Интервју со Стерјо Папули: Иднината на влашката заедница е дел од иднината на Македонија

Точка

29/05/2025

11:51

346

Големина на фонт

а а а

Точка интервју со Стерјо Папули, Претседател на Партијата на Власите во Македонија.

Минатата недела, со Свечена академија во МНТ беа одбележани 120 години од прогласувањето на 23 Мај за Национален ден на Власите. Што значи овој ден за Вашата заедница и зошто е важен да се чествува на државно ниво?

За нас Власите, 23 Мај е повеќе од симболичен датум – тој е темелот на нашето современо национално постоење. Тоа е ден кога влашкиот народ бил официјално признаен како милет од страна на тогашната Отоманска империја, со што добил права на организирано образование, верска и културна автономија. Заедницата со векови наназад активно придонесува во градењето на културниот, економскиот и историскиот мозаик на Македонија. Овој ден е важен затоа што ни дава прилика да ја афирмираме таа историја, но и да укажеме на потребата од негова институционална валоризација. Затоа сме особено благодарни што 23 Мај се слави и како празник на малцинска заедница во државата, и тоа е чекор што го потврдува нашето место во општеството.

Свечената академија по повод празникот годинава имаше историска тежина – за првпат присуствуваше и премиерот. Како го гледате овој гест?

Оваа година беше навистина посебна. За првпат, академијата по повод 23 Мај се одржа со официјална поддршка од Владата и со присуство на највисоки државни претставници. Премиерот Христијан Мицкоски не само што присуствуваше, туку и се обрати со срдечен и одговорен говор, во кој јасно се истакна потребата од конкретни мерки за зачувување на влашкиот идентитет. Тој чин ни даде до знаење дека заедницата не е оставена на маргините. Тоа е охрабрување, но и обврска – и за нас, како заедница, и за државата – да го продолжиме дијалогот и да ги конкретизираме заложбите во реални политики.


Кои се актуелните приоритети на Партијата на Власите во Македонија, како политички претставник на заедницата?

Нашиот приоритет отсекогаш бил јасен – долгорочна заштита на културниот, јазичниот и националниот идентитет на Власите во Македонија. Тоа подразбира системска поддршка за наставата на влашки јазик, финансирање на културни проекти, стимулирање на медиумите што информираат на влашки и отворање на можности за младите Власи во образованието и јавниот живот. Сакаме да изградиме функционален систем кој нема да зависи само од ентузијазмот на поединци. Потребна ни е рамноправна и институционална интеграција, која ќе значи постојано присуство и учество на Власите во сите нивоа на општественото живеење.

Еден од клучните проекти што го споменувате е „Влашка Куќа“. Што претставува овој проект и до каде е во моментов?

„Влашка Куќа“ е наш најголем и најамбициозен културен проект – замислен како мултифункционален центар кој ќе биде срцето на влашката култура, традиција и едукација. Таму би се одржувале работилници, изложби, курсеви за јазик, концерти, претставувања на автори и уметници. Тоа е и простор каде што ќе се дигитализира и архивира богатото влашко наследство. Проектот веќе беше официјално презентиран пред претседателката на државата, Гордана Силјановска Давкова, која изрази целосна поддршка. Се надеваме дека и Владата ќе има слух и дека во следниот буџет – или најдоцна во наредните две буџетски години – проектот ќе биде вметнат и ќе почне неговата реализација.

Каква е реалната состојба со наставата на влашки јазик во образовниот систем денес?

Ситуацијата не е охрабрувачка. Иако формално постојат можности за изучување на влашкиот јазик, реално недостасуваат обучени наставници, современи учебници, методологија и соодветна логистика. Има родители и деца кои се заинтересирани, но системот не нуди долгорочна поддршка. Ако сакаме сериозно да го спасиме јазикот од исчезнување, мора да вложиме во нови кадри, да создадеме професионални ресурси и да го интегрираме јазикот не само во училиштата, туку и во медиумите, културните институции и јавниот простор.


Каде ја гледате влашката заедница во иднина и што треба да се направи за да остане жива и активна?

Ја гледам како модерна, свесна и горда заедница која знае кој е и што претставува. Но, за да стигнеме таму, мораме сите заедно, и заедницата, и државата – да направиме реални чекори. Влашката култура, јазик и идентитет се составен и нераскинлив дел од богатото културно ткиво на нашата држава. Тоа значи отворање на институции за култура и наука на влашки јазик, создавање платформи за младите Власи, афирмирање на нашите интелектуалци, артисти, занаетчии. Не сакаме да бидеме само фолклор. Нашата иднина е во современото присуство – на социјални мрежи, на академиите, во медиумите, во политиката. Иднината на Власите е и дел од иднината на Македонија.

Кои се Вашите очекувања од државата и од поширокото општество?

Очекуваме фер третман, почит и поддршка. Не бараме ништо повеќе од она што ни припаѓа како автохтона заедница. Потребна ни е доследна примена на Уставот и законите, континуиран дијалог со институциите и отвореност за соработка. Од поширокото општество очекуваме разбирање, солидарност и прифаќање. Македонија ќе биде посилна кога секоја заедница ќе може слободно да го негува својот идентитет. А Власите, како и досега, ќе останат верни и активни градители на заедничката иднина.