Интервју со Марија Спасовска: „Макфест е само пресек на досегашните детски и тинејџ песни и почеток за нова модерна музика од мене“

Точка

20/10/2022

15:00

161.452

Големина на фонт

а а а

Младата и талентирана пејачка Марија Спасовска за првпат ќе настапи на 37-то издание на еден од нашите најреномирани фестивали, „Макфест 2022“ кој ќе се одржи на 21 и 22 октомври во Штип.

Спасовска јавноста ја запозна уште во 2018 година кога со нејзините 13 години ја претставуваше Македонија на детскиот Евросонг, кој тогаш се одржа во Минск, Белорусија.

Марија ќе се претстави со песната „Омилен“, на која таа лично се потпишува како автор на текстот и музиката, додека аранжманот е не познатиот продуцент Роберт Билбилов. За оваа песна Марија со својот тим од соработници веќе сними и видеоспот кој ќе биде промовиран веднаш после завршувањето на фестивалот...

Како течат подготовките за Макфест? Оди ли се според планираното?

Да, сега за сега сè оди според планираното. Видео записот за песната “Омилен” е веќе завршен во продукција на Urban Records, а ќе се објави веднаш по настапот на Макфест. Вокално сум подготвена, имав часови со мојата професорка Ана Дурловски. Кореографијата ми е спремна, готови сме со пробите со мојата режисерка Љупка Јакимовска. Нејзината сценографија е исто така готова и е во кореспонденција со организаторите на фестивалот. Сценскиот стајлинг е завршен од Занов и веќе се наоѓа кај мене.

Постои ли трема, возбуда пред настапот?

Позитивната трема секогаш постои, возбудата исто така. Возбудата и тремата значат дека ми значи настапот, ми значи моето претставување пред публиката. Токму затоа работам со мојата екипа на целосна подготвеност.

Песната е твое дело, односно музика и текст, додека аранжманот е на Роберт Билбилов. Дозволуваш ли некој да ти влијае во процесот на создавање на композицијата?

Во процесот на создавање мелодија и текст немам никакво влијание од никого. Тоа е моја емоција, моја креација. А секако кога таа мелодија и текст ќе дојде до процес на обработка во студио, самиот аранжман веќе е заедничка работа со продуцентот, овојпат Роберт Билбилов. И секако дозволувам во овој комплексен продукциски процес на создавање на целосното дело да влијае продуцентот за сето тоа да излезе максимално одлично, кое ќе ни се допадне на двајцата.

Ајде да откриеме на нашите читатели во каков аутфит ќе те видиме на сцената во Штип?

Аутфитот е готов. Треба да претпоставите дека креациите на Занов се секогаш модерни и тренди во чекор со современото време, па таков е и мојот аутфит. Другото ќе го откријам вечерта на 21 октомври, во петок, на сцената на Макфест.

Макфест досега низ годините има создадено многу хитови. Има ли некоја песна која ти е омилена или можеби би сакала да беше твоја?

Секако, Макфест е најреномираниот фестивал за македонска музика. Можам да речам дека ми се допаѓа песната “Долга Ноќ” од Маргарита Христова која ја препеав на сцената во Крушево минатата година на фестивалот “Сонце за три светови”. За тој фестивал ме повикаа и специјално ми ја доделија оваа песна како евергрин која оставила белег на македонската музика. Јас прв пат ја слушнав песната минатата година и по само неколку слушања ми стана одлична и за препев и за интерпретација.

Кој ќе те бодри во публика на 21 октомври?

Најмногу ме бодрат моите родители. Тие се секогаш покрај мене. Тие се главната моја поддршка и сила. Секако тука се и моите браќа Бојан и Андреј и сите мои другари и другарки кои веќе купија карти за дебитантската вечер, вечерта кога јас настапувам.

Какви се плановите по завршувањето на Макфест? Дали ќе бидеш поактивна и ќе те гледаме почесто или пак планираш некое мирно темпо?

Не. Овојпат нема мирно темпо и нема да има долги паузи. Со појавувањето на Макфест всушност започнувам со создавање на уште повеќе музика за македонската публика. Макфест е само пресек на досегашните детски и тинејџ песни и почеток за нова модерна музика од мене. Мојата следна песна е за скоро готова. Очекувајте побрз ритам и нова песна во следните два месеца од Марија Спасовска.



Спонзорирани линкови

Маркетинг