Светски познатиот пијанист Дејан Илијиќ и стипендист на Беркли настапува на фестивалот „Крај Вардарот Џез“

Точка

20/09/2022

09:37

149.873

Големина на фонт

а а а

Дејан Илијиќ е светски познат пијанист и фронтмен на водечкиот српски џез состав Ејот од Ниш, кој настапува на 23 септември во Македонската филхармонија во рамките на интернационалната вечер на годишното издание на фестивалот „Крај Вардарот Џез“.

Фестивалот е во организација на реномираната скопска дискографска куќа ПМГЏез. Ејот е возбудлив состав, кој романтично и еклектично комбинира џез со локални, но и светски етно мотиви. Дефинитивно, најзафатениот српски џез ансамбл, според бројот и фреквентноста на настапите ширум светските џез арени.

Поздрав Дејане. Ниш е така блиску, а така далеку од нас. Дали имате некое посебно чувство кога доаѓате овде, или за вас, тоа е само уште едно од многуте гостувања кои ги имате ширум светот?

За Скопје не врзуваат многу нешта, а првенствено фактот дека нашиот прв албум “Horizon“ го снимивме во вашиот град, во студиото “F.A.M.E.S“ во 2009-та година. Мислам дека конечно ќе имаме извонредна можност адекватно да го претставиме нашиот материјал пред вашата публика, особено на такво место како што е Македонската Филхармонија. Фактот дека тоа се случува токму во рамките на вашиот фестивал, кој претставува огромно освежување, како за македонската, така и регионалната сцена, го чини овој настап посебен.


Јасно е дека Ејот ужива одреден углед ширум глобусот. Кои концерти/фестивали/настапи би ги одвоил како есенцијални за успехот на бендот?

Настапот на Нишвил 2009, настапот на Џез фестивалот во Дубаи 2010, потоа победата на МИДЕМ натпреварот во Кан 2011, турнејата низ Азија во 2012 и настапот на Белградскиот Џез фестивал во 2013та. Тоа би биле некои темели за кариерата на бендот. Подоцна би ги издвоил концертите по култните џез клубови во Лондон (Jazz Café), Париз (Sunset Sunside), Цирих (Moods), Јокохама, како и огромната руска турнеја во 2018та година. За крај, би го издвоил снимањето на четвриот албум на Ејот, заедно со фамозниот продуцент Стив Албини во Чикаго и веројатно снимањето на концертот на Сува Планина, на надморска височина од 1500 метри.


Дејан, ти и како соло пијанист, имаш многу акција наоколу. Може ли нешто повеќе за тоа?

Покрај кариерата со Ејот, имам и динамична концертна соло кариера. Досега, имам издадено 6 албуми, најмногу за соло клавир. Покрај тоа, пишувам музика и за филм и театар. Минатата година запишав специјализација на Беркли, отсек филмска музика и оркестрации за филм и тв. Само пред еден месец, од Беркли добив Berklee Celebrity Scholarship, врз база на мојата досегашна работа. Се доделуваат вкупно 16 стипендии, а за мојот отсек 2 или 3. Тоа е навистина огромен поттик за мене и секако потврда дека сум на добар пат. Моментално работам на музиката на Ејот, аранжирана за симфониски оркестар и се надевам дека публиката ќе има можност да ја слушне во блиска иднина.


Како би ја опишал музиката на Ејот? Од каде се црпевте инспирација? Лоцирај ни го малку звукот...

Нашиот звук е многу еклектичен. Од амбиентална музика, преку рок, џез, традиционална балканска музика (првенствено Македонска), па се до класична музика на дваесеттиот век и панк рок. Тоа ни помогна да имаме доста разновидна публика и ни овозможи да го оствариме сето ова досега.


Доколку имате, кои се вашите очекувања од настапот во Скопје?

Се надеваме на успешен настап и убава атмосфера, која ќе ја паметиме и ние и публиката. Особено ни е драго дека стануваме дел од историјата на фестивалот „Крај Вардарот Џез“. Ќе имаме можност да се сретнеме со пријателите, соработниците и секако да запознаеме нови луѓе, кои ги интересира овој вид уметност. Баш сме возбудени и едвај чекаме да почнеме да свириме.


Дали пропуштивме нешто да те прашаме што за тебе е значајно да го истакнеш?

Па би напоменал дека сум роден во Македонија, во градот Гевгелија и да бидам искрен тоа ми прави да го чувствувам и овој настап како големо нешто за мене лично. Се гледаме во петок во Филхармонија.




Спонзорирани линкови

Маркетинг