животна средина и безбедноста.
Пазарот на труд дополнително го менува и вештачката интелигенција. Матијас Мелени, поранешен директор за човечки ресурси и основач на консултантската компанија „Peoplexpert“, смета дека сегашната криза за странците не е само последица на послабата економија.
Странските работници од ЕУ често работат на високо квалификувани, но сепак рутински работни места, кои сè повеќе можат да се автоматизираат. Истовремено, компаниите поради притисокот врз трошоците некои работни места повторно ги преместуваат во земји со пониски плати.