„Луфтанза“ е духовен квадар - геометриско тело со шест страни, тело полно музика и другарство

Точка

04/10/2022

09:31

154.575

Големина на фонт

а а а

„Луфтанза“ е еден од македонските водечки бендови на новата генерација, кој носи свежина, автентичност и неисцрпни количества младешка енергија. Пред само неколку денови го издадоа нивниот нов албум „Давор“ за ПМГ Рекордингс, а на фестивалот „Градот ме тера да пеам“ во сабота, во МКЦ, на 8 октомври ќе се претстават со целовечерен концерт, каде на сцената ќе го промовираат нивниот најнов албум

Луфтанза се млад македонски бенд со експериментален и агресивен дух, кој спојувајќи ја својата гласност, лутина, љубов и агресија контрираат на жанровските определби, еднодимензионалоста и конформизмот на фабричката еднолична музика. Шест испотени другари кои свират и напорно работат во својата неклиматизирана гаража од почетокот на пандемијата, со три албуми под своето име, а четврт, штотуку излезен и подготвен да ви ги искорне ушите.

Луфтанза се: Мартин Џорлев, Андреј Димовски, Раде Биковски, Виктор Стојановски, Лука Јованоски и Иво Николовски. Во 2021-ва година буквално експлодираа на концертната сцена, а нивните настапи беа проследени од многубројна млада публика, што ги чини највозбудлив и најуспешен бенд на новата генерација. Млади, амбициозни и културно освестени, тие се предодредени да запишат релевантна историја во современата македонска музика. Вистински ѕвезди во перспектива.


Како настана Луфтанза? Сите имате свои проекти, што е тоа што ве собра и задржува заедно?

Луфтанза настана поради тоа што им се свиреше на шест души. Се собраа на таванот кај Виктор (момчето кој им е тапанар) и направија една проба, па уште една, па уште една, па уште една... Секоја душа си има свој глас, свој проект, свој печат, но тоа што ги задржува тие шест души во Луфтанза е дека Луфтанза е всушност духовен квадар - геометриско тело со шест страни, шест перспективи, тело полно музика и другарство.

Имате доста слободен однос кон работата. Можете да снимите 3 албуми одеднаш, или да издадете една песна онака спонтано. Не сте робови на класичната рокенрол форма. Зошто е тоа така?

Има доволно бендови кои се робови на таа форма, што патем сѐ уште се следи и практикува и функционира поради страв од испробување нови работи, всушност страв од лоша критика и помалку пари во џебот. Аксиомата гласи "музика за музиката", нема форсирање на работите, има само многу љубов и многу работа.


Во последнава година успеавте да изградите име за себе во нашава земја. Подобро се запознавте со реалноста на сцената. Како ви изгледа целава работа од овој агол?

Изгледа како на сите да им е смачено. Смачено од монополот на радијата, на телевизиите и генерално на речиси сите најраспространети медиуми кои одредени луѓе го имаат и користат за штанцање на еднолични, бездушни, но прилично профитабилни продукти. Смачено им е од стравот дека нема место за уметничка работа во Македонија, дека од тоа нема леб. Ги земаме работите во свои раце заедно со другарите од Гола Планина.


Многумина ве доживуваат како предводници на новата генерација рокенрол бендови, која делува многу посвежо од на пример минатата. Што чувствувате по повод тоа?

Ние сме само дел од новиот бран, новата перспектива која значи помалку да се чувствуваме поразено и беспомошно. Работите се вакви бидејќи некој така одлучил, не дека така мора да бидат. Некои луѓе во индустријата одлучиле „нема пари од овие бараби, па затоа не заслужуваат место на големата сцена", иако, токму во подземјето - буквалното подземје и она што наликува на него (гаражи, невентилирани ателјеа - всушност детски соби, прашливи студија со несочувани филмски ленти) - се прави вистинската културна промена.

Новиот албум се вика „Давор“. Зошто баш Давор? И збор два повеќе за албумот.

Давор ни е еден од најдобрите другари. Давор е прекрасен човек. Давор е среќен човек понекогаш тажен, или можеби тажен човек, понекогаш среќен. Давор е концепт. Давор е сѐ што сакате да биде, но нешто што е несомнено: Давор кака.


Вашиот прв целовечерен концерт во кариерата ќе се случи токму на ПМГ Рекордингс Фестивалот ГРАДОТ МЕ ТЕРА ДА ПЕАМ. Што може да очекува публиката?

На публиката и се препорачува да биде подготвена за прашањето „Дали ќе ми помине ова или сум развил тинитус?" по патот накај дома. Ќе има и тивки моменти секако, така да земете запалки (телефони се безвезни). Соучесници во нашата тинитус-спроведувачка мисија се и „Хајка“ и „Cut your nipple“. Се гледаме на 8ми.

Фото: Димитар Апостолов



Спонзорирани линкови

Маркетинг