Катерина Кокина: „Да се биде најплатена извршителка носи сатисфакција за ангажманот во спроведувањето на правдата“

Точка

19/10/2022

10:08

160.300

Големина на фонт

а а а

Во продолжение прочитајте го интервјуто со Катерина Кокина, направено од „Пари.мк“.

Како гледа на извршувањето и на дисциплината за плаќање најуспешната извршителка?

Со нето-добивка од над 130.000 евра, канцеларијата на извршителката Катерина Кокина остварила најголем профит во 2021 година. Добивките на извршителите, обично, предизвикуваат негативни реакции во јавноста, но Кокина вели дека тие се огледало за успешноста на реализацијата на извршните исправи, односно дека „јавноста не би требало да демонстрира негативен прием на веста дека ефикасно се спроведуваат судски и останати одлуки“.

Кокина не се крие од јавноста. Таа со задоволство прифати да зборува за „Пари”, откако ја објавивме листата на извршители со најголеми добивки (https://pari.com.mk/ekskluzivno-34-milioni-evra-profit-sobrale-lani-izvrshitelite/). Најголем успех, како што вели Кокина, ѝ е наплатата на 5,5 милиони евра во едно извршување. Таа објаснува и дека во сите европски земји, освен во една, постои приватно извршување. Причините за приватното извршување, Кокина ги објаснува со поставување на прашањето: „Зошто треба државата да троши средства за побарување коешто е помеѓу две приватни лица?”, а потсетува и на тоа дека извршувањето во судот беше бавно и неефикасно.


Пари: Дали по објавувањето на Вашето име, како извршителка со најголем профит во текот на минатата година, се соочивте со негативни коментари во јавноста?

Кокина: Со објавувањето на моето име како извршител со најголем профит добив сатисфакција за мојот ангажман и залагањето во спроведување на правдата преку успешна реализација на извршните исправи. Клиентите и соработниците, секако, изразуваат задоволство дека добиваат, да речеме, некој вид јавна потврда дека соработуваат со извршител што работи ефикасно. Јавноста не би требало да демонстрира негативен прием на веста дека ефикасно се спроведуваат судски и останати одлуки.

Пари: Сметате ли дека законската регулатива е праведна кога дозволува да се направи нето заработка од над 130.000 евра за една година од наградите и другите надоместоци кои следуваат во процесот на извршување?

Кокина: Законската регулатива не може да биде проценета дали е добра или лоша ако не е познат следниот податок: извршниот процес го спроведува извршителот, за што ангажира сопствени материјални ресурси и персонал. При спроведување на процесот, извршителот одговара за законитоста. Одговара материјално, кривично и дисциплински. Се поставува прашање дали ваквата одговорност и ангажман на извршителот е соодветно наградена ако се земе предвид дека во една извршна постапка од вкупните извршни трошоци извршителот задржува околу 20 проценти. Останатите трошоци одат кон проценители, геометри, полномошници на странките и други материјални трошоци. Истовремено, треба да се има предвид заработувачката на сите канцеларии, како и компаративно тарифите и профитот остварен во соседните земји.

Пари: Колку извршувања имавте во текот на минатата година?

Кокина: Вкупно сме примиле 3.125 барања за извршување, од вкупно 123.668 примени барања кај сите 99 извршители.

Пари: Комората на извршители неодамна се пожали дека за многу извршители ова станува неисплатлива работа. Оттаму побара законски измени и надомест за отпочнување на извршувањето. Што сметате Вие?

Кокина: Комората подолго време се бори за да се унапреди статусот на извршителите. Имено, станува збор за една состојба во извршувањето за којашто јавноста нема слух. Постојано се зборува за извршителите што заработиле многу. Јас сметам дека Комората, а и државата, треба да се грижи во сите извршителски канцеларии да се извршува службата. Не е проблемот кај тие што имаат доволно работа и приходи. Потребно е насекаде во Македонија да има извршители коишто имаат капацитет да ја извршуваат работата.

Пари: Граѓанските здруженија бараат да се врати извршувањето во судовите. Кои се Вашите аргументи? Зошто тоа треба да остане кај извршителите, каква е предноста?

Кокина: Предноста на приватното извршување е сосема јасна наспроти извршување во судови. Државата не троши буџетски средства за спроведување на извршување. Државата троши средства за наплата на своите државни побарувања ‒ даноци. Зошто треба државата да троши средства за побарување коешто е помеѓу две приватни лица?! И не само тоа, извршувањето во судот беше бавно и неефикасно, а тоа, во крајна линија, создава правна несигурност. Во сите европски земји освен една постои приватно извршување. Исто така, кога се наведува „граѓанските здруженија“ не упатува доволно кои точно се тие здруженија и која е областа на нивната експертиза, имено, дали се детално упатени во областа на извршувањето. Важно е и дали тоа се здруженија на доверители или здруженија на должници. Ако доверителите бараат враќање на извршувањето во судот, тоа би значело дека извршувањето е неефикасно. Ако тоа го бараат должници, треба да се направи суштинска анализа на тоа од каде произлегува нивното незадоволство.

Пари: Како извршителка почнавте млада, на само 29 години. Како е да се биде млада дама во еден свет каде се врши присилна наплата? Доживеавте ли непријатности во своето работење?

Кокина: Со приватното извршување сум некако од самиот почеток, иако сум именувана 5 години по стапување во сила на Законот за извршување. Бев и сѐ уште сум млада, но со искуство на позиција извршител веќе 11 години и тоа е ретка и одлична комбинација. Нудиме ефикасна услуга. Ние сме една од ретките канцеларии што меѓу своите вработени има и заменик извршител; една од ретките канцеларии каде што има вработен што како мајчин јазик го зборува албанскиот. Сакаме да ги почитуваме интересите на учесниците во извршувањето.

Во целиот процес, секако дека има непријатности, со вработените сме на некој начин и психолози, веќе горе-долу можеме да претпоставиме од каде и каква реакција би дошла. Но, за среќа, изгледа дека граѓаните во последно време се доста информирани околу правилата во извршувањето и непријатните реакции се навистина ретки. Ете, од 3.000 предмети во 2021 година, значи околу 3.000 должници, дали неколку пати имало реакција во насока на неволност за соработка или пак изјавување приговори, а второто е сосем легитимно право на странките.

Пари: Кои се најголемите процеси на извршувања на кои сте работеле?

Кокина: Најголемата сума што ја имам наплатено на посебната сметка во едно извршување е 5,5 милиони евра и е импозантна сума за извршување на територија на државата. Детали околу конкретни предмети не би откривала, затоа што сметам дека тоа би било деловно некоректно.

Пари: Која е Вашата порака од досегашното искуство – што треба да се подобри во должничко-доверителските односи и во извршувањето?

Кокина: Низ годините, извршувањето ја постигна превентивната улога поради којашто меѓу другото беше воведено. Зголемена е дисциплината за плаќање. Големите доверители водат анализи за процентот на доброволна наплата и можам грубо да кажам дека е зголемена за околу пет пати.

За да се подобрат односите меѓу доверителите и должниците треба да постојат пари за да има непречен економски тек. Врз атмосферата во извршувањето директно влијае општата економска состојба. Законот за извршување и сродната регулатива тековно се менуваат согласно со потребите.

Утопија во извршувањето не знам дали постои, не знам дали може да стигнеме до момент да бидат задоволни и извршителите и доверителите и должниците. Но можеме да се надеваме на подобра економска состојба и напредок за сите.